Вести
Усвоени законите за Советот на јавни обвинители и за одбрана
Собранието денеска ги донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, како и Законот за одбрана за кој беше потребео двотретинско мнозинство. Пратениците дополнително ќе бидат известени за одржувањето на седницата за распуштање на Собранието, откако претседателот Талат Џафери најави претходно одржување на уште една седница.
Со 73 гласа „за“, без против и воздржани пратениците го усвоија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, а по гласањето за овој закон претседателот на Собранието Талат Џафери констатираше дека законот е донесен и оти е завршена 135 седница, по што рече дека преминуваат на следната 123. седница на која треба да се гласа Законот за одбрана. Овој закон беше донесен со 80 гласа „за“, без против и воздржани, по што Џафери констатираше дека е донесен и овој закон.
Собранието претходно го донесе и Законот за јавно обвинителство, по што по едночасовната пауза ја продолжи 135. седница, на која втора точка на дневен ред беше Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за советот на јавни обвинители, кој веднаш беше ставен на гласање, бидејќи општиот претрес за него беше завршен во текот на вчерашниот ден. По гласањето 135 седница заврши, а пратениците продолжија со следната седница на која гласаа за Законот за одбрана.
Џафери по донесувањето на Законот за одбрана, рече дека за следната 137 седница за распуштање на Собранието пратениците дополнително ќе бидат известени, додавајќи дека прва и единствена точка на оваа седница е распуштање на Собранието, рече Џафери. За предложениот дневен ред за седницата за распуштањето 113 пратеници гласаа „за“, без против и воздржани.
Џафери како предлагач на предлогот за распуштање на Собранието образложи, дека по барање на СДСМ и ДУИ ја прекинува привремено работата на оваа седница, бидејќи тие бараат продолжување на работата на 131 седница.
Џафери рече дека барањето е поради донесувањето на Законот за ауидио и аудиовизуелни медиумски услуги, за изменување на Законот за заштита на лични подоатоци и за изменување на Законот за инспекторатот за употебата на јазиците.
„Јас сум должен да постапам по барањето, тука прекинуваме со работа, во меѓувреме ќе бидете известени за времето за продолжување по седницата 131“, рече Џафери.
Пратеници од опозицијата бурно реагираа додека Џафери образложуваше зошто ја продолжува 131 седница. Тој додаде дека до 15 и 30 смета дека службите можат да ја подготват седницата, а доколку имало можност тој рече дека тоа ќе се случи и порано.
види ги сите денешни вести
ВМРО и СДСМ би оделе на предвремени избори, поделени ставови во албанскиот блок
Како СДСМ подготвени сме да одиме на какви било избори од денеска натаму. Вака одговори опозицискиот лидер Венко Филипче, денеска (4 ноември) од Собранието, по повикот за изборно соочување идната година, кој премиерот Христијан Мицкоски го упати од собраниската говорница на 31 октомври.
„Тоа што има таква најава на само пет месеци од формирањето на Владата е доказ дека на владата навистина не и оди“, рече Филипче кој вели дека е сигурен оти во секој следен чекор на избори ќе бидат посигурни и поуспешни.
Повикот на Мицкоски тој го гледа и како кокетирање со ДУИ и пред како порака до коалицијата Вреди и до ЗНАМ, кои очигледно, како што рече, веќе имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка.
За ова прашање се огласија и од опозицијата во албанскиот политички блок. Таму ставовите се поделени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на социјалните мрежи објави дека и тие се подготвени граѓаните да го кажат својот збор и да кажат за кој пат се, по една ипол година од актуелната влада.
Од Вреди, пак, порачаа дека не е време за дополнителни трошоци.
„За државата и за граѓаните, кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време. Бидејќи секое прогласување на избори значи 6 месеци пред и по изборите запирање на сите постапки, сите јавни набавки, вработувања“, изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.
Инаку, самиот Мицкоски на првите пратенички прашања за неговата Влада одржани на 31 октомври ја фрли ракавицата за предвремени парламентарни избори кои би се одржале заедно со локалните во октомври следната година. Тој ова го кажа откако лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, повика Владата да си поднесе оставка.
„Ако сте сигурни дека сакате да одиме на избори, да одиме, да се провериме. Еве, заедно со локалните да направиме и едни парламентарни, па да одиме. Ако сакате, јас немам проблем, еве сега да ја договориме работава“, рече премиерот во Собранието.
Последните парламентарни избори се одржаа на 8 мај, а по нив ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја формираа новата Влада на Северна Македонија.
СДСМ и ДУИ, по седумгодишно владеење, заминаа во опозиција.
Министерот за градежништво на Србија најави оставка по несреќата во Нови Сад
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ најави дека на 5 ноември официјално ќе поднесе оставка поради несреќата во Нови Сад.
Тој на вонредна прес-конференција рече дека не ја прифаќа вината за несреќата, туку дека поднесува оставка како „одговорен човек“.
„Не можам да ја прифатам вината за смртта на 14 лица бидејќи ниту јас ниту луѓето кои работат со мене немаме трошка одговорност за трагедијата што се случи“, рече Весиќ, додавајќи дека поднесува оставка „од морални причини поради несреќата бидејќи се случила во ресорот кој го води“.
Тој изјави дека како министер „не донел ниту еден акт што може да има влијание врз исходот на проектот“ за реконструкција на Железничката станица во Нови Сад и го повика Обвинителството да утврди одговорност за смртта на 14 лица.
Весиќ рече дека на премиерот Милош Вучевиќ му понудил оставка истиот ден кога се случила несреќата, а својата намера му ја соопштил и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Изјави и дека „сите овие денови трпел навреди и напади од оние кои се обидуваат да ја злоупотребат секоја трагедија“.
Оставката на Весиќ доаѓа откако 14 лица загинаа, а три лица беа тешко повредени по уривањето на бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември.
Од тој ден, дел од опозицијата, активисти и граѓани бараат одговорност од властите, а на протестот пред Министерството за градежништво и Владата на 3 ноември во Белград беше побарана итна оставка од Горан Весиќ.
Здружената новосадска опозиција побара оставки од српскиот премиер Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Засега не се познати причините за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад до вчера сослуша 40 лица, меѓу кои и министерот за градежништво, Горан Весиќ, директорот на Институтот за заштита на спомениците на културата во Нови Сад, одговорните во „Железници на Србија“ и „Железничка инфраструктура на Србија“ и одговорните за изведување на работите.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска (4 ноември) изјави дека е „сигурен“ дека надлежните државни органи ќе утврдат кој е одговорен за трагедијата.
Железничката станица во Нови Сад беше официјално отворена во јули 2024 година, по тригодишна реконструкција.
Надлежните тврдат дека бетонската настрешница пред главниот влез на зградата на станицата не била вклучена во реконструкцијата.
ДЗР: Поразителни состојби во македонските студентски домови
Северна Македонија во 2022 година потрошила приближно 22,6 милиони евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие пари, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи.
Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентскиот стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите.
На презентација на Извештајот во Собранието, главниот државен ревизор, Максим Ацевски рече дека се констатирани „поразителни бројки и состојба“ која, рече, „не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“.
Притоа, ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, како што рече, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.
„Сето ова укажува дека во суштина се одлеваат недоволно средства, но и во она што се одлева, има слабости во начинот на користење. Од 11,37 милиони евра кои се исплаќаат за студентски оброк или 50,2 отсто од вкупните расходи, се исплатуваат на начин кој не обезбедува целосно потврда дека средствата се исплатени навистина за оброк. Во 2022 година исплатата се вршела на трансакциските сметки на студентите кои тие средства можеле да ги користат за сосема друга намена, а не за намената што е утврдена. Преземени се мерки во 2023 и 2024 година, но сè уште не е исполнето она што е законски начин на исплата на средствата“, рече Ацевски на седница што денеска ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики.
За министерката за образование, Весна Јаневска, оправдана е констатацијата во врска со Законот за субвенциониран студентски оброк „дека законското решение не дава целосна гаранција дека средствата се користат исклучиво за прехрана на студентите“.
Таа соопшти дека субвенционираниот студентски оброк го чини МОН 800 милиони денари годишно.
„Со 800 милиони денари годишно, МОН може многу да направи за студентскиот стандард. Но, тоа е што е, законот нема да биде укинат и мора да се почитува“, рече министерката.
Државниот ревизор, Ацевски, посочи дека Извештајот укажува и на поразителни бројки за сместувачките капацитети, условите и перцепцијата на задоволство од студентите за што говорат нивните поплаки дека во дел од домовите нема топла вода или стабилен интернет.
„Од 12 оценки, имаме добиено две единици, осум двојки и само две тројки. Тоа е перцепцијата на нашите студенти во однос на квалитетот на сместување и квалитетот на храната во државните студентски домови“, истакна ревизорот.
Цената за сместување во државните студентски домови од 2008 година до сега е непроменета и изнесува 6.820 денари, од кои половината ги субвенционира државата, а другата половина ја плаќа студентот.
Според Ацевски, со 16 години непроменета цена се прави вештачки притисок со цел да не се испорача квалитетна услуга кон студентите односно кон граѓаните.
Во однос на цената за сместување за која во извештајот ДЗР препорачува да биде двојно зголемена и да изнесува 14.680, министерката Јаневска смета дека за тоа да се спроведе сега и одеднаш би било „голем шок и за студентите кои би требало да плаќаат 7.340 денари, но и за државата“.
„Но, ако поранешните министри етапно ја прилагодувале цената на реалните трошоци и инфлацијата, до ова немало да дојде. Сега домовите немаат пари да покријат основни трошоци за работење. Но, не е само цената во прашање, јавна тајна е дека во домовите многу долг период се работело многу недомаќински, а постојат индиции и дека биле искористувани на незаконски пат средствата на граѓаните, на државата. Познати се проблемите со храната, познати се и проблемите со сместувањето, нелегално издавање соби, купување храна по енормни цени, а студентите добиваат неквалитетен оброк“, истакна министерката.
Домовите немаат пари, рече таа, поради ниските цени кои ги наплаќаат. Ја користат одредбата од законот според која МОН може да им помогне со покривање на дел од режиските трошоци кои се дефинирани како непредвидени.
Проблемите очекува дека ќе се решаваат по донесување на нов Закон за студентски стандард што се планира во 2025 година.
Планот е во новото законско решение да се дефинира модел на финансирање на домовите, со кој ќе се обезбеди континуирано финансирање согласно реалните потреби на домовите, а притоа ова нема да предизвика преголем финансиски товар на студентите, посочи Јаневска.
По укажување на ДЗР, рече министерката, МОН веќе го воспоставува и регистарот на домови и активно работи на забрзување на постапката на реконструкција на домовите опфатени со Проектот за енергетска ефикасност.
Пензионирани полицајци споделувале службени тајни со криминалната група „Дуќанџик“
Приведени се двајца пензионирани полицајци и уште едно лице поради оддавање службени тајни на организираната криминална група „Дуќанџик“. Против нив е донесена наредба за спроведување на истражна постапка, соопшти Јавното обвинителство денеска (4 ноември).
„Осомничените во периодот од декември 2019 година до март 2021 година извршиле кривично дело Злосторничко здружување и продолжено кривично дело Оддавање на службена тајна. Дополнително прво и третоосомничениот сториле и кривично дело Попречување на правдата, а на првоосомничениот му се става на товар и кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничените, како што се посочува, од користољубие, се поврзале со организираната криминална група „Дуќанџик“ од село Грчец и како припадници со посебна улога, поттикнати со умисла од првосомничениот во предметот „Грчец“, пренесувале службени информации.
Според соопштението, сомничените од кои двајца поранешни главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога, преку третоосомничениот за криминалната група прибавувале, пренесувале и споделувале информации за постапки што се од значење за јавната безбедност, како и за безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. За ваквото неовластено откривање со кое предизвикале штета во работењето и ефикасноста на истражните органи и органите на прогонот и го отежнувале или оневозможувале обезбедувањето на доказите, осомничените добивале награда.
„Според содржината на наредбата за истрага осомничените, заедно или поединечно, со информациите што ги споделувале, го отежнале докажувањето во кривичните постапки за кривично-правен настан случен во декември 2019 година, секој посебно заканувајќи се дека повторно ќе биде нападнат тој или членовите на неговото семејство, влијаеле врз оштетен – жртва на обид за убиство по нарачка, а сега починат, да ја смени изјавата дадена пред овластени полициски службеници“, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека осомничените споделиле значајни информации за криминалната група за убиство во август 2020. Истата година споделиле и службени информации за примена на посебни истражни постапки мерки за тогаш актуелно криминалистичко истражување под кодно име „Планина“, во кое беа опфатени лица од оваа организирана група.
За кривично – правен настан во септември 2020 година во кој петмина беа осомничени за кривично дело Грабнување биле пренесени информаци за обезбедените докази и изјави на сведоции задржани лица, како и за двојното убиство од март 2021 година во Скопје за кое биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица, кои активности се преземаат и кои службени лица се вклучени во криминалистичкото истражување.
Според Обвинителството, првично обезбедените материјални докази за првоосомничениот упатуваат дека тој и членовите на неговото семејство поседуваат недвижен и движен имот и штедни влогови, што во големи размери ги надминуваат неговите законски приходи како полициски службеник.
Осомничените денеска (4 ноември) ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје на кој јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите ќе му предложи да им биде определена мерката притвор, се наведува во соопштението.
Таравари: Да се видат сите околности во врска со смртта на бебето од Струмица
Треба да се видат сите околности во врска со смртта на бебето од Струмица што викендов почина на Детската клиника во Скопје, рече Министерот за здравство Арбен Таравари.
Според информациите што тој ги добил од директорот на Клиниката за педијатрија, бременоста на мајката не била следена како што треба.
„Потоа детето е задржано во домашни услови или во болницата во Струмица и кога е донесено бебето во Клиниката за педијатрија, веќе било во многу влошена состојба. Така што треба да се видат сите околности и според тоа и Министерството ќе постапи“, рече Таравари одговарајќи на новинарско прашање, по денешната (4 ноември) дебата што ја организираше Владата посветена на политиките за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите.
Бебето старо осум дена, викендов почина на Детската клиника во Скопје, откако во тешка здравствена состојба било донесено од Струмица. Како што информираа од Детската клиника, се работи за предвремно родено дете, со мала тежина, кое било со тешка сепса.
Наставниците во Србија штрајкуваат, скратена настава во дел од училиштата
Синдикатите на просветните работници во Србија денеска (4 ноември) започнаа штрајк со скратување на наставата на 30 минути во училиштата во Белград и Пожаревац.
Просветните работници, кои бараат зголемување на платите, најавија дека за време на циркуларниот штрајк секоја седмица наставата ќе се скратува во училиштата во различни градови во Србија.
Министерството за образование соопшти дека денеска наставата била скратена во 44 отсто од белградските училишта, додека во 17 отсто од училиштата наставата траела 30 и 45 минути.
Во училиштата во Пожаревац наставата е скратена на 30 минути во 32 отсто од училиштата, додека во 34 отсто времетраењето на наставата е и 30 и 45 минути.
Претставничките синдикати во образованието претходно ја отфрлија понудата на Владата на Србија за зголемување на платите за предучилишното, основното, средното и високото образование за 11 отсто од јануари следната година.
„Сметаме дека е недостојно за професијата што ја вршиме. Бараме надлежните да го исполнат ветувањето дека платите ќе ни бидат еднакви на државниот просек“, соопштија синдикатите.
Почетната плата на наставник во Србија е околу 740 евра, што е за околу 80 евра помалку од просечната плата во Србија, која е 818 евра.
Премиерот Милош Вучевиќ претходно ја претстави, како што рече, конечната понуда - зголемување на платата за 11 отсто и еднократна помош од околу 130 евра.
Синдикатите ја одбија таа понуда бидејќи, како што рекоа, нема да ја достигнат просечната плата во земјава.
Работниците во образованието неколку пати излегоа на улица барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.
Штрајкот е најавен и во предучилишните установи, а како што беше претходно споменато, неговото спроведување зависи од место до место и од тоа дали има локална регулатива за минималниот процес на работа.
ЗНМ: Итно да се решат процесите за насилство врз новинарите
Загрижуваат вербалните напади, навредите, омаловажувањата на новинарите, особено преку социјалните мрежи, кои воопшто не се наивни и не смее да се сметаат за безопасни. Ова го истакна претседателот на Самостоjниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Павле Беловски, на денешната прес-конференција (4 ноември) на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).
„Дури 45 проценти од новинарите доживеале некакви омаловажувања или дискредитација, а 25 проценти некаков тип на закани и заплашувања“, рече Беловски.
По повод 2 ноември, Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите, ЗНМ побара итно решавање на сите отворени процеси во кои врз новинари се применува насилство, реформи во регулативата за слеп тужбите (стратешките тужби против учеството на јавноста) и сериозен одговор од институциите.
„Безбедноста на медиумските работници и борбата против неказнивоста на злосторствата против нив е директно поврзана со демократските вредности на едно општество. Бараме итно решавање на сите отворени случаи во кои врз новинари се применува насилство. Вербалното насилство и малтретирањата, преку онлајн платформи, бара сериозен одговор од МВР и Обвинителството“, посочи претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.
Тој истакна дека оваа година се регистрирани четири посериозни прекршувања на правата на новинарите, заедно со бројни онлајн закани и осум слеп тужби.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, нагласи дека секоја физичка закана кон новинари треба да биде сериозно обработена од страна на МВР и другите истражни органи.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, рече дека обвинителството ги презема сите мерки за расчистување на случаите, како и дека ја осудува секоја форма на притисок кон новинарите.
Според податоците од Регистарот на ЗНМ, бројот на напади врз новинари во последните три години е во опаѓање. Во 2022 година се регистрирани 7 напади, од кои 2 случаи се со судска разрешница, во 2023 година бројот на напади е 5, исто така со 2 случаи со судска разрешница, додека во 2024 година се регистрирани 4 напади, без судска разрешница.
Кај SLAPP тужбите кон новинари и медиумски работници, бројките покажуваат пораст од 4 тужби во 2021 година, до 8 тужби во 2024 година.
Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите, 2 ноември, е признаен од страна на Обединетите нации. Се одбележува за да се сврти вниманието кон прашањето за неказнивост, што се однесува на неизведувањето пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници.
Русија додели државјанство на 3.344 странци кои војуваат против Украина
Русија од почетокот на годината доделила државјанство на 3.344 странци со декрет на претседателот Владимир Путин, со кој се дозволува издавање пасоши на учесниците во инвазијата врз Украина и на членовите на нивните семејства.
Ирина Волк, официјална претставничка на руското Министерство за внатрешни работи, ги објави бројките на денеска (4 ноември), иако останува нејасно дали тие вклучуваат само пасоши издадени на воен персонал или, исто така, и на нивни роднини.
Уредбата дозволува државјанство за воениот персонал кој потпишува едногодишен договор со руската армија или проруските воени формации кои се борат во Украина, по сличен закон донесен во 2022 година.
Паралелно, Русија имплементира закони кои дозволуваат одземање на државјанството на натурализираните граѓани кои одбиваат регистрација на воена служба.
Волк претходно изјави дека 1.117 такви натурализирани Руси го изгубиле државјанството во првите осум месеци од 2024 година.
Минатиот месец, Министерството за внатрешни работи почна да го спроведува законот, со што значително се проширија основите за одземање на државјанството.
Евреин погубен во Иран за убиство за кое велеше дека било во самоодбрана
Иран, во услови на зголемени тензии со Израел, погуби Евреин осуден за убиство, обвинение кое неговото семејство го негира, тврдејќи дека дејствувал во самоодбрана откако бил нападнат.
Новинската агенција Мизан, која е поврзана со иранското правосудство, го цитира Хамидреза Карими, обвинител на иранскиот град Керманшах, кој рекол дека Арвин Гахремани (23) бил погубен денеска (4 ноември).
Гахремани, кој тогаш имаше 18 години, беше прогласен за виновен за бодење до смрт на муслиман, пред сала за вежбање во Керманшах, во 2022 година.
Жртвата му должела пари на Гахремани и, според неговото семејство, тоа довело до конфликт.
Семејството вели дека жртвата била вооружена, а Гахремани дејствувал во самоодбрана, додавајќи дека дури се обидел да и помогне на жртвата да преживее по конфронтацијата.
Откако беше осуден на смрт, адвокатите на Гахремани не успеаја да го убедат семејството на жртвата, чиј идентитет не е објавен, да го помилува и да му го поштеди животот.
Исламскиот закон предвидува кизас или одмазда во случаи на убиство.
Сепак, групите за човекови права долго време тврдат дека законот ги дискриминира оние кои не се муслимани, а кои често добиваат построги казни од муслиманите осудени за слични прекршоци.
Адвокатите на Гахремани три пати бараа повторно судење, но иранскиот суд ги одби барањата.
Здружението „Иран за човекови права“ со седиште во Норвешка, ја осуди егзекуцијата на Гахремани, за кој велат дека имал 20, а не 23 години.
Тие, исто така, ја оспорија вината на Гахремани, велејќи дека жртвата него го нападнала со нож. Велат дека семејството на жртвата првично се согласило да го поштеди Гахремани, но се предомислиле кога дознале дека тој е Евреин.
„Арвин беше Евреин и институционализираниот антисемитизам во Исламската Република несомнено одигра клучна улога во извршувањето на неговата казна“, рече Махмуд Амири-Могадам, директорот здружението, додавајќи дека случајот има „значајни недостатоци“.
Евреите се малубројно малцинство од околу 20.000 во Иран, претежно шиитска муслиманска нација со речиси 92 милиони жители.
Израел и палестинската група Хамас, водат војна во Појасот Газа во која, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе, а повеќе од 250 заложници беа заробени и однесени на палестинската крајбрежна територија откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година.
Потоа, во израелските напади во Појасот Газа, според тамошното Министерство за здравство, загинаа 43.374 луѓе, додека поголемиот дел од територијата беше претворена во урнатини.
Хамас е поддржан од милитанти на Хезболах од Либан, а двете групи уживаат поддршка од Иран.
Хамас е прогласена за терористичка организација од страна на САД и ЕУ. Вашингтон го означи Хезболах како терористичка организација, додека Брисел го стави на црната листа нејзиното вооружено крило, но не и нејзината политичка партија.
Многу Евреи избегаа од Иран по Исламската револуција во 1979 година, кога новиот режим усвои остар антиизраелски став, вклучително и непризнавање на правото на Израел да постои.
Поради невремето, прекинати возови и пренасочени летови во Барселона
Шпанските власти го прекинаа железничкиот сообраќај во Барселона поради невремето со силен дожд, што претходно предизвика поплави во Валенсија, во кои досега загинаа повеќе од 200 луѓе.
Министерот за транспорт Оскар Пуенте изјави дека ги суспендирал сите патнички возови во североисточна Каталонија на барање на службениците за цивилна заштита.
Тој рече дека контролорите на летање морале да пренасочат 15 летови закажани на аеродромот во Барселона. Неколку автопати беа затворени поради поплавите.
Мадрид ќе распореди уште 7500 војници во источниот дел на земјата погоден од поплавите.
Министерката за одбрана Маргарита Роблс рече дека околу 5000 војници биле испратени во текот на викендот за да помогнат во дистрибуцијата на храна и вода за пиење, чистење на улиците и заштита на зградите од ограбувачите.
Воен брод со 104 маринци и камиони со храна и вода се упатиле кон пристаништето Валенсија.
Спасувачките тимови сè уште трагаат по телата на исчезнатите во подземните гаражи, вклучително и на паркинг со 5000 возила во трговски центар во близина на аеродромот во Валенсија.
Многу жртви се регистрирани во Валенсија, а повеќе од 60 во предградието Паипорт.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете