Достапни линкови

Конкурсот за проекти од национален интерес - зрел за „ресетирање“


Наслови кои немаат врска ниту со културата ниту со националниот интерес, немање критериуми, заборавање на националните вредности се само дел од генералните забелешки и по годинешното објавување на резултатите од Годишниот конкурс за програми од национален интерес на Министерството за култура.

Приказната се повторува. Иако можеби не со ланскиот интензитет, но сепак со истата жолч и разочарување кај добар дел од културната јавност. Едноставно и по годинешното ( задоцнето) објавување на резултатите од Годишниот конкурс за програми од национален интерес на Министерството за култура (за кој во случајов пристигнале повеќе од 4000 пријави, доставени од физички лица, установи од областа на културата, единици на локалната самоуправа, здруженија, сојузи, асоцијации, трговски друштва, трговци поединци и други правни лица), излегува дека стана беспредметно подетално да се анализира што е она што го „поддржале стручните комисии, составени од реномирани професионалци од соодветните дејности, кои при селекцијата на пријавите внимавале да овозможат правична, квалитетна и соодветна распределба на народните пари“.

Велиме беспредметно затоа што повторно, значи наново, можеме да говориме за „наслови кои немаат врска ниту со културата, ниту со националниот интерес“, за „фарсичен процес на аплицирање и распределба каде пресудно е на која политичка провиниенција и припаѓаш и кој е сега на врвот при што некои кои до вчера биле високо сега мора да се бришат или доведат до работ, што се забораваат вистинските национални величини...и така со ред. Значи, она што силно се заговараше лани ова време „воведување систем во културата“ остана за жал само желба, а тоа дека „Културата е насловна страна на секое општество“ само фраза која остана да виси за некои поубави и по правични, поумни времиња.

Од таму, не случајно по „доделените“ 35 илјади денари за изложбата на цртежи и каталог на најголемиот македонски фреско-сликар Борко Лазески, предлагачот ќе заклучи дека станува збор за „циркусијада во Министерството за култура“, а познавачите дека „многумина вистински македонски уметници не ги удостојуваме со почит и внимание“.

„Кога ќе ги земам моментите наназад години мислам дека ние само си играме „национална програма“ или „проекти од национален интерес. Дека немаме претстава што е тоа „од национален интерес за државата“. Мислам дека тие прашања треба да бидат во фокусот на јавна дебата. Да се изградат точни правила и прописи и по нив потоа комисиите да се раководат. Јас знам дека нема никакви правила и прописи по коишто се избираат апликациите кои пристигнуваат во Министерството и дека таму владее тотален хаос“, вели Филип Фидановски, ликовен уметник и претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија.

А, Сергеј Андреевски откако ќе потсети на зборовите на Маркес дека животот е како приказна и дека не е важно колку е долг, туку колку е квалитетен, знае да каже дека ним на уметниците вообичаено им се „скратува“ кога ќе ги видат резултатите од Годишниот конкурс. Тој дополнува дека во една сиромашна земја како нашава многу е важна поддршката за творците, за оние што создаваат, што креираат...а кај нас иако се сменија многу влади и министри во однос на културата ништо не се менува.

„Јас целиот Конкурс, сето тоа би го „ресетирал“. Треба комплетно да се смени начинот на наградувањето, начинот на доделување на средства. Треба да се одберат вистински комисии, а не такви со луѓе на кои лесно може да им влијае. Гледам дека ние не ја сакаме вистината. Вистината боли, особено денес во овие луди времиња. Во светот генерално, а уште повеќе овде каде сме последниот вагон од возот. Е, ние во него се возиме и нема правила. Мора да почнеме од почеток, барем нешто малку да смениме. Да има некаква правда во тоа што е прво проект од национален интерес, значи што е важно за една нација или за една држава сеедно. Да престанеме, како во актуелниот случај со Борко Лазески, да ја потценуваме сопствената култура“, порачува Андреевски.

В овој контекст, а знаејќи дека манифестации како Поетска ноќ Велестово овојпат доби само трошки колку да не биде комплетно избришана, дека слична е состојбата со Македонскиот центар за фотографија и со Фестивалот „Пеце Атанасовски“... или дека без денар на пример останаа новото издание на „Букстар“ и „Репер“ и седмиот Меѓународен поетски фестивал ,,Литературни Искри 2020“ во Гостивар..., не случајно една наша, македонска писателка во своето видување на состојбата пишува:

„Буџетска поддршка на културата, во случајов на книжевната продукција, мора да има. Мора, бидејќи се работи за мала по обем култура и мал по број на говорители јазик (овде мислам на јазикот кој е службен само во една, а не во три држави). Мора, бидејќи се работи за нерегулиран и лесно пореметлив пазар на културни добра, со нерегулирани и незашитетни авторски права. Мора, бидејќи културата е суштинска развојна компонента на државата и идентитетски пасош за нејзино промовирање во странство. Меѓутоа, мора да има буџетска поддршка, а не буџетски башибозук.“

А, кога сме веќе тука писателот Петар Андоновски смета дека основниот проблем е тоа што едноставно „нема критериуми“.

„Поддршката од Министерство за култура е неизбежна, без нивна поддршка нема да имаме ни култура. Затоа е многу важно да се постават критериуми за тоа ,,што е национален интерес". И секако, треба само комисијата да одлучува, не и министерот. За Горан Стефановски се одредени 90 000 денари, за непознат автор 180 000 ден, тоа само го потврдува фактот дека се нема критериуми. Повеќе од потребна е дебата во Министерството за да се пронајде подобро решени за тоа како би се избирале книгите и како би се распределувале парите“, сугерира тој.

Меѓу првите кои реагираа на објавените резултати од Годишниот конкурс за програми од национален интерес беше и режисерката Теа Беговска, која за одобрениот независен проект „добила само 20 отсто од потребната сума“.

Таа истакнува дека, имајќи го во предвид нејзиното скромно искуство со работа на алтернативни проекти коишто досега ги работела без било какви финансии и притоа борбата за нив била тешка и голема бидејќи не е лесно сам да туркаш врати, буџетите се лошо распределени и дека зад еден независен зафат се кријат многу, многу поголеми трошоци. Беговска и со дополна дека ова е константен проблем со апсурдни ситуации и дека конечно треба да се реши. Згора на тоа, како посебен проблем Беговска го истакнува и оној со кој Министерството за култура „се правда“ дека не е негова „должност“ да ги објави резултатите од поддржаните проекти на Националните институции. Дека тоа треба да го сторат самите со нивната реализација и отчетност. Како што вели, не гледа причина дека тоа треба да се објави, дека се треба да биде транспарентно и јавноста да види кој што работи.

„Сметам дека со тоа необјавување предизвикаа уште поголем гнев кај нас уметниците и уште поголема демотивација и еден вид на рамнодушност. Посебно кај младата популација за тоа како ние треба да им пристапиме на институциите. Со кого треба да се договараме за проекти. Сведоци сме дека во последниве две години имаше многу бурни реакции и сега сето тоа станува „анонимно“. Малку е чудно и неосновано. Суштински и длабоки се проблемите и не гледам и не гледам некоја позитивна слика дека ќе се решат. Културата се претвори во какафонија. Се надевам дека ќе дојде една многу похрабра генерација која многу по суштински и порешително ќе се бори за своето. Не треба да се престане да се работи. Алтернативата е еден тежок, но и убав пат за да се изградиш прво како личност, а потоа и како автор“, смета Теа Беговска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG