Достапни линкови

МВР презема мерки за расчистување на случајот со групата „Јавна соба“ на „Телеграм“


илустрација

Министерството за внатрешни работи соопшти дека презема мерки и активности за расчистување на случајот со затворената група „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“ на која биле објавувани фотографии со експлицитна содржина.

„Веднаш по добиената пријава преземени се мерки и активности за расчитување на случајот. Секторот за компјутерски криминал и форензика веднаш контактира со мрежата „Телеграм“, со цел добивање на потребните податоци околу функционирањето на оваа група и воедно го известивме за содржините што се објавени“, информира портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Тој додава дека е известено и Јавното обвинителство и дека се преземаат мерки за расчистување, а воедно апелира до граѓаните да пријават во полицијата злоупотреба на фотографии не само за овој, туку и за кој било друг случај.

Реакции за оваа групата имаше вчера по социјалните мрежи. Според споделените информации на социјалните мрежи дел од фотографиите објавени во оваа затворена група се преземени од отворени профили, а дел биле препраќани преку приватни профили и имале порнографска содржина.

Премиерот Оливер Спасовски денеска изјави дека групата била креирана многу брзо и за многу кратко време има толкав број учесници.

„Според информации што ги добив од Бирото за јавна безбедност покрената е целосна постапка за расчистување на овој случај, известено е јавното обвинителство и заедно се работи на откривање на администраторот, меѓутоа и на членовите на оваа група“, изјави Спасовски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конфренција во Владата.

Дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Санела Шкирељ истакна дека се работи координирано со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за образование и дека во моментов немаат пријава од родители, но апелираше до сите родителикои имаат информација дека нивните деца биле изложени и биле дел од оваа група да се обратат до центарите за социјални работи.

XS
SM
MD
LG