Достапни линкови

Златните раце на пијанистот Фре во Филхармонија


Францускиот пијанист Давид Фре
Францускиот пијанист Давид Фре

„Златните раце на Фре“ е насловен концертот на кој со Македонска филхармонија, овој четврток на 27 февруари, како солист ќе настапи францускиот пијанист Давид Фре. На програмата се шопеновиот Концерт за пијано и оркестар бр.2 и шумановата Втора симфонија, а диригент е Конрад ван Алфен од Холандија.

Совршен пример за музичар кој размислува. Ова се зборовите на еден музички критичар со кој веројатно на најдобар можен начин е опишан исклучителниот француски пијанист Давид Фре, кој ќе настапи како солист со оркестарот на Филхармонија, овој четврток на 27 февруари во редовниот термин за симфониски концерт. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 2 од Фредерик Шопен и Втората симфонија од Роберт Шуман, а диригент е нам веќе добро познатиот маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

Но, ајде малку подетално за човекот и уметникот по кој настанот е именуван - „Златните раце на Фре“.

Францускиот пијанист, сем по виртуозниот пристап на делата на полскиот пијанист и композитор и симболот на романтизмот, познат е и по инспиративните изведби на музиката на Бах и Булез. Постојано е активен на светската музичка сцена како солист, рецитален и камерен пијанист. Соработувал со водечки светски оркестри и диригенти како Марин Oлсоп, Семјуел Бучков, Андреј Борејко, Даниел Гати, Пааво Јарви, Рикардо Мути, Еса-Пека Салонен...

Настапувал со водечките оркестри во светот како „Концертгебау“, Баварскиот радио оркестар, Лондонската филхармонија, „Моцартеум“, со оркестарот на „Скала“, Бостонската, Њујоршката филхармонија со Филхармонијата на Лос Анџелес и рецитално на прочуените концертни сцени како „Карнеги хол“, Линколн центар, Вигмор хол, така со ред.

Давид Фре е препознатлив и уникатен пијанист, а пред македонската публика ќе го свири Концертот за пијано и оркестар број 2.

Овој концерт од Шопен ја интегрира сета романтичност присутна во целокупниот опус на полскиот композитор. Во писмо до пријател, тој признал дека бавниот втор став е инспириран од Констанца Гладковска, младата пејачка со која учел на Конзерваториумот во Варшава и во која бил силно вљубен. Целиот концерт изобилува со типишен шопеновски звук...

На концертот ќе прозвучи и Втората симфонија од Роберт Шуман. Во средината на 1840-тите Роберт Шуман имал 30 години и бил во потрага по нов звук во своето творештво. Дотогаш веќе имал значајно симфониско искуство: тука е неговото неверојаатно сончево дело во Бе-дур кое го напишал за четири дена, Пролетната симфонија, експерименталната структура во делото кое подоцна ќе стане негова Четврта симфонија, како и амбициозниот симфониски хибрид Увертира, Скерцо и Финале. Исто така, во кругот била и неговата незавршена симфонија во Ге-мол, позната како „Цвикау“.

Инспирациите за она што подоцна ќе стане негова Втора симфонија, која ја создал помеѓу 1845 и 1846 година сепак не биле грандиозни. Наместо тоа Шуман нашол интелектуален предизвик во Баховиот контрапукт, во исто време правејќи омаж на Бах и Бетовен во оваа симфонија. Воедно оваа симфонија се рефлектира и неговата криза во личниот живот. Тогаш почнал да ги чувствува реакциите од инфекцијата со сифилис која подоцна ќе го убие. И самиот напишал дека оваа болест – проблемите со слушање, депресијата, вртоглавицата, ревматизмот се навлезени длабоко во есенцијата на ова симфониско дело.

Концертот „Златните раце на Фре“ ќе го води Конрад ван Алфен за кој критиката вели дека е „инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат“. Етаблираниот холандско/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите.

Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG