Достапни линкови

„Рекет“- порака од Ременски до Боки 13 меѓу доказите


Бојан Јовановски - Боки 13 и Катица Јанева во судница за случајот „Рекет“, 6 февруари 2020 година

Во продолжението на судењето за предметот „Рекет“ денеска беа презентирани докази од обвинителството, меѓу кои беше пуштена снимка од необјавена емисија „Инсајдер”, а презентирани беа и фискални сметки од обвинетиот Бојан Јовановски од 2019 година за облека што ја купувал од брендирани бутици во Италија. Сметките, преку 20, се на износи од 300 до 9.000 евра и повеќе. Вкупниот износ е 148.000 евра, потрошени за три дена во Италија.

Во доказите беа презентирани и извештаи од вештачењето од мобилните телефони на Јовановски за комуникација на Ватсап меѓу Боки и Катица Јанева на која и праќал слики од мебел и ја известил дека е стигнат.

Пратеничката Фросина Ременски, пак, му испратила порака на Боки 13, „наводно утре ќе одлучувале за жалбата на Орце”, а Боки и одговара „ок”. Прочитани беа пораки и од комуникација меѓу Боки и Дејан од „Пелистерка“ каде се допишуваат за некои судски решенија и за пари за кои дел биле префрлени, а дел ќе се префрлат. Во првиот дел од рочиштето пак беа пуштени снимки од домот на сведокот Камчев на кои се гледаат Јовановски и Зоран Милевски како излегуваат со торби од таму. Такви снимки објави и италијанскиот медиум Ла Верита.

Инаку судењето почна со задоцнување откако првообвинетиот Јовановски побара одложување поради здравствени причини, но судијката тоа не го дозволи. По судењето неговиот адвокат Сашко Дукоски рече дека на неговиот клиент му е дијагностициран рак на желудник за што имал и медицинска документација од болницата „8 септември“.

Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“ е осомничен во случајот „Империја“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Според обвинението поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, прво осомничениот Јовановски и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

XS
SM
MD
LG