Достапни линкови

Изложбата „Портали“ виртуелно за полесно поднослива изолација


Музеј на Град Скопје ,CreArt - мрежата на градови за креативни уметности и Град Скопје, во услови на одложување на целокупната планирана програма за Европскиот ден на уметничка креативност 21 март, решија on-line да презентираат дел од подготвените материјали за изложбата „Портали 2020“.

Во времево на светска пандемија и нагласени мерки за превенција и заштита од корона вирусот, безмалку целата култура, сите планирани активности на ова поле, се преселија на социјалните мрежи и на интернет. Во тој контекст, повеќе од разбирливо е што и Музеј на Град Скопје ,CreArt - мрежата на градови за креативни уметности и Град Скопје, во услови на одложување на целокупната планирана програма за Европскиот ден на уметничка креативност 21 март, решија on-line да презентираат дел од подготвените материјали за изложбата „Портали 2020“.

Затоа нималку не е чудно што во своето обраќање, потписниците на манифестацијата свесни на новонастанатата ситуација, во своето обраќање ќе запишат: Со согласност од сите уметници вклучени во изложбата „Портали 2020“ следниве десетина дена едноличноста на секојдневието при ИЗОЛАЦИЈАТА ќе се обидеме да Ви ја „убиеме“ преку делата на деветте врвни уметници-костимографи и сценографи од Македонија - Илина Ангеловска, Наташа Андонова, Марија Ветероска, Инес Гоља, Енез Деари, Никола Ефтимов, Розе Трајческа Ристовска, Сергеј Светозарев и Марија Пупучевска. Со убавина да му се спротивставиме на грдото лице на Ковид 19, или како веќе и да се вика вирусот.

Плакатот за претставата „Малиот принц“ на Енез Деари

„Музеј на Град Скопје се реши да оди он-лајн со претставувањето на дел од материјалите за изложбата „Портали“ во рамките на проектот CreArt со новонастанатите ситуации во државата. И тоа го правиме така што ден за ден на посетителите на Фејсбук профилите на оваа институција започнавме да им претставуваме делови од материјалот што го подготвувавме за Изложбата којашто требаше да биде отворена в сабота, на 21 март оваа година. Изложбата секако ќе биде отворена кога за тоа ќе се создадат услови, но во меѓувреме сакавме и времето на граѓаните кои сега се во домашни услови да го скратиме и да го исполниме со културни содржини од Програмата на Музејот. Токму и затоа ја почнавме оваа онлајн акција за претставување на делата на значајни македонски сценографи и костимографи кои со многу повеќе музејски експонати ќе ги прикажеме на изложбата „Портали“ “, вели Јасминка Намичева од Музеј на Град Скопје.

Таа и со појаснување дека на Изложбата, всушност, ќе бидат претставени досегашните опуси на девет уметници од Скопје кои својата креативност ја реализираат низ мноштво театарски и филмски проекти, во кои учествуваат со своите костимографски и сценографски дела.

Костимите на Розе Трајческа Ристовска за претставата „Љубовните пози на историјата“

Ангеловска, Андонова, Ветероска, Гоља, Деари, Ефтимов, Трајческа Ристовска, Светозарев и Пупучевска се генерација на уметници кои за публиката во Македонија и на Балканот во последните десетина години, израснаа во вистински театарски ѕвезди, пред кои сите треба да симнеме капа. Секој од нив со уникатен креативен израз, темелен врз опсежни анализи и многуслојно знаење на историјата на уметноста, архитектурата, етнологијата, магијата на илузијата и играта со светлината, алхемијата на земското и вонземското, во секоја одделна театарска приказна ни ги отстапуваат своите креативни визуелизации и ни овозможуваат материјализација на фантазијата. Во празниот простор на сцената, тие се ткајачи на животот-земски или вонземски, самовилски или човечки, при тоа обвиткувајќи ги суштествата со превез од ткаенина, која веднаш се престорува во панцирен оклоп, од кој може да се прочита историјата на социологијата, психологијата, филозофијата, сензибилитетот, модата и начинот на живот на сите класи и општествени слоеви. Сета таа уметничка алхемија, вештите магови на сцената ја истураат пред својата публика за чие миговно внимание единствено и живеат , пишува во подготвениот текст за каталогот кураторката Намичева.

Сцена од претставата „Макбет“ каде костимите се на Инес Гоља

Таа и со дополна дека токму таа креативна енергија која овие уметници штедро ја трошат во реализацијата на секој нов театарски потфат, претставуваше предизвик за Игор Таневски и за неа да ги претстават пред македонската уметничка јавност многубројните мастер дела на овие наши современи костимографи и сценографи, како едно врвно уметничко патешествие во кое без страста која ја носат овие уметници не бидува театар.

Кон ова само уште и информацијата дека Концептот на циклусот Портали- како еден вид отворен портал-метафора на градот Скопје, градот кој претставува симбол на историја изградена врз база на обиди и грешки, истрајноста и борбата за опстојување, продолжува да претставува рецентни дела на уметници од младата и средната генерација кои дејствуваат не само локално туку и глобално со своето сценско дизајнерско творештво во состав на екипите на театарска и филмска продукција.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG