Достапни линкови

ОФ-ФЕСТ 2020 со идеја за менување на светогледите


Со свежа и над сè возбудлива програма, во која се артисти како Иранецот Кајхан Калхор, дуото Лина и Раул Рифри од Португалија и од Шпанија, Италијанката Марија Мазота, Каталонката Силвија Перез Круз...од 2 до 6 јуни е планирано да се одржи 19-то издание на Фестивалот на светска музика ОФ-ФЕСТ.

Со повеќе од разбирлива внимателност од Скопје џез фестивал деновиве на социјалните мрежи ја објавија програмата за претстојното 19-то издание на Фестивалот на светска музика ОФ-ФЕСТ. Практично, она што грижливо го подготвуваа во безмалку изминатава година и артистите кој здравје боже, во овие денови на глобално живеење и справување со корона вирусот, на веќе прогласената светска пандемија, искрено се надеваме дека ќе ги видиме и слушнеме на почетокот од јуни годинава во Скопје и кои нема сомнение ОФ-ФЕСТ, како втор фестивал што го изнедри долгогодишната традиција на прочуениот СЏФ, ќе го однесат на едно повисоко ниво во неговото дво децениско постоење. Нешто што така грижливо низ годиниве се клеса и што на виделина од него прави херојски, слободарски чин во времево на изместени вредности и животни поимања.

Впрочем, не бадијала, Оливер Белопета и неговите соработници многупати досега имаат забележано дека „идејата беше да се создаде уште еден значаен музички настан, во различен период од годината и жанровски пошироко ориентиран“. Дека од таму, и иницирањето на ОФ-ФЕСТ се наметна како природен чин во ерата на глобализацијата, којашто резултираше со подигнување на креативноста, популарноста и свесноста за таканаречената „Музика на светот“. Ете и затоа, ОФ-ФЕСТ ја доловува развидноста на музиката од сите континенти, фокусирајќи се на одделни категории: од традиционалната, етно, фолк и изворна музика сè до современите, урбани и експериментални музички струења. А, во прилог на ваквото тврдење оди и листата на досегашните учесници, на оние што со кои реално през годиниве со нагласена љубопитност и без сомнеж во себе ги менувавме светогледите за ритмите, бунтовноста и боите на музиките кои живо пулсираат околу нас. На листата на која гордо исправени стојат Дејвид Брн, Цезариа Евора, МАДРЕДЕУШ, Сузана Бака, СПИРИЧУАЛЗИД, МЕРКУРИ РИВ, Мариза, МАСИВ АТАК, Ли Скреч Пери, Маркос Вале, Бебел Жилберто, ГОТАН ПРОЕКТ, Пети Смит, Мелинго, Кимо Похјонен, Анушка Шанкар, ТИНАРИВЕН, Уму Сангаре, Фотумата Дијавара...

Следствено, затоа и нималку не би требало да има сомнеж во најавата за претстојното издание на ОФ-ФЕСТ во кое, покрај инспиративниот плакат на маестро Зоран Кардула кој како и во случајот со Скопскиот џез фестивал и овојпат е човекот кој стои зад визуелниот идентитет на случувањето, организаторите горделиво ќе запишат дека „програмата е свежа, разновидна, силна и возбудлива, повеќе од било кога“. Ваквото свое тврдење го потпираат на серијата концерти којашто ќе биде отворена на 2 јуни во Македонската опера и балет со настапот на извонредното португалско-шпанско дуо Лина и Раул Рифри кое испорачува „осовремено и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници и звучност документирана на нивниот заеднички албум за дискографската куќа Глитербит што во последниве два месеца го освојува светот. Следната вечер во истиот Салон едно по друго следуваат Кајхан Калхор од Техеран со неговото кеманче и ореол на еден од највпечатливите промотори на музиката на древна и денешна Персија ( соработник на големите Јој Јо Ма и КРОНОС КВАРТЕТ меѓу другите) и неговиот музички побратим Ердал Ерзинчан од Турција на саз од чија изведба извира музичката традиција на Анадолија, а веднаш по нив и волшебната пејачка и раскажувачка позната по својот интимен, сензуален, заводлив и длабоко возбудлив настап Силвија Перез Круз од Барселона, истата онаа чиј глас може да се чуе на последниот албум на не исплаканиот Леонард Коен - „Thanks For The Dance“.

Силвија Перес Круз, Кајхан Калхор и Лина

Преселбата во Дансинг салата на Младински културен центар-Скопје на третата вечер на ОФ-ФЕСТ ги носи концертите на Италијанката Мариа Мазота, пејачката што имавме можност да ја чуеме во 2016 година на исклучително успешниот (херојски) концерт на КАНСОНИЕРЕ ГРЕКАНИКО САЛЕНТИНО во МНТ, а потоа и на нашите БАКЛАВА кои по трет пат ќе ги видиме на оваа манифестација овојпат со материјалот од нивниот одличен штотуку објавен албум „4“.

Следува африканската ноќ на која годинава ќе ги проследиме настапите на Блик Беси ( Камерин, Франција), „еден од најинвентивните и најоригиналните нови автори“, и по него САНТРОФИ од Гана, кои, пак, испорачуваат „фуриозен хајлајф фанк и афробит“.

Конечно, за крај се оставени колумбиските тропски велемајстори ЛОС ПИРАЊАС со својот „фасцинантен електро-психоделичен музички огномет“, АЛСАРАХ И НУБАТОУНС од Судан и САД со нивната источноафриканска ретро-поп визија, за да конечно се* кулминира со МАВИМБИ од Франција, „чии диџеј-сетови се еклектични, возбудливи, страсни и софистицирани и изнудуваат танц до зори“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG