Достапни линкови

„Рекет“- пораки меѓу Заев и Боки 13 меѓу доказите


Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за случајот „Рекет“, 11 февруари 2020 година

На денешното судско рочиште за случајот „Рекет“ обвинителката Ивана Трајчева презентираше пораки кои ги испраќал првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13, меѓу другите, и до тогашниот премиер, претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Според доказите што ги презентираше обвинителката, Јовановски преку апликациите Вибер и Ватс ап, на својата мајка и препраќал пораки од комуникација со, како што се гледа од фотографиите презентирани во судница, името Зоран Заев.

Според презентираното, Боки 13 во април лани, еден месец пред отворањето на истрагата за случајот „Рекет“, барал од Заев да го прими со тврдење дека никогаш не го злоупотребил неговото име и дека не играл дворски игри. На ова, според презентираното во судница, Заев одговорил: „ги видов доказите, огорчен сум и пред сериозни одлуки. Ова што се случува е грозно и јас како претседател на Владата, сум должен и ќе постапам“.

Во друга презентирана порака поранешниот премиер му пишал на Боки 13: „ќе се видиме и ќе се соочиме. Ова е чист рекет. Јас ги видов доказите“.

Денешното судско рочиште почна по еден час пауза во која лекарите го прегледале првообвинетиот во случајот Бојан Јовановски - Боки 13 откако тој се пожали дека не може да го следи судењето. По прегледот судијката Васка Николовска - Масевска го прочита извесувањето од Клиниката на гастроентерохепатологија во кое е наведено дека Јовановски имал хроничен гастритис и оти малигни материјали не биле најдени, по што рече дека судењето ќе продолжи.

Во случајот „Рекет“ обвинети се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, првоосомничениот Јовановски и Зоран Милевски. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

XS
SM
MD
LG