Достапни линкови

Иванов - Анимираниот филм постои за да се експериментира


Кружно патување на монахот, македонскиот краток анимиран филм чиј автор е Жарко Иванов
Кружно патување на монахот, македонскиот краток анимиран филм чиј автор е Жарко Иванов

„Кружно патување на монахот“, македонскиот краток анимиран филм чиј автор е Жарко Иванов, во силна конкуренција ја освои „Златната потковица“ на 14 издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ што се одржа во Струмица.

Жарко Иванов со „Кружно патување на монахот“, приказната за монахот фрескописец од Свети Заум и последниот дел од трилогијата во која се „Кружно патување на сенката“ и „Кружно патување на Марето“, ја освои „Златната потковица“ на 14 издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ што се одржа во Струмица.

Ова е негово трето учество на манифестацијата каде во силна конкуренција на филмови наградени со Оскар и на престижниот фестивал во Санденс, жирито во состав Данчо Чеврески, Гинка Андреева, Андреј Кошак и Ед Годсел се одлучило македонската кратка анимација да ја добие главната награда и да се најде на врвот од листата каде придружници се британскиот краток документарен филм „Последната бура“ на авторот Лајам Сент-Пјер кому му припадна Сребрената потковица и австрискиот краток игран филм „Доверба“ на авторката Јулијана Нојхубер, кај кого отиде бронзата.

„Секако дека е убаво чувството кога по доделувањето на Бронзената, па Сребрената потковица ќе го слушнете вашето име како добитник на главната награда, во случајов на Златната потковица на „Астерфест“. Ова не е прва награда за филмот, не е дури ни прва во Македонија (минатото лето беше одбран за најдобар анимиран филм на Филмскиот фестивал на плажа што се одржа во Охрид н.з). Веројатно е некаде деветта или десетта, веќе престанав да бројам, ама мене и на луѓето со кои соработував, Александар Прокопиев, Крсте Господиновски и Оливер Јосифовски и тоа како ни е драга“, вели Иванов.

Филмскиот автор Жарко Иванов
Филмскиот автор Жарко Иванов

Притоа, тој не заборава да потсети дека „малку се вонредни условите во кои се твори и создава едно анимирано дело кај нас“ и дека тие „такви и отсекогаш биле“. Од таму, како што појаснува е и чувството за наградата уште поубаво.

„Анимиран филм да добие главна награда на кој било фестивал каде што доминираат играни и документарни филмови е секако мотив повеќе да се работи. Да биде човек убеден дека тоа што го прави на вистински начин е на вистинскиот пат и понатаму да се труди да продолжи во ист стил. Да експериментира затоа што и анимираниот филм за тоа постои – за експериментирање и за изнаоѓање нови начини да се изразиш“, појаснува авторот.

На забелешката дека „најавената пролет на македонската анимација и покрај бројните награди на делата на домашните уметници никако да дојде според условите за работа“, Иванов ќе рече дека тие како творци, од добиените признанија и учествата на значајни манифестации во последниве шест-седум години, очекувале поддршката од Министерството за култура и од Агенцијата за филм барем малку да се зголеми, но дека тоа не се случи.

„Анимираниот филм сè помалку и помалку добива поддршка од Агенцијата за филм. Сепак, се надевам дека нешто во иднина ќе се смени. Еве ние работиме, не престануваме, не застануваме, па да видиме од тука натаму како ќе одат работите“, вели тој.

Прашан за тоа дали барем со признанијата се шири кругот на аниматори, на творци кои делуваат на полето на цртаниот филм во земјава, тој ќе рече дека неговите сознанија и како режисер, како сценарист и како продуцент се дека „тој, за жал, е прилично тесен“.

Кружно патување на монахот, македонскиот краток анимиран филм чиј автор е Жарко Иванов
Кружно патување на монахот, македонскиот краток анимиран филм чиј автор е Жарко Иванов

„Кругот е навистина тесен. Јас и како продуцент се обидувам да вклучам нови имиња во анимираниот филм, нови автори коишто сериозно сакаат да работат. Правењето на анимиран филм, значи минимум две години за анимацијата, минимум две години тешка работа. Без да имате одредена поддршка тоа не можете да го правите. Не може да имате осумчасовно работно време некаде и потоа во слободното време да си правите анимиран филм. Тоа е невозможно. Мора да се посветите и тоа да биде тоа. Мора да биде само работа и посветеност. Од тука натаму сè друго е апсолутно невозможно“, смета Жарко.

Згора на ова Иванов и со појаснување дека „Кружно патување на монахот“, со некаде 40-на прикажувања на фестивалите по светот и десетина награди полека ја комплетира својата траекторија на движење, но дека тие наспроти тоа дали или нема да дојде поддршката, сепак одат натаму. Дека во Флип бук продукцијата се вртат луѓе со нови идеи, автори како Владимир Лукаш и Иван Ивановски, кои ги завршуваат своите дела и дека деновиве треба да биде комплетиран неговиот нов филм чија светска премиера би требало да биде до крајот на годината.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG