Достапни линкови

Нов притисок врз Иран за соборувањето на украинскиот авион


Архива: Остатоци од урнатиот украински авион во Техеран.

Министрите за надворешни работи на петте земји кои изгубија свои граѓани во соборувањето на украинскиот патнички авион минатата недела, се собраа денеска во Лондон да дискутираат за нивниот одговор на трагедијата.

Министрите од Авганистан, Британија, Канада, Шведска и Украина се очекува да извршат нов притисок врз Иран, за да дадат целосна пресметка за она што му се случи на авионот „Боинг 737-800“ на „Украина Интернешнал Арлајнс.“

Авионот на 8 јануари тргна на пат од Техеран кон Киев, кога беше соборен од страна на воздушната одбрана на Иран, при што беа убиени сите 176 лица во авионот.

Иран соопшти дека авионот бил соборен по грешка, неколку часа откако ирански балистички ракети беа лансирани кон две американски бази во Ирак.

Жртвите во несреќата се лица главно од иранска и канадска националност, со помали групи Украинци, Авганистанци, Швеѓани, Британци и Германци

Земјите повикаа да бидат повикани на одговорност оние кои дозволиле да се случи трагедијата.

Можноста за преземање на правни активности и прашањето за надомест на штета на семејствата на жртвите, исто така ќе бидат дискутирани на средбата во Лондон, според украинскиот министер за надворешни работи Вадим Прстајко.

Авионската несреќа налути многу Иранци, што доведе до протести против свештеничкиот естаблишмент.

XS
SM
MD
LG