Достапни линкови

Судири со мигрантите на грчко-турската граница


Архивска фотографија- мигранти зад оградата поставена на грчко-турската граница во близина на селото Кастаниес

Грчките безбедносни сили утрово употребија солзавец и испукаа шок бомби за да ги одбијат мигрантите кои се обидуваат да ја поминат копнената граница со Турција. Притисокот на границата продолжува откако Анкара соопшти дека сите мигранти и бегалци кои се наоѓаат на турска територија може да тргнат кон Европа. Судирите, како што јавува агенцијата Асошиејтед Прес, се случиле во близина на селото Кастаниес, по должина на оградата која е поставена на граничната линија.

Турција се закани дека ќе ги отвори границите и ќе ги прати мигрантите кон Европа минатата недела. Потегот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предизвика судири и хаос на границата со Грција на која се собраа илјадници мигранти и бегалци кои сакаат да влезат во земјата.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и други европски претставници вчера заедно со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја посетија грчко-турската граница. Претставниците на ЕУ и дадоа целосна поддршка на Грција и и ветија и помош. Конкретно тие наведоа дека ФРОНТЕКСТ е спремен да распореди дополнителни патролни бродови, два хелихоптера, еден авион, возила и сто граничари, а дека Грција може да подигне и дополнителни 700 милиони евра финансиска помош.

XS
SM
MD
LG