Достапни линкови

Белопета - На ОФФЕСТ и на Скопски џез фестивал можеби треба да им се стави точка


Нам ни се случија партизирање на државата, немериторен систем и ќе биде наше прашање, не прашање на Европа, на Европска унија, на САД, туку ќе биде чисто НАШЕ прашање кога ќе ги пресечеме системските лоши процеси во државата кои конечно се набележани во извештајот на Прибе како домашни задачи. Без очекување дека Европа или Америка ќе ни се наметне со некоја сила, тие проблеми, вклучувајќи ја тука и културата, да ни помогне да ги решиме. Тоа се исклучиво домашни задачи. Европската унија и САД можат да гледаат само сеир, вели Оливер Белопета во разговорот за РСЕ, во деновите кога се одржува 17-то издание на ОФФЕСТ, фестивалот на една поинаква музика, музика на Третиот свет и силни политички и хуманистички пораки.

Господине Белопета, ОФФЕСТ повеќе години наназад се случува во амбиент на политички превирања, во време на криза. Се чини дека некако навикнавте да опстојувате во една такви неблагопријатни услови за реализација на овој фестивал на исклучително динамична и богата музичка понуда и нескриени политички пораки?

Политичката ситуација во земјава има многу повеќе влијание врз овој фестивал, врз ОФФЕСТ, отколку кај Скопскиот џез фестивал. Последниве неколку години ОФФЕСТ се одржуваше токму во такви услови. Два пати кога имаше Шарена револуција, што подразбира дека во вечерите кога се одржуваа концертите, луѓето беа на улица или „кампуваа“ пред влада. Се разбира дека тоа имаше многу негативен ефект во посетеноста, особено затоа што тој дел од Шарената револуција и тие луѓе што излегуваа на протестите се сепак, условно речено, некоја таргет група на Фестивалот. И еве ќе си кажам О.К. реално го имаше тој проблем со луѓето кои ѝ ја дадоа подршката на Шарената револуција, меѓутоа тогаш сите знаевме за што се боревме. Минатата година, исто за време на ОФФЕСТ имаше големи демонстрации. Тогаш беа „тврдокорните“. Јасно ни е на сите зошто тие се бореа. И сега еве, токму на средина на Фестивалот, за в сабота е закажан голем партиски митинг на ВМРО-ДПМНЕ, па сега се мислиме како ќе ги вртиме музичарите зашто ќе биде затворено целото централно градско подрачје, што значи дека пак не е добар амбиент за фестивалот. Само, со таа разлика што не ми е јасно за што ќе демонстрираат сега овие луѓе.

Иако, навидум можеби музички различни, обата фестивала што вие како организатор ги потпишувате се потпираат на слободоумните идеи. На потребата да се биде слободен и свој, само што во случајот со ОФФЕСТ тие пораки избиваат дури и во прв план.

Факт е дека Џез фестивалот е една друга приказна затоа што сепак традициите на џезот во светски рамки се далеку подолги отколку оваа експлозија на музиката од Третиот свет која е карактеристична за последните две-три децении. Се разбира ја знаеме и историјата. Џез музичарите секогаш биле слободоумни луѓе, демократски настроени. Секогаш поналево ориентирани, отколку кон десно. Тоа е во природата на самата џез музика и во природата на џез музичарите. Меѓутоа кај она што се нарекува сцена на Музиката на светот, важен податок е што нејзината експлозија се случи во време на глобализација. Тоа значи дека во тој период, во времето на обединување на Европа, се случи да станат ѕвезди еден Салиф Кеита, потоа Цезарија Евора и други. Притоа една од последиците беше што се испреплетија дури и музичките влијанија од сите континенти. Се разбира стана реалност соработката на музичари од разните поднебја, разните континенти. Тоа е убаво или помалку убаво, но неспорно е дека за разлика од џез музичарите овие од Третиот свет во првата линија, заедно со музиката, исфрлаат политички пораки затоа што сепак доаѓаат од земји кои имаат сериозни политички проблеми. Каде се борат со расизмот, за човековите права, за правата на жените... Не случајно Уму Сангаре е жесток борец токму за тие права. Сум бил во Африка и ги знам проблемите на африканските жени. Се разбира и нивната позиција. Дури и законска во општествата кадешто живеат. Таа борба е ставена во преден план и сега можеме да кажеме дека се судира со она што е актуелно на светската глобална политичка сцена, а тоа се судири на политиките европска или американска со руска. Судири на земјите од Европа, од Блискиот Исток, значи Египет, Сирија, Израел... Изгледа дека токму музиката е најсилното оружје во борбата за човекови права од овие земји. Зошто? Ќе кажам еден пример. Даниел Варо кој беше во Скопје е од Реунион Ајланд. Тој доаѓа од една земја во која нивниот креолски јазик и натаму не е признат. И не е официјален. Реунион Ајланд беше поранешна француска колонија и сè уште таму француското влијание е големо. Даниел Варо, борејќи се за правото за официјализирање на својот јазик, заврши во затвор и одлежа година-две. Меѓутоа кога ќе појдеш на негов концерт, било во Марсеј, било во Париз, а тоа се однесува и за групите од Блискиот Исток, африканските, јужноамериканските, концертите се преполни. Тоа значи дека официјалната политика не може да влијае кај публиката. Ние знаеме дека во европските земји национализмот е секаде во подем. Дали како последица на мигрантската криза или поради терористичките напади. Меѓутоа ако ја земете на пример Франција, ако појдете во Париз, во предградијата, ќе видиме со каква живост и задоволство разните етнички групи живеат заедно и соработуваат меѓу себе. Особено на музички план. А, токму најдобар пример за тоа во Франција е градот Марсеј кадешто повеќе од 50 отсто од населението се од црнечка раса и од поранешните француски колонии. Таму немало ниту еден националистички проблем и постои исклучително измешана динамичка музичка сцена.

Оливер Белопета
Оливер Белопета

Но, сево ова, ОФФЕСТ и неговите пораки, како да не допира до свеста на мнозина од поширокото општествено милје овде кај нас во Македонија.

Ако се вратиме на домашен терен, тешко можеме да зборуваме пошироко и да бараме разбирање кај, условно речено, политичарите и останатите за општественото значење на ОФФЕСТ кое е огромно. Тоа на пример веднаш го сфатија во Словенија и веднаш по осамостојувањето се отворија кон културите на сите земји од Третиот свет. Со која идеја? Словенија е и по територија и по жители колку и Македонија. Ние сме мала земја. Една работа се евроатлантските интеграции и комуникации со велесилите, меѓутоа ние мораме да бидеме отворени кон секоја мала земја ако сакаме и тие да не почитуваат. Тоа сознание кај нас го нема, што најдобро може да се забележи ако ги вклучиме телевизорите и ги следиме вестите на нашите телевизиски станици. Почнуваат со скандали во Македонија од политичка природа, можеби дури и пред нив ќе дојдат сообраќајните несреќи и останати лични трагедии и дури онаму во 25-26 минута на вестите ќе чуете во две минути за она што се случува во светот. А, да не зборуваме за култура.

Кога веќе така стојат работите, тогаш е малку нејасно како ОФФЕСТ како фестивал расне од година во година. Овојпат се случува во пет вечери и дури со 10 исклучителни артисти и групи од светот. За што се работи? Пари има сè помалку, а програмата е се поквалитетна.

Тоа е веќе последица и на нешто друго. На погрешната политика во културата, особено во музичкиот дел, која е карактеристична, би рекол, особено за последните пет-шест години. Значи со цел и со некоја фиктивна идеја за прибирање што поголем број гласови официјалната културна политика скриено си влечеше свои потези. Така во време на претходниот состав на Министерството, во времето на ВМРО ДПМНЕ, од аспект на документи и слично, беше тајна каде одат тие пари, а се одржуваа оние популистички концерти на кои ние бевме сите сведоци. Јас лично имав коментар и за Годишната национална програма и за Конкурсот за програми од национален интерес на Министерството за култура, посебно за музичкиот дел. Таа во голема мерка делува дека е производ на вкусот на едно струмичко семејство. Значи се продолжи со популизмот. Дали ќе се пресече следната година ќе видиме, иако тој и таквиот популизам инаку е неспоив со човекот кој е одговорен за носење на таа програма. Министерот за култура со своето педигре никако не припаѓа на таа групација и на семејства со такви вкусови. Сепак, неговиот бекграунд е сериозен, европски по многу прашања, дури и за музиката, ако зборуваме за личности.

Случајно или не, пак за време на одржувањето на ОФФЕСТ, се случуваат настани кои ќе влијаат на културата. Во меѓупартискиот пазар Министерството за култура ѝ припадна на друга партија и сакале или не доаѓаме до констатацијата дека културата кај нас и натаму е монета за поткусурување. Дека со неа продолжува да се тргува. Не толку со министерот како личност туку со она што генерално било заложба и програми од кои во догледно време би се виделе резултатите. Доаѓа друг човек кому ќе му треба многу време да влезе во филмот, да понуди нешто свое.

Ако доаѓа друг човек поради слабо функционирање на претходниот тоа е една приказна. Овде многу очигледно е дека тој доаѓа поради партиски договор за владејачките партии да си имаат уште два гласа во Парламентот. Дури и тоа би можел да го разберам, меѓутоа сепак би било убаво, нормално, за први луѓе од културата да дојдат некои од културното милје. Не го познавам човекот и не би сакал ништо да прејудицирам. Мене воопшто не ми пречи што е Албанец. Ќе потсетам само дека, за жал краткотрајно, имавме еден многу солиден министер за култура Албанец – Ештреф Алиу. Јас знам уште неколку Албанци, ајде да не ги именувам, еден поет од Гостивар инаку татко на неколкугодишен дизајнер на плакатите за Скопски џез фестивал, знам и некои други кои се брилијантни културни работници ама тие не припаѓаат на ниедна партија на албанците, а згора се уште многу критични кон тие партии.

Значи излегува дека кај нас не може да се случи професионалци да дојдат на вистинските позиции и да си ја работат работата што најдобро знаат и умеат. Остануваме да живееме во општество кое ќе биде роб на неспособноста на партиските послушници.

Да, меѓутоа ако ја земеме прво сега историјата на Министерството за култура во овие години на независност ќе видиме дека процесите се ретроградни. Ретроградни беа и во времето на ВМРО, а и сега во изминатава година со новата власт. Но, ако се вратиме малку назад не секогаш беше така. Не секогаш имаше толку ретроградни процеси во културата иако ситуацијата со културата била далеку од идеална. Ние со реформи и со следење на европските текови во законодавството, правната организација на културата, до распределбата на пари секогаш доцниме. А Европа ни е под нос. Таа е добар пример и не треба да бидеш многу паметен и нешто да измислуваш за да ги следиш тие процеси. Но, ајде сега да не застануваме само кај културата. Нам ни се случија партизирање на државата, немериторен систем и ќе биде наше прашање, не прашање на Европа, на Европска унија, на САД, туку ќе биде чисто НАШЕ прашање кога ќе ги пресечеме системските лоши процеси во државата кои конечно се набележани во извештајот на Прибе како домашни задачи. Без очекување дека Европа или Америка ќе ни се наметне со некоја сила тие проблеми, вклучувајќи ја тука и културата, да ни помогне да ги решиме. Тоа се исклучиво домашни задачи. Европската унија и САД можат да гледаат само сеир. И ништо повеќе.

Оливер Белопета
Оливер Белопета

И, во едни вакви услови на живеење каква е перспективата на ОФФЕСТ, на обата фестивали што вие ги организирате, во иднина? Очекувате подобри денови или и натаму ќе се возите на ентузијазмот?

Ако зборуваме за перспективата во вакви домашни услови во кои се одржува ОФФЕСТ и Скопскиот џез фестивал, условите се од година во година само потешки. И од финансиски и од едноставно амбиентални причини. Да не зборуваме за инфраструктурни причини. До ниво да јас често размислувам дека на овие два фестивала можеби треба да им се стави точка и дека природно повеќе овде не припаѓаат. Еве можам и да кажам зошто јас стојам позади тоа. Меѓутоа, од друга страна, еве го имаме годинава овој исклучително богат ОФФЕСТ, а минатогодишниот Скопски џез фестивал, и ова не е само мое мислење, беше еден од најдобрите во изминатата декада. Интересно е и тоа што се одржа и во потешки услови. Сето тоа е производ на тоа што обата фестивали се работат во условите во коишто ги опишав принципиелно, онака општо. Со дел помал ентузијазам, не може условите да не го кршат ентузијазмот нели, а со многу поголем инает во позитивна смисла на зборот. И јас мислам дека тоа ќе го сочувам.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG