Достапни линкови

Ирак бил известен за иранските напади


Архивска фотографија- ирачкиот премиер Адел Абдул Махди

Ирачкиот премиер Адел Абдул Махди примил усно известување од Иран дека одговорот на американското убиство на иранскиот генерал Касем Солејмани е во тек, соопшти кабинетот на Махди. Техеран му соопштил на ирачкиот премиер дека тие ќе нападнат само локации каде што има американски сили, но дека не прецизирале точно кои. Истовремено Махди добил повик и од САД додека проектилите ги погодувале двете бази, кажа денеска неговиот портпарол. Ова известување следува откако Иран изврши напади со балистички ракети врз неколку цели во Ирак, вклучувајќи и две воени бази во кои има американски војници и коалициски сили.

Иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хаменеи, пак, во телевизиското обраќање рече дека нападот бил „шлаканица в лице“ за САД. Во одвоено обраќање иранскиот претседател Хасан Рохани рече дека Вашингтон можеби „ја исекол раката“ на Солејмани, но дека американските „нозе“ во регионот ќе бидат исечени како одговор на убиството. Иранскиот министер за одбрана Амир Хатами рече дека ако Вашингтон возврати Иран ќе одговори со соодветна сила.

Иранската национална телевизија без да понуди докази јави дека се убиени „најмалку 80 терористи, американски војници“ и дека исто така се оштетени хеликоптери, дронови и друга опрема во воздушните бази Аин ал-Асад и Харир. Ирачката војска, пак, соопшти дека се испукани 22 ракети и дека нема жртви меѓу ирачките сили. Нападите следуваа часови откако Солејмани беше погребан во неговиот роден град Керман. Тој беше убиен во американски воздушен напад на 3 јануари во близина на меѓународниот аеродром во Багдад, Ирак.

XS
SM
MD
LG