Достапни линкови

Филипче: Во изолација се 64 здравствени работници од Кожната клиника


Венко Филипче

Во домашна изолација се 64 здравствени работници вработени на Клиниката за кожни болести, соопшти министерот за здравство Венко Филипче попладнево на пресс конференција.

До ова доаѓа откако директорката на Клиниката за кожни болести е четвртиот потврден случај заболен од коронавирусот во земјава.

Во домашна изолација се и двајца членови на нејзиното семејство.

"Клиниката за кожни болести ќе биде затворена, пациентите ќе се пренасочат кон другите одделенија за дерматовенерологија кои ќе функционираат во градот и ширум државата“, рече Филипче.

Toj посочи дека ги исконтактирале сите со кои директорката од Клиниката, која е четврти случај на заболен со коронавирус, била службено во комуникација оваа измината недела.

Во домашна изолација се и 103 лица од кои поголем дел се здравствени работници кои присуствувале на стручно предавање кое се одржало во саботата, на кое излагање имала и заразената директорка, а за тројцата грчки државјани што присуствувале на оваа конференција известени се грчките власти

Клиниката и салата каде што е одржана конференцијата се исчистени и дизинфицирани.

Тој кажа дека во овој момент се испитуваат уште 8 пациенти.

Филипче уште еднаш изрази огромно разочарување од непочитувањето на препораките од здравствен работник и најави разрешување на директорката по изборите.

" Чувствувам голема разочараност за ова што се случи покрај оваа напорна 24-часовна работа овие изминати недели. Ќе бидат преземени соодветни мерки. Сега во овој изборен период нема можности за нејзино разрешување. Сега Клиниката и нема да работи меѓутоа во првиот момент директорката ќе биде суспендирана", изјави Филипче.

Заразената директорка пред една недела допатувала од Италија и изминатите пет дена редовно одела на работа.

Инаку Филипче апелираше информации за корона вирусот да се црпат изворно и да не се шират лажни вести за собирање дневно политички поени.

XS
SM
MD
LG