Достапни линкови

Жига Коритник – фотограф, документарист и „аранжер на облаци“


На Скопскиот џез фестивал се создава некоја магија која мене ме тера да дадам најмногу од себе. Ме инспирира. Едноставно го живеам џезот како уметник, вели словенечкиот фотограф Жига Коритник, авторот на капиталното дело, фото-монографијата „Cloud Arrangers“.

Жига Коритник не само што е стар пријател, туку е и официјален фотограф на Скопскиот џез фестивал (СЏФ) од 1996 година. Тој е во градот безмалку четврт век и дури мнозина во октомври го сметаат и за еден од неговите препознатливи урбани ликови.

За него Оливер Белопета знае да каже дека луѓето овде го препознаваат по фотографиите од календарите што ги прави на СЏФ и на кои „тие се особено горделиви, бидејќи ниту еден џез фестивал во светот ја нема таа практика“.

Згора на тоа тој е и авторот на фотографиите за двете досега објавени монографии на Скопскиот џез фестивал.

Инаку, Коритник не само што е врвен словенечки и светски фотограф, туку и одличен познавач на современиот џез, а минатата година по долги и студиозни подготовки ја објави својата фото-монографија „Cloud Arrangers”, за која познавачите, џез великаните, пријателите... со нескриено воодушевување забележаа дека претставува „капитално, животно дело на уметникот“. Книгата беше промовирана и на последниот Скопски џез фестивал, а фотографиите на Жига Коритник токму од ова издание на манифестацијата традиционално се најдоа и на штотуку отпечатениот календар за 2020 година што ќе биде премиерно претставен со концертот на САШО ПОПОВСКИ ТРИО овој петок на 24 јануари во клубот МКЦ.

Коритник како започна вашата соработка со Оливер Белопета, со Скопскиот џез фестивал?

Нашата дружба започна некаде на почетокот на 1990-те години. Се запознавме на Џез фестивалот во Сафелден, Австрија, каде јас му ги покажав фотографиите што дотогаш сум ги снимал. Потоа ја објавив книгата „Jazzy-Ga“ и ја праќав насекаде по фестивалите. Оливер ми се јави име покани да дојдам во Скопје. Таа покана ме воодушеви – едноставно не можев да верувам дека бев повикан да дојдам и да го фотографирам Џез фестивалот. И тоа е тоа. Сега сме овде со мојата книга каде насловната страна и поголемиот дел од отпечатените фотографиите се од минатите изданија на СЏФ. Овде во Скопје се чувствувам најудобно. Најубаво. Слободно. На фестивалот се создава некоја магија која мене ме тера да дадам најмногу од себе. Ме инспирира. Едноставно го живеам џезот како уметник.

Особено е интересна приказната за насловната страница, за тоа како настанала фотографијата на која е славниот германски џез тапанар Паул Ловенс, минатогодишниот добитник на наградата за животно дело во својата татковина.

Сакав да го снимам Паул со неговите чевли со кои се појавува на концертните настапи, како што самиот ми кажа, некаде од 1964, годината кога ете јас сум се родил. Идејата ми беше да му направам портрет токму со тие веќе дотраени обувки. На два пати му предлагав да го сториме тоа и морам да признам дека не беше воодушевен од тоа, за конечно чинот да се случи овде во Скопје, во гардеробите на Универзална сала. Го однесов до едно огледало каде што имаше неонско светло и ја завршивме работата. Самиот предложи како ќе ми позира. Потем ми кажа дека чевлите сега ги носи во куфер како амајлија за среќа, а дека настапува во нови.

Обично знаете да кажете дека отсекогаш сте сакале да направите ваква богато опремена книга, но стои и податокот дека самиот од до реализацијата на проектот и не беше лесен. Едноставно го одбравте начинот да не правите никакви компромиси во однос на изместувањето на основната идеа што подразбира дека немавте никаква институционална помош во вашата татковина Словенија. Како се одвиваат работите?

Во 2011 година ми пристапи полскиот дизајнер Марек Вајда со желба да направиме нешто заедно. Тоа ми беше некаков знак дека е време да започнам да работа врз реализацијата на мојата фото-монографија за џезот. Почнав да му праќам фотографии без некаков смисол или концепт и тој започна да ги става и условно направи едно издание од некаде 500 страници од кое јас лично се исплашив. Никогаш не се замислував дека би можел да направам книга од толку многу страници. Тоа ми беше премногу. Потоа самиот направив некаква макета и неа почнав да им ја покажувам на моите пријатели, музичари, продуценти...за да ги чујам нивните мислења. Да чујам дали е тоа – тоа. Почнав да си барам и издавач, но сите ми предлагаа да ми направат дистрибуција а самиот да си ги обезбедам парите за печатење. Потем, некаде пред три години, бев на некој џез фестивал во Австрија и таму од еден колега добив сугестија дека би било убаво да се обидам на „Кик-стартер“. Си помислив „па кој би купил толку скапа книга“ и веднаш добив одговор „па овие луѓе кои седат во првите редови на концертот...тие се твојата публика“. И веќе немав дилеми. Јас во Словенија имам статус на „слободен уметник“ , „директор на фотографија“ бидејќи 18 години работев на телевизија како снимател, и законски немам право да бидам издавач. Се јавив во Министерството за култура и од таму добив одговор дека „сето тоа можам да го работам само на црно“. Не бев воодушевен од таквиот одговор, за на крајот да дојдеме до заклучок дека треба да формирам некоја организација или издавачка куќа преку која таа книга би била објавена. Така заедно со мојата партнерка и фотографка Петра Цвелбар и со нејзините пријатели го формиравме „ПЕГА“ преку кој ги завршивме сите обврски околу објавувањето и промоцијата на „Cloud Arrangers“. Инаку, самата кампања беше како рингишпил, со многу врвови и падови, независно што притоа ја имав и поддршката од американскиот „Кик-стартер“ кои ме позиционираа доста високо како проект во кој би било убаво да се инвестира. По цели 24 часа бев со компјутерот во раце обидувајќи да го најдам вистинскиот начин за промоција и да го појаснам проектот. Тогаш ги почувствував благодетите на заедницата на музичари, промотори, продуценти, фотографи, уметници, џез вљубеници...кои еднодушно застанаа зад мене. Еве, Скопје џез фестивал уште веднаш откупи 20 книги, што значи дека многу ми помогна во конкретната реализација на проектот. На крајот собрав 35.000 долари за 33 дена и сонот стана јаве – успеав да направам голема книга, отпечатена на најдобрата хартија ...и така со ред.

Конечно книгата ја сведовте некаде на 370 страници и притоа немавте идеја за некакво хронолошко подредување на нејзината содржина.

Книгата на површина го вади мојот однос кон музиката, различните жанрови, потоа и тоа како од самите почетоци до ден денес се развиваше моето познавање на фотографијата како медиум ... Најстарата фотографија која е во книгата е онаа на Мајлс Дејвис снимена 1986 година на Белградскиот џез фестивал. Тогаш имав „откачено“ на Мајлс, а паралелно ги почнувам сопствените истражувања во фотографијата.

Подоцна сликата се најде на словенечкото издание на автобиографијата на Мајлс Дејвис. Тука е фотографијата на легендарниот Реј Чарлс снимена 1996 година во Скопје со која некако и започна нашата соработка со Оливер. Тогаш се правеше аеродромот во Скопје, летовите беа пренасочувани во Охрид и планот беше Реј да дојде со хеликоптер некаде по полноќ. Ми се чинеше дека би било убаво да го снимам при самото слетување од леталото и стапнувањето на македонско тло за концертот, но од тоа ништо не испадна. Дури потоа го сликав во хотелот, а подоцна направивме и поголема фото сесија. Тука е и Том Вејтс кого го сликав 199 година во Фиренца, Италија, и добив специјално дозвола од него за да ја користам фотографијата... Меѓу кориците се и портрети на Сони Ролинс, Рој хардгрув, Роско Мичел, Вадада лео Смит, Сесил Тејлор, Џо Завинул, Ахмед Џамал, Вилијам Паркер, Енио Мориконе, Хан Бенинк, Салиф Кеита, Цезариа Евора, Трстон Мур, Сузана Бака, Чик Кореа, Кимо Похјонен, Би Би Кинг, Бади Гај... и така со ред.

„Cloud Arrangers“ одлично помина кај критиката, а и покрај високата цена убаво врви и кај публиката. Значи ли тоа дека сега Жига Коритник, со стекнатото искуство, нема многу да се двоуми околу идниот ваков или сличен проект?

Продажбата сега за сега оди добро. Од некаде јануари – февруари 2019 зад себе имам 12-на презентации по фестивалите и така ќе продолжам иако сеуште е рано да се тврди дека проектот комплетно успеал. Има време за тоа. Ако се случи тоа несомнено дека ќе се амбицирам за нешто ново. Имам некои идеи кои би сакал допрва да ги развивам. Тоа е смислата на животот - да се работи и само работи. Од еден проект да влегуваш во друг и така се* додека имаш сили и идеи во себе.

Гледајќи ве како снимате многупати сум се прашувал: Што е она што сега го размислува Жига? Како се фокусира? Има ли простор во себе да си дозволи уживање во музиката која потекува од сцената? Каква драма преживува?

Само понекогаш може да се случи драма. Драми преживував некаде на почетокот кога не бев доволно искусен и се разочарував кога нема да го добијам она што го сакав во тој миг додека фотографирав. Или ако не ми беше дозволено да застанам онаму каде што мислев дека ќе ми биде покорисно за сликање. Сега нема многу драми. Се развиваат само емоциите кои вообичаено ги има во секој од нас додека слушаме музика. Какви и да се – весели, жални. Јас можам и да заплачам на концертите и да се смеам. А се фокусирам на тоа да снимам портрет што е можно подобро. На крајот на краиштата, ако постојано си фокусиран на тоа што го работиш тогаш почнуваат и тие работи да ти се случуваат. Мојот пристап на фотографирање е различен во смисол дали работам на бината или во партерот пред неа, зад сцената ... Се обидувам да „режирам“, а понекогаш фотографиите знаат да ме изненадат со содржината и да бидат многу повеќе од она што сум го замислувал на почетокот. И во тоа е магијата на фотографијата. Тоа е таа „драма“ која ја доживувам. Сега книгата е тука и е одгласите се повеќе од позитивни, а мојата нова „драма“ е како да ја промовирам на вистинскиот начин. Како да им ја доближам на поширок круг на љубители на џезот и на фотографијата.

Матс Густавсон и неговата колекција на винили - фото: Жига Коритник

А, какви се реакции на музичарите чии фотографии се најдоа на страниците на „Аранжер на облаци“?

Еве на пример француската кегенда Жоел Леандре, мојот пријател и лидер на ФАЈР ОРКЕСТРА и куп други формации - Матс Густафсон, Кен Вандермарк и Џон Мекфи се музичарите кои ми напишаа текстови за книгата. Не сакам да ги повторувам нивните зборови, но само ќе кажам дека со тоа многу ми помогнаа при нејзината реализација. Поголемиот број од реакциите се многу, многу позитивни ...воодушевувачки...и на некој начин тие не кријат дека се почестени со тоа што се на страниците на книгата. Поголемиот дел од фотографиите се должат на моето поимање на случувањата во импровизираната музика во последниве години што значи дека има и мнозина млади музичари чие време допрва доаѓа. Повторувам книгата не е хронолошки работена, нема мнозина големи „ѕверки“ во неа ... мене едноставно поентата ми беше секоја фотографија која е во книгата да е добра, да сум јас лично задоволен со неа. Да го има сето она што треба да го има една уметничка фотографија. Да има идеја, мисла, да е остра, да е добро осветлена ... Да има приказна во неа. Фотографијата да ја раскажува својата сопствена приказна. Јас се чувствувам како документарист на своето време. Тука сум да го бележам она што се случува. А и книгата е направена сето тоа да не се заборави. Посебно за младата публика која и не знае што се случувало...Некако нив да ги натера да почнат самите да истражуваат каква музика се свирело, како сето тоа се движело. Главно е импровизираната сцена слободно и силно да се развива натаму.

И, конечно, зошто насловот „Cloud Arrangers“? Каква лична приказна на авторот се крие зад него?

Во една прилика бев на Бохињско езеро. Дојде еден пријател од Шкотска со децата и кога тие ме видеа онака легнат и со замислен поглед насочен кон височините го прашаа татка си: Кој е овој човек, тато? А, тој едноставно им кажа: Тоа е аранжер на облаци. И, тогаш сето тоа го поврзав со музичарите, со сите нас. Сите ние аранжираме облаци во своите глави. Додека не почнав да слушам џез и да се занимавам со фотографија имав голема бура во главата. Музиката тогаш ми беше неопходната терапија. И, полека со тек на времето ги аранжирав облаците околу мене. Во мојот светоглед.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG