Достапни линкови

Коалициониот партнер Иса Мустафа бара гласање за недоверба на косовската влада


Косовскиот премиер Албин Курти и лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа

Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), коалиционен партнер во владата на Албин Курти, одлучи да иницира гласање за недоверба на владата формирана пред месец и половина, соопшти лидерот на ДСК, Иса Мустафа.

Тој рече дека причините се нарушените односи на Косово и САД поради одбивањето на Курти да ги укине таксите од 100 отсто за увоз на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, најавите на американските сенатори за можно повлекување на американската војска од Косово, суспендирањето на програмата на Корпорацијата милениумски предизвик на американската владата, и последно поради смената на министерот за внатрешни работи Агим Велиу.

„Ние не сакаме да бидеме дел од таква влада“, рече Мустафа на прес-конференција во Приштина во состанокот на претседателството на неговата партија.

Курти, кој е лидер на партијата Самоопределување, денеска го смени косовскиот министер за внатрешни работи и јавна администрација Агим Велиу, кој доаѓа од ДСК.

Велиу бараше воведување вонредна состојба поради пандемијата на коронавирус, додека Курти се противи, велејќи дека тоа е екстремна мерка. Претседателот Хашим Тачи предложи прогласување вонредна состојба, но таа одлука треба да ја донесе Собранието.

Мустафа бараше поништување на одлуката за смена на Велиу зашто тоа е прекршување на коалициониот договор, но Курти смета дека Велиу шири паника со изјавите дека бројот на заболени расте од час во час.

Инаку, Косово во 2018 година воведе такси од 100 отсто за увоз на српски производи како одговор на српската кампања за повлекување на признавањата на Косово. САД бараат укинување на таксите за да се обнови дијалогот Белград - Приштина.

XS
SM
MD
LG