Достапни линкови

Прокопиев: Да си се вдомиме во некои наши светови!


фото Лара Прокопиева
фото Лара Прокопиева

Деновиве како издание на Авант прес од Скопје излезе од печат „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“ од Александар Прокопиев. Книгата претставува заокружување на 40 годишното творештво на оваа исклучително интересна, прониклива хибридна книжевна форма по која авторот е препознатлив.

Како и секое исклучително книжевно дело, „Антиупатствата за лична употреба“ на Александар Прокопиев тешко може да се опишат накратко, но затоа е многу лесно „на долго и на широко“ да се препорачуваат како врвен деликатес за секој читател, а особено за онаа сè почеста категорија читатели кои се љубопитни за книжевните експерименти, жанровските игри, пресвртувањето на конвенциите и кои трагаат по дела што ќе ги надминат нивните очекувања. За таквиот љубопитен читател, „Антиупатствата“ на Прокопиев се неизбежно четиво.

Ова меѓу другото во својот аналитичен текст за „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“ од македонскиот прозаист и есеист, Александар Прокопиев ќе го забележи рецензентот на книгата Ацо Пероски.

А, авторот Прокопиев, пак, појаснува дека неговата најнова книга е убедливо и негова најдебела и најтешка, „не само авторска, туку и по тежина во грамови затоа што има повеќе од 500 страници и пишувана е во рок од четири децении“.

„Првите записи во овие „222 антиупатства за лична употреба (1978-2018)“ се запишани додека бев војник. На една ноќна стража и покрај мене имаше само еден другар тогаш – еден волчјак по име Рекс и јас во едно мало бележниче ги напишав првите „Антиупатства...“. .Она што ги поврзува е тоа што се пишувани така, во почетокот на хартивчиња, во тетратки...и се така до времето на компјутерот, а потоа едноставно се множеа и се различни. Некогаш се записи и импресии, некогаш се мали раскази, размислувања, афоризми, дури и песнички. Значи сето тоа сега е собрано во една голема книга што е, во мојот случај, прва книга од таков вид затоа што ете четири децении се собрани во неа и читајќи сега си припомнувам како сум бил некогаш, како сум се менувал, еден тип на автобиографија низ белешки“, вели Прокопиев.

Роден во Скопје 1953 година Александар Прокопиев, дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата за компаративна книжевност и теорија на литература. Доктор е по книжевни науки, предава на постдипломските културолошки студии при Институтот за македонска литература во родниот град и се смета за основоположник на постмодернизмот во современата македонска литература.

Автор на дваесетина прозни дела како книгите раскази „Младиот мајстор на Играта“ (1983), „...или...“ (1987), „Пловидба кон Југ“ една година подоцна, „Слово за змијата“ (1992)... и други, збирката со хаику „Слика тркало“ (1998), книгите со есеи „Дали Калимах беше постмодернист?“ (1994), „Патување на сказната“ (1996), „Постмодерен Вавилон“ (2000), „Борхес и компјутерот“ (2005)... и новелата „Ѕиркачот“ од 2007 година. Во 2012 година ја добива престижната меѓународна книжевна награда „Балканика“ за збирката раскази „Човечулец“, а делата на Прокопиев се преведени на англиски, јапонски, француски, чешки, германски, унгарски, полски, италијански, руски, српски, бугарски, арапски, албански, словенечки, хрватски и други јазици.

Инаку, на пошироката јавност, посебно на љубителите на рок музиката, Александар Прокопиев и е познат и по како краткотраен член на култниот белградски бенд ИДОЛИ и на скопската арт-постава УСТА НА УСТА.

И, кога веќе ова е познато, да се вратиме уште еднаш на белешките за „Антиупатствата“ кои првично се публикувани како „Антиупатства за лична употреба“ и со идеја да го покријат само периодот помеѓу 1996 и 2000 година. За нив ќе биде напишано дека „ ... се книга која со својот вкус го буди читателот во секој од нас, книга родена од вечно младешката заљубеност во книгите, книга поради која човек посакува да стане писател затоа што сфаќа дека, за да се биде писател, неопходно е да се биде читател.“

Од таму, нималку не чуди што Александар Прокопиев знае да каже дека во ова време во кое сега се наоѓаме, време на една агресија на еден опасен тип на вирус како што е короната, читањето е многу убава можност да си се вдомиме во некои наши светови“.

„Им препорачувам на сите слушатели да слушаат музика што повеќе. Да читаат. Да гледаат филмови и да си влезат во своите внатрешни светови. Можеби кога сево ова ќе биде завршено ќе се потсетиме дека тоа е една добра лекција затоа што нашите животи пред тоа беа многу брзи и хаотични и би рекол потполно надворешни. Ги губевме часовите во такви некои дејности. Сега сме принудени, ама тоа е и доброто од сета таа принуда, малку да се свртиме кон своите светови. Малку да си се размислиме. Од друга страна да станеме солидарни, да таа наша индивидуална една наметливост сега малку ја скротиме и да бидеме дел од колективот, дел од светот а истовремено врзани кон својата внатрешна природа“, порачува писателот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG