Достапни линкови

Вестите да се читаат „со четири очи“


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Ширењето на дезинформациите особено се засилува во предизборниот период. Во вакви услови професионалните медиуми и новинари имаат задача да ги препознаат лажните вести, а граѓаните треба добро да ги проверуваат информациите кои ги читаат, велат претставници на медиумските организации.

Дезинформациите, пропагандата и лажните вести кои циркулираат во медиумите се сериозен предизвик со кој се соочуваме во дигиталната ера. Оние кои имаат намера да прават измами со информациите и на тој начин да влијаат врз јавното мислење, можат да манипулираат со фотографии, да прават трикови со видео материјали кои се извадени од контекст, да ги извртуваат фактите преку наслови или, пак, да претставуваат мислења како факти, да запоставуваат детали од целосни информации, да манипулираат со податоци и друго.

Овие појави се постојано присутни, особено во онлајн медиумите и на социјалните мрежи, но нивното ширење особено се засилува за време на важни настани и случувања какви што се изборите, кога освен медиумите, ширењето на лажните вести доаѓа и од самите политичари.

Земјава е влезена во предизборен период, откако предвремените парламентарни избори беа закажани за 12 април.

Лажните вести се модерна војна во која сите учествуваат
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:51 0:00

Како во вакви услови граѓаните да се заштитат од лажните вести?

Медиумската писменост е еден аспект на кој општествата допрва треба да ги засилат своите напори, професионалните медиуми и новинари имаат задача да ги препознаат дезинформациите, но она што во моментов можат да го направат граѓаните, според претседателката на Советот за етика во медиумите Катерина Синадиновска, е сензационалистичките и бомбастични наслови во предизборниот период да ги земаат со голема доза на резерва.

„На секое напишано „шокантно“, „сензационално“, „видете што се случило“, мислам дека тие текстови се аларм и сигнал сами по себе, секогаш да се консултираат повеќе од два извори, првенствено повеќе од еден, меѓутоа што повеќе, тоа подобро. Значи читајте на повеќе места, читајте релевантни медиуми и конечно тука е Регистарот на професионални онлајн медиуми кој ние го промовиравме со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ)“, вели Синадиновска во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Таа додава дека порталите кои во Регистарот имаат импресум и редакции кои се обврзани да ги почитуваат професионалните стандарди, а Советот за етика во медиумите има начин како да го контролира нивното работење.

Во однос на работата на медиумите во предизборниот период и за тоа дали има клиентелизам со партиите и политичарите, таа оценува дека проблем е тоа што голем дел од локалните медиуми се финансиираат од општините и од јавните претпријатија, што повторно значи давање на државни пари во медиумите.

„Мислам дека таа политика на државни пари кои се влеваат во медиумите може да биде спорна, затоа што е начин на влијание и притисок. Од друга страна, не постои нешто како власт или бизнис центар на моќ којшто не сака да стави рака на независноста на медиумите. Ние сме тие коишто треба да се одбраниме од таков тип на влијанија. Мене она што ме загрижува е што нашите колеги кои беа изрично против јавни пари во времето на Груевски, се истите оние коишто сега бараат јавни пари да се влеваат во нивните медиуми, што за мене е крајно непринципиелно“, вели Синадиновска.

Дека дезинформации доаѓаат директно од политичките партии, зборува и директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска, која посочува дека манипулациите се канализираат преку порталите блиски до партиите.

„Сега започнува и една пракса во која експлицитно се гледа дека влијателни политичари пласираат дезинформации директно преку своите профили на социјалните мрежи, со што се потврдува фактот дека политичките партии и политичари се меѓу најголемите извори и потикнувачи на тоа што самите милуваат да го наречат лажни вести“, вели Петковска.

Таа објаснува дека во периодот на изборната кампања многу е важно граѓаните да внимаваат од каде се информираат, да ги проверуваат вестите од различни извори, да отфрлаат сомнителни информации или да ги прифаќаат со резерва.

Таа вели дека од сите е потребен поактивен ангажман во насока на пријавување на неетично и непрофесионално известување во Советот за етика, но посебно внимателни да бидат и професионалните новинари кои ќе се држат до етичките и професионални стандарди и обврските кои ги налага Изборниот законик.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG