Достапни линкови

Судскиот совет ќе ја разгледува инволвираноста на Кацарска во „Империја“


Илустрација

Судскиот совет ќе одлучува за евентуалната инволвираност на судијката Добрила Кацарска во предметот „Империја“, изјави денеска претседателот на Советот Киро Здравев. Тој потврди дека на 31 јануари до нив е испратено барање од Кацарска за утврдување инволвираност во овој предмет.

„Ова е прв пат судија да бара покренување постапка за утврдување одговорност и ќе постапуваме по тоа“, изјави Здравев, одговорајќи на новинарско прашање на денешната презентација на анализата за работата на Судскиот совет.

Кацарска побара од Советот да ги провери тврдењата на обвинителката Лиле Стефанова, искажани на рочиште за случајот „Рекет“ дека судијката во време додека се одлучувало за притворот на бизнисменот Јордан Камчев, осомничен во „Империја“, цело време била во судот и вршела притисок преку колега обвинител.

Осомничениот бизнисмен во „Империја“ пак, е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението за тој предмет, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, прво осомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

XS
SM
MD
LG