Достапни линкови

Време е за креативен џез


Вадада Лео Смит, американски трубач, композитор и музички иноватор
Вадада Лео Смит, американски трубач, композитор и музички иноватор

Со најкреативниот жив музичар во светот денес Вадада Лео Смит, Трстон Мур, њујоршкото трио ХАРИЕТ ТАБМАН, Арто Линдзи, Дејвид Мареј и Сол Вилијамс...како „најизвикани“ од исклучително ексклузивната, уникатна и храбра програма, од 18 до 21 октомври, ќе се одржи 37. Скопски џез фестивал.

Дождот долго ноќва држи ритам

По симсови и олуци гребе

И нон-стоп слушам, дур скитам:

За џез е време! За џез е време.

Есенски вијулици солират

По скопските улици дур дремеме

И нон-стоп синкопираат:

За џез време е! За џез време е!

Паднатите лисја глумат

Нотни писма со невидлив вез.

И нон-стоп тивко шумат:

Време е за џез! Време е за џез!

Со овие стихови професорот и поет, искрен вљубеник во џезот, Владимир Мартиновски ќе го дочека 37 издание на Скопски џез фестивал, манифестацијата која повеќе од три и пол децении потпишува програми кои не се потпираат на комерцијалното и извиканото, туку на современоста и уште поважно на потребата да се исчекори во непознатото, неусловеното, колку тоа понекогаш и да значи одење по острицата на сечилото. И, кога ова како дамнешно сознание е веќе дел од нашата културна историја, кога со гордост можеме да се извикнеме дека го имаме еден од најхрабрите и најслободоумните џез фестивали многу подалеку отколку што мислите дофрлаат, нималку не чуди смелоста и потребата на организаторите со секој чекор понапред да ги изместуваат границите.

Згора на ова, ајде нека биде тоа и субјективен став, го имам чувството дека Оливер Белопета како на овој начин да се справува со сето она што не влече надолу и не прави инфериорни. Неважни. Со изместен компас за вистинските вредности. Не смееме, а да не бидеме чесни и да не кажеме дека тој на Скопје џез фестивал одамна го донесе светот и го издигна до ниво на еден од најзначајните, зошто да не и најавангардните на Стариот континент. И, тоа во време на кризи, војни, беспарици...поматена свест и поигхрување со реномето преку упорните скратувања на неопходното.

Од таму, безмалку и да не чуди годинешнава исклучително возбудлива програма. Со својата ексклузивност, уникатност и храброст таа директно удира во свеста. Мнозина ќе остави без здив. Ќе им ги прошири видиците. Нормално, ќе има и такви кои нема да можат „да ја сварат“ и предвреме ќе се збогуваат со енергијата од сцената. Ќе бидат видени и толку. Тоа едноставно така оди во ова наше (суб)културно паланечко милје.

​ДЕЈВИД МАРЕЈ КВАРТЕТ со Сол Вилијамс

И кога сме веќе тука треба да се знае дека речиси сите концерти што ја сочинуваат програмата на фестивалот се специјални и ексклузивни по својот карактер и не претставуваат дел од турнеите на гостите музичари. Исклучок е настапот на ДЕЈВИД МАРЕЈ КВАРТЕТ со Сол Вилијамс кој ќе го означи стартот на нивната европска турнеја. Но да тргнеме со ред.

Почетокот на случувањата ќе му припадне на Александар Хокинс кој е познат како еден од најиновативните и најимагинативните британски пијанисти и композитори. Неговиот посебен звучен универзум се обликува низ потрагата по помирување на љубовта кон слободната импровизација и длабоката фасцинација од композицијата и структурата. Овој соработник на Еван Паркер, Џон Сурман, Хан Бенинк...и мнозина други ѕверким, во Скопје од Лондон доаѓа само за еден пијано џез-рецитал.

А, по дузина години кога го гледавме и слушавме како посега по делото на митот Хендрикс, во Скопје еве го повторно американскиот тенор саксафонист Дејвид Мареј. За него се вели дека е еден од ретките кој со толку страст и посветеност „ги има проучувано поврзаноста и кратенките меѓу авангардата и традицијата и во тој процес стекнал уметнички профил што го прави единствен“. Како голем љубител на поезијата, која секогаш била во служба на неговата музика, Мареј на погребот на нивниот заеднички пријател , поетот и активист на движењето Блек пауер - Амири Барака, го запознава њујоршкиот писател, слем-поет, рапер, колумнист и актер Сол Вилијамс. Резултат на таа средба и потребата да се чествува ликот на Мехмет Мемо Улу, пионерот на истамбулската џез сцена, е проектот/албум со силен политичко-поетски дискурс „Blues for Memo“ со кој тргнуваат на европска турнеја.

И, по една ваква звучна слика во МОБ, збогувањето со првата вечер ќе биде сторено во МКЦ каде на сцена ќе бидат Арто Линдзи, една од најзначајните фигури на „бруталната њујоршка но-вејв сцена од доцните 1970-ти и музичарот кој е познат по својата специфична фузија на апстрактен ноис, екпериментален џез и бразилска тропикалиа, и тапанарот Пал Нилсен – Лав, еден од творечки најпродуктивните норвешки музичари во последниве две децении.

Арто Линдзи и Пал Нилсен-Лав

Ишмаел Вадада Лео Смит, мнозина го сметаат за најзначајниот и најкреативниот жив џез музичар во светот денес. Првенствено смел трубач, а потоа и мултиинструменталист и композитор кој достигнса нов врв во својата кариера. Критичарите на прочуениот Даунбит минатата година го прогласија за најдобар во три категории: џез артист, трубач и музичар со најдобар џез албум - „America's National Parks“, а Скопскиот џез фестивал ја има привилегијата да биде одбран како единственото место во Европа на кое ќе се случи ексклузивната концертна промоција на неговиот албум „Reflections and Meditations on Monk“, објавен исто така во 2017-та.

Насловен, пак, по името на храбрата афро-американската робинка што го ризикувала животот за да се ослободи од ропство и помагајќи им уште на 300 други да го сторат истото, ХАРИЕТ ТАБМАН е музички колектив оформен во 1998 година. Се работи за трио во кое се гитаристот Брендон Рос, Басистот Мелвин Гибс и тапанарот Џеј Ти Луис. Тие длабоко инспирирани од идеалите за слободата креираат свој израз во кој можат да се препознаат влијанијата на колосите Џими Хендрикс, Орнет Колмен и ПАРЛАМЕНТ ФАНКАДЕЛИК. Соработувале со големини како Лу Рид, Херби Хенкок, хенри Тредгил,, Стинг, Арета Френклин...а ние во Скопје имавче лест да ги чуеме заедно со Касандра Вилсон. Овојпат еве ги со својот четврти албум, одличниот „Аraminta“.

Трстон Мур

Трстон Мур, пак, е култна фигура на светската алтернативна сцена. Како предводник на СОНИК ЈУТ тој поттикна цела една генерација да го вреднува експериментот во рокенролот. Денес снима и настапува во низа дисциплини, движејќи се од слободни импровизации , преку акустични композиции, па се до ноис упади. Соработувал со великани како Џон Зорн, Јоко Оно. Сесил Тејлор , ФАУСТ, Ирмин Шмит од КЕН, Глен Бранка... паралелно се бави со поезија и издаваштво, предавач е по креативно пишување и музика на неколку универзитети, а во последно време снима и настапува со разни формации, со својот бенд и соло. Него и неговата гитара скопските љубопитници и оние со отворени погледи ќе можат да ги видат во долгата петочна ноќ во МКЦ.

Во сабота случувањата ќе започнат со „рециталот“ на исклучителната данска саксафонистка и истакната претставничка на новиот бран екстремни инструменталисти експериментатори Мете Размунсен ( позната и по соработките со Крег Тејборн, Алан Силва, Матс Густавсон, Зина Паркинс...). Веднаш потоа публиката ќе ја има средбата со нејзините сограѓанки од норвешки Трондхајм, ТРОНДХАЈМ ВОЈСИС кои важат за револуционерен и иновативен ансамбл составен од вокалистки- екпериментаторки, кои постојано се поигруваат со структурата на композицијата „во поглед на тоа како еден вокален ансамбл може да креира уметност на звукот“. Овде кај нас ќе ги чуеме со делото „Folklore“ на Хелге Стен и Столе Сторлокен, кое ја истражува далечината меѓу акустичниот и електронскиот звук, хармонијата и микротоналната музика, познатото и непознатото.

Сузана Сантош Силва

Во таквиот звучен пејсаж на сцената се очекува и Сузана Сантош Силва, музичарка на труба, импровизаторка и композитор од Порто, Португалија. Неа светската музичка критика во последниве години ја смета за еден од најмоќните експоненти на современиот џез и импровизација, а македонската публика ќе има можност да ја чуе во формација на трио во кое се исклучителниот тапанар и перкусионист, еден од најдобрите во светот - Хамид Дрејк и тенор саксафонистот и кларинетист Аб Баарс.
И за крај во опкружување какво што доликува на нивната музика, во салата „25-ти мај“ во МКЦ, оставено е лудилото што го креираат финското трио МОПО, кои во својата музика прават моќна уникатна фузија на панк, џез и звуци од суровата рурална нордиска природа.

А, четвртата и последна вечер на 37 Скопски џез фестивал со право ќе му припадне на еден од најзначајните македонски музичари, гитаристот, аранжер и композитор Тони Китановски. Тој одбележувајќуи ги трите децении од својата уметничка дејност и присуство на сцената најнапред ќе го претстави своето ново дискографско остварување со бендот ПАНДА 5 ( во кој патем членуваат веројатно најдобрите македонски џез музичари како саксафонистот Кирил Кузманов, трубачот Трајче Велков, басистот Кирил Туфекчиевски и тапанарот Виктор Филиповски) насловено „Big City Scare“, а потем ќе има и свирка со своите интернационални пријатели – пијанистот Васил Хаџиманов, Џон Сас на туба, Дејв Вилсон на саксафон и Пјеро Епифанија Осамбела на кејџун.

Кон ова само уште и информациите дека Фестивалот годинава ќе понуди и богата придружна програма. Така на пијанистот Филип Филиповски ќе му биде доделена наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2018 година, а тука е и отворањето на исклучително интересната и ретка изложба „Духовите на Африка - ритуална западноафриканска уметност“, што заеднички ќе ја реализираат Музејот на Македонија и Музејот на африканската уметност во Белград.

Згора на ова, а во рамките на 37-то издание на Скопскиот џез фестивал, ќе биде промовиран и Манифестот на Европската џез-мрежа (Europe Jazz Network) за родова еднаквост во џезот и во креативната музика.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG