Достапни линкови

Вести

Европа ја предупредува Турција за интервенцијата во Либија

Министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија и Италија, во заедничка изјава ја осудија вмешаноста на Турција во либиската криза откако Анкара испрати трупи во Триполи. По заедничкиот итен состанок во Брисел на шефовите на дипломатиите во заедничката изјава повикаа да се стави крај на „надворешното мешање во случувањата“. Министерот за надворешни работи Јозеф Борел ја критикуваше Турцијаи изрази загриженост за ситуацијата во Либија. На состанокот му претходеше објавата одТурција дека ќе праќа војници во Либија.

види ги сите денешни вести

Ахмети: Груби преведувал во истрагата за „Жолтата куќа“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вели дека не го загрижуваат гласините дека пратеници од редовите од неговата партија може да поднесат интепелација против вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„ Нема загриженост, бидејќи, секако, доколку имаше такво нешто, сигурно пратеникот Изет Меџити ќе разговараше со мене, но таквата тема досега не е отворена,“ изјави Ахмети во интервју за ТВ 21.

Сепак, Ахмети, посочи дека не очекува никој од неговата партија да се приклучи на опозицијата во интерпелацијата.

На новинарското прашање за улогата на Груби пред и по војната во Косово, Ахмети изјави дека Груби бил само преведувач, „ништо повеќе од тоа“ додавајќи дека Груби со години работел како преведувач и службеник во седиштето на НАТО во Скопје, потоа и во Холандската амбасада во Скопје, а претходно бил преведувач и во Хашкиот трибунал 7 или 8 години.
За шпекулациите околку вклученоста на Груби во истрагите околу „Жолтата куќа“ во Косово, откако дел од албанските медиуми пишуваа дека Груби е повикан за сведок во врска со оваа куќа, Ахмети изјави дека Груби имал информации кои ги добивал преведувајќи интервјуа со сведоци и инволвирани.
„Јас не сметам дека тој бил истражител! Секако дека ја познавал материјата бидејќи наивно би било д акажам дека не ја знаел материјата кога работел како преведувач и одреден период работел со луѓе кои ги правеле интервјуата“ изјави Ахмети.
Ахмети негираше дека знаел нешто за таканаречената „жолта куќа“, но бил во тек со обвиненијата кои се покренати од Дик Марти и дека тоа поглавје е затворено како невистина.

„Жолтата куќа“ за време и по воениот конфликт во Косово беше посочувана како место во кое се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОНА. Обвинението против косовскиот претседател Хашим Тачи се темели на извештајот на Специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата на ОВК во Косово и Албанија, 1998-2000 година. Во тој извештај од 2011 година, Марти го идентификуваше Тачи како водач на групата Дреница на ОВК, која држела, мачела и убивала заробени Срби во нехумани услови во импровизирани логори во Албанија, како и Албанци и Роми кои ги сметала за нелојални.

Тоа што, како што вели Ахмети, неговите пријатели од ОВК се во Хаг е тажен момент, не само за него туку и за Албанците, затоа што на обвинителна клупа е ставена историјата на Албанците.
„Обвинителот директно ја стави како криминална организација, што не се совпаѓа со вистината. Според тоа што го видов на почетокот, криминална група го нарекоа Генералниот штаб на ОНА, што не се совпаѓа со вистината!“ изјави Ахмети.
Тој истакна дека верува во меѓународната правда и дека, како што рече, обвинетите поранешни команданти на УЧК ќе ја докажат невиноста.

Новинар почина од ковид-19

Илустрација - медиуми

Од последици на Ковид-19 денеска почина новинарот Рефик Зенку, дописник на Медиумската информативна агенција. Зенку беше дописник за МИА од Кичево во изминатите девет години. Тој во изминативе три недели боледувал од ковид- 19 и се лекувал во скопската болница „8-ми Септември“. Вчера состојбата му се влошила, а лекарите не успеале да го спасат. Рефик Зенку беше новинар со долгогодишен стаж со речиси три децении во новинарството. Роден е на 18 мај 1965 година во Кичево.

Унгарските научници ќе ја тестираат руската вакцина дали е безбедна

Илустрација

Унгарските научници ќе ја тестираат руската вакцина дали е безбедна, ефикасна и препорачлива за унгарскиот народ, изјави денеска министерот за надворешни работи Питер Сијарто. Оваа изјава следува откако пакет со 10 примероци од Спутник V пристигнаа во Унгарија минатата недела. Сиајрто пред пратениците во Собранието изјави дека 10 дози од вакцината од првата регистрирана вакцина во светот против ковид-19 ќе бидат подложени на тестирање во Унгарија за безбедност и ефикасност.

„Минатата недела, 10 дози од оваа вакцина пристигнаа во Унгарија. Оваа пратка пристигна, заедно со потребната документација, за унгарските власти да извршат тестови кои ќе им помогнат на нашите научници да одлучат дали оваа вакцина е безбедна и ефикасна“ вели тој.

Минатата недела Сијарто изјави дека во тек се разговори меѓу унгарски производител на лекови и руски парнери за можно домашно производство на вакцината.

Руската вакцина Спутник V веќе е регистриран во руските институции и покрај тоа што не поминала низ напредни клинички студии. Оваа вакцина се уште не оценета од Европската агенција за лекови, регучаторот на лекови во Европската Унија.

Сијарто додаде и дека Унгарија е во преговори и со кинески производители на вакцина и купи 2,8 милиони дози од кинески антивирусни лекови. Дополнително, Будимпешта резервираше 12 милиони дози вакцини од производители во Европа и САД, вклучувајќи и од фармацевската компанија АстраЗенека.


Брнс:САД разочарани од бугарската блокада на македонските евроинтеграции

Архивска фотографија, амбасадорката на САД во Скопје Кејт Мери Брнс на средба со министерот за здравство Венко Филипче

Соединетите држави се разочарани од бугарската блокада на македонските европски интеграции. Американската амбасадорка во Скопје Кејт Мари Брнс, во интервју за Телма, посочи дека билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање. Таа изрази надеж дека Северна Македонија ќе продолжи со пристапниот процес кон ЕУ.

„Многу јасно ја кажавме нашата желба да ја видиме меѓувладина конференција до крајот на оваа година. И влезот на Северна Македонија во ЕУ ние го гледаме како заеднички интерес. Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија, двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграции “, вели Брнс.

Таа посочи и дека реформската агенда и напорите да се продолжи кон членство во Унијата е второто важно прашање за Македонија, освен справувањето со пандемијата за кое е потребна поддршка од сите политички партии.

„Се надеваме дека опозицијата, но и сите политички партии, сите организации, ќе застанат зад овие две цели. Прво за да се заштити нивното здравје и здравјето на граѓаните и второ да инвестираат во позитивна иднина која доаѓа со реформската агенда и напредокот на евро-атлантскиот пат“, изјави Брнс.

Жалење што Скопје и Софија не постигнале компромис е наведено во нацрт- текстот на Ќучик

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Илхан Ќучук

Во нацрт текстот на известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, кој треба да биде предмет на дебата на 10 декември во комисијата за надворешни работи, во кој имала увид дописничката на МИА од Брисел, се изразува жалење за ќорсокакот во кој се најдоа Бугарија и Северна Македонија на 17 ноември кога Софија одби да даде поддршка за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и одржувањето на првата Меѓувладина конференција. Европратениците имаат до 16 декември да поднесат амандмани за оваа резолуција.

„Жалиме што Бугарија и Северна Македонија допрва треба да постигнат компромис за прашања поврзани за историјата и јазикот, веруваме дека ќе биде наскоро решено за да не се загрози интеграцискиот момент, и е во исчекување на одржувањето, без одлагање, на првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на преговорите за членство, пишува европратеникот Ќучук во својата предлог резолуција.

Што се однесува до реформскиот дел, во предлог текстот, известувачот потсетува дека треба да продолжи заложбата за интеграција во ЕУ, демократска консолидација, борба против корупција, владеење на правото и подобрување на климата за медиумите и граѓанското општество. Се повторува потребата од натамошни напори во судството и пресуди за високопрофилни корупциски предмети и криминални мрежи. Позитивно се оценети подобрувањата во делот усвојувањето на законодавство за спречување на корупцијата и конфликтите на интереси, лобирање, пристап до информации, заштита за „свиркачите“ и јавното обвинителство и се бара ефикасна имплементација на овие закони. Што се однесува до состојбата со медиумите, известувачот вели дека е потребно подобрување преку подобра саморегулација, транспарентност на сопствеништвото и рекламирањето, но и зајакнување на финансиската одржливост на медиумите, јавни или приватни.

Откако ќе бидат поднесени амандманите на оваа резолуција, текстот би требало да биде усвоен кон крајот на февруари во комисијата за надворешни работи, а потоа на пленарна кон почетокот на март 2021.

Заев: Не сме далеку од договор со Софија

Зоран Заев

„Не сме далеку од договор“, изјави денеска премиерот Зоран Заев и додаде дека Северна Македонија прави се што е неопходно во функција да се постигне решение за отворените прашања коишто постојат со Софија. Тој додаде само била потребна добра волја и позитивно да се гледа на работите. Заев истакна дека не се дискутирало за отстапки туку за решенија за двете страни.


„Постојат начини како тоа да се реши. Секако, уште еднаш потенцирам, драго ми е што Бугарија го признава македонскиот јазик и македонскиот идентитет како наша реалност, а верувам низ тие формулации ќе се изнајдат и решенијата заради тоа што постојат решенија, секако внимавајќи едни на другите како страни во договорите – ние на бугарската страна, а бугарската страна да внимава на нас. Тоа го прават пријателите и верувам дека покажеме уште еднаш дека сме големи пријатели, изјави Заев.


Во однос на реакциите на бизнис секторот, оти на сметка на политиката трпи релацијата на македонско-бугарските бизнис односи, Заев посочи дека деловните врски меѓу двете земји се извонредни.

Починати 35 и новозаразени 387 од коронавирусот

Во изминативе 24 часа регистрирани се 387 нови случаи на ковид-19 и 35 починати лица од заразени од коронавирусот. Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1176 тестирања, од кои најголем дел од евидентирани на новозаразените се од Скопје-174, потоа во Гостивар 56 и Тетово-26. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 528 оздравени пациенти.

Починати се 35 лица, од кои десет пациенти од Скопје, Најмладиот починат пациент имал 43 години додека најстариот 88 години. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 55 127, бројката на оздравени пациенти е 32 894, на починати е 15 46, а бројот на активни случаи изнесува 20 687.

Ѓоргиев: Бугарските барања се неприфатливи за Македонија

Македонско - бугарска комисија за историја

Барањата на Бугарија се апсолутно неприфатливи за Македонија и македонската јавност. Покрај тоа, тоа предизвикува радикалите да се обидат да ја зголемат недовербата кон Бугарија, што ќе влијае на членовите на македонската страна на комисијата. Во овој момент, во ваква атмосфера ќе биде многу потешко да се разговара, изјави копретседавачот на македонскиот тим во Заедничката историска комисија професор Драги Ѓоргиев за бугарската телевизија „Европа“. Тој во интервјуто посочил дека политичката ситуација по бугарското вето ќе влијае на работата на Заедничката историска комисија, но, сепак, смета дека таа треба да продолжи да работи. „Надминување на недоразбирањата можат да се случат само преку дијалог, преку разговори“, изјави Ѓоргиев. Следниот состанок на заеднилката комисија треба да се случи на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата.

Бугарското МНР за РСЕ кажа што точно бара Софија

„Веќе има притисок врз комисијата да ги прекине преговорите. Јавноста е и разочарана, но и бесна поради овој потег на Бугарија. Несомнено, тој притисок од јавноста се пренесува и врз членовите на комисијата. Се разбира, политички досега од ниту еден фактор не сме имале притисок, но од медиумите и јавноста е навистина голем. Се чувствува, но како што реков, јас сум за продолжување на работата на комисијата“, додаде Ѓоргиев.

Заев: Бугарското вето е голема неправда и најголем пораз на ЕУ

Ѓоргиев изјавил дека личноста на Гоце Делчев ќе продолжи да предизвикува полемики меѓу историчарите од обете страни, но вели дека Делчев покрај влијанието на неговиот светоглед од бугарскиот образовен контекст во кој се развива и идеите на бугарските револуционери, има и силен македонски политички идентитет.
„Тој е роден во Македонија, се бори за Македонија. Има силен македонски политички идентитет и сето тоа не може да го запоставиме. Затоа сметам дека во овој момент треба да бидеме флексибилни и умни, да го оставиме на страна прашањето чиј е Гоце Делчев. Тој е силно вграден во меморијата и на бугарскиот и на македонскиот народ. Според тоа, можеме да го сметаме за херој кој може заеднички да го славиме и тука треба да најдеме решение, а дискусиите ќе продолжат понатаму,“ вели Ѓоргиев нагласувајќи дека не е работа на комисијата да донесе одлука за неговиот идентитет.

Саркози седна на обвинителна клупа

Започна судењето на поранешниот француски претседател Николас Саркози. Тој е обвинет за корупција и влијаење врз продажба. Саркози беше претседател на Франција во период од 2007 до 2012 година. Тој е обвинет за поткуп на судија во замена за информации за истрагите кои во тој период се водеа против неговата партија и начинот на кој се финансирала. 65-годишниот десничар ги негираше таквите обвинувања.

Неговиот случај е поврзан со долгогодишната истрага за сомнеж за користење на тајна донација за финансирање на неговата претседателска кампања на изборите во 2007 година. Обвинителите тврдат дека Саркози и неговиот адвокат во 2014 година се обиделе да поткупат судија нудејќи му престижно работно место во Монако, а за возврат да им достави информации во врска со истрагата. Покрај него на обвинителна клупа се и 65 годишен адвокат Тиери Херзог и 73 годишниот судија Гилберт Азиберт. И тие ги демантираа обвинувањата.

Опозицијата поднесе 528 амандмани на буџетот за 2021 година

Илустрација - Собрание на Република Северна Македонија

Пратеничките групи доставиле 528 амандмани за Буџетот за 2021 година, за кого утре почнува комисиската расправа почнува утре и ќе трае во следните десет дена. Најголем дел од амандманите, односно 390, како што информираа од ВМРО-ДПМНЕ, се поднесени од нивните пратеници, а останатите над стотина се од Алијанса на Албанците и Алтернатива.

Буџетот за 2021 година е дел од стратегијата на Владата за економско заздравување и забрзан раст во периодот од 2021 до 2025 година. Во иницијалната фаза од планот треба да обезбеди економско заздравување од последиците од пандемијата со Ковид-19, а веќе во следните три години забрзан и одржлив економски развој.

Предлог-буџетот за 2021 година е проектиран на 247,5 милијарди денари или околу 4 милијарди евра. Се очекува значително зголемување на
приходите за околу 8,3 отсто со што буџетскиот дефицит, од 8,5 проценти, колку што ќе биде годинава, ќе падне на 4,9 проценти од БДП. Во Предлог-буџетот за следната година проектирани се и средства во висина од 50 милиони евра за евентуални идни мерки за справување со Ковид-кризата со кои ќе го поддржи стопанството и граѓаните.

Без големо подобрување во аерозагадувањето на Балканот, оцени ЕК

Илустрација - Скопје во магла, 12 ноември 2020

Европската комисија (ЕК) денеска го презентираше својот редовен извештај за состојбата со аерозагадувањето во Европа, кој ги вклучува и шесте земји до западниот Балкан, во кој се оценува дека состојбата се уште е незадоволителна, јави МИА од Брисел.

Здравјето на жителите на Северна Македонија и останатите земји од регионот и натаму е сериозно загрозено, покажуваат последните бројки на извештајот на Европската агенција за животна средина за 2018 година, што резултира во висока стапка на прерана смрт, пред сѐ поради високата концентрација на ПМ2,5 честички во воздухот, се наведѕува во извештајот. Ако највисоката стапка во апсолутни бројки е во Германија, Италија, Полска и Франција поради обемното население, во релативни бројки, ефектот е најнегативен на Балканот.

„Кога се гледаат изгубените животни години во релативна смисла, најсилен импакт има во централна и источна Европа каде се измерени највисоките концентрации на ПМ2,5 честички, односно Косово, Србија, Албанија, Бугарија и Северна Македонија“, се нагласува извештајот.

Д-р Бибер: Трите проблематични аспекти на бугарската позиција

Флоријан Бибер

Блокадата на Бугарија на евроинтеграцијата на Северна Македонија го киднапира процесот на проширување на ЕУ, го загрозува кредибилитетот на Унијата и ги обесхрабрува другите земји кандидати, оценува политичкиот аналитичар и експерт за Балканот, професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер.

„Потпишувањето декларации со кои аспирантите и земјите членки ќе се обврзат да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања треба да биде стандард. Сепак, додава, проблемот е повеќе во тоа што нема доволно земји во ЕУ кои се ентузијасти за проширувањето, кои се подготвени да притиснат и да извршат притисок врз своите колеги-членки за да се отстранат ваквите блокади“, вели д-р Бибер во рзговор за МИА.

На прашањето „за позицијата на Софија која ја условува европската интеграција на нашата земја со прифаќање на бугарските корени на идентитетот и јазикот – непринципиелни барања што го нарушуваат правото на земјата за самоопределување“, Бибер оценува дека таа е проблематична од три аспекти.

„Бугарската позиција е проблематична од три аспекти. Прво, таа поставува барања од Македонија, кои не треба да бидат предмет на политички одлуки и притисок меѓу земјите. Без оглед како да се толкува историјата, ова треба да биде работа на историчарите, инаку за историјата дискутираат аматери. Исто така, ја става историјата во служба на одредена нација. Второ, наметнување на национална историја на друг е малтретирање и исто така не е во согласност со добрососедските односи. Трето, ваквите прашања не треба да застанат на патот на пристапувањето во ЕУ бидејќи не се однесуваат на подготвеноста на Унијата за Северна Македонија. Со тоа се киднапира пристапот кон ЕУ. Земјите од Западен Балкан потпишаа двапати декларации со кои се обврзаа да не си го блокираат патот кон ЕУ во однос на билатералните прашања. Додека Бугарија нема потпишано, ова треба да биде стандард“, вели Бибер.

За 24 часа во скопските ковид центри примени нови 19 пациенти

Илустрација - Инфективна клиника, Скопје

Во последните 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 19 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 470 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 8 приеми и тоа двајца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид центарот на Клиниката за Неврологија, еден болен е хоспитализран на Клиниката за дерматовенерологија, а двајца на Клиниката за гастроентерохепатологија. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 7 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника биле примени четворица во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 13 оздравени пациенти. Според Министерството за здравство, вупно 470 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Стопанска комора: Има субвенции, но има и квази земјоделци

Стопанска комора на Македонија

Потрошените речиси една милијарда евра земјоделски субвенции во изминатите години, не дадода резултат и дека многу од парите се даваат на квази-земјоделци. Нестабилно е производството на пченица, приносот е под четири тони на хектар, сортите за семе се лоши, а технологијата застарена, сточниот фонд пак, се намалува, увозот е зголемен, од традиционален производител на млеко, земјава денес е голем увозник, истакнаа од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција.

„Од 20 милиони евра поддршка во 2006 година до скоро 200 милиони денес, потрошени се речиси една милијарда евра за земјоделството, но резултатите се поразителни. Начинот на субвенционирање мора да се смени за конечено да се разграничат вистинските земјоделци, професионалците, од оние кои добиваат поддршка, но не прават ништо за развој на производството. Мора еднаш да се направи пресек за некои работи, што можеби е болно, но само така за кратко време фармерите ќе се преструктуираат и ќе тргнеме во вистина насока ако сакаме да движиме кон ЕУ. Доста беше веќе традиционално производство, треба да се поддржат бизнис ориентираните, професионални производители", изјави Васко Ристовски од Комората.

Според него време е, од традиционално, да преминеме на професионално земјоделство, да се исфилтрираат вистинските од квази земјоделците.

Онлајн работата на Парламентот пак на дневен ред в четврток

Илустрација - Седница на Собранието на Република Северна Македонија

Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по сратена постапка, што предвидува вклучување на далечина на пратеници со Ковид-19 и во самоизолација во работата на Параламентот и работните тела, е ставен на дневен ред на седницата закажана за в четврток, 26 ноември.

За да се донесе Предлогот, на мнозинството му требаат 61 пратеник што во моментов ги нема поради отсуството на неколкумина пратеници од здравствени причини, дел поради Ковид-19.

Опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива се противат на какво било онлајн работење на Собранието, со образложение дека „на таков начин владејачкото мнозинство сака да го прикрие тенкото мнозинство од само 62 пратеници и оти со тоа ќе се прекрши член од Уставот“.

УНИЦЕФ: 2 милијарди вакцини против Ковид -19 за земјите во развој

Илустрација

Агенцијата за деца на ООН денеска соопшти дека планира да испорача 2 милијарди вакцини против Ковид-19 и една милијарда шприцеви следната година во „мамутска операција“ која опфаќа 92 земји во развој. УНИЦЕФ, кој е најголемиот купувач на вакцини во светот, вообичаено набавува повеќе од 2 милијарди дози вакцини годишно за рутинска имунизација.

„Оваа невидена експертиза вклучува координација на илјадници пратки со различни побарувања за ладен ланец, што го прави УНИЦЕФ експерт за управување со синџирот на снабдување на производи контролирани од температурата, што е особено потребно за време на овој историски потфат“, објави УНИЦЕФ.

За да се подготви за логистичките предизвици при доставување на вакцини против Ковид-19, УНИЦЕФ соопшти дека работи со стотици воздушни, товарни, шпедитерски и глобални партнери за логистика за она што се очекува да биде „најголемата и најбрзата ваква операција досега“.

По еден месец лекување од Ковид-19, министерот Спасовски на работа

Оливер Спасовски

Денеска сум на работното место, со едно големо искуство зад себе продолжувам да работам за доброто на граѓаните. Благодарност до лекарите за посветеноста во која се уверив на Инфективна клиника..., објави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кај кого пред речиси еден месец беше констатиран Ковид-19, а поради влошената состојба беше и хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

„Битката е заедничка - чувајте се, носете маска, заедно ќе го победиме Ковид-19“, напиша Спасовски на Фејсбук.

Според статистиката на Министерството за здравство, која беше објавена синоќа за претходните 24 часа, биле направени 2553 тестирања, а регистрирани биле 1112 нови случаи на ковид-19.

Во Македонија за 24 часа поднесени 541 пријава за неносење маска

Илустрација - Скопје, ноември 2020

Од Министерството за внатрешн работи денеска соопштија дека во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Република Северна Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 541 прекршок.

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19.

Трамп на самитот Г20 го бранеше ставот за повлекување на САД од климатскиот договор

Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја бранеше својата одлука за повлекување на Соединетите држави од меѓународниот договор за климатски промени, велејќи дека тој е „нефер и пристрасно“. САД на почетокот на ноември официјално се повлекоа од договорот за климатски промени постигнат во Париз на крајот на 2015 година. „Ги извлеков Соединетите држави од нефер и пристрасен договор што е многу нефер за САД“, изјави Трамп на виртуелниот самит на Групата 20 најразвиени земји во светот и земјите во развој. Темите на самитот организиран од Саудиска Арабија, меѓу другото, беа животната средина и пандемијата на коронавирусот.

САД и официјално го напуштаат Парискиот договор за климата

„Парискиот договор не беше постигнат за да се спаси животната средина, туку да се уништи американската економија“, рече Трамп, додавајќи дека одбива да се откаже од неколку милиони работни места во САД. Избраниот претседател Џо Бајден вети дека Соединетите држави ќе се вратат на договорот на првиот ден од неговата инаугурација во јануари 2021 година. Таа изјава беше поздравена од многу европски лидери.

Нови мерки во Британија по 2 декември

Лондон

Построг систем на локални ограничувања на три нивоа ќе стапи на сила во Англија по завршувањето на мерките што се во сила до 2 декември, објави Кабинетот на премиерот. Премиерот Борис Џонсон се очекува да го претстави својот план пред пратениците денеска - вклучувајќи детали за семејните прослави и посетите за Божиќ. Предвидено е да бидат воведени построги мерки во повеќе области со цел да се одржи вирусот под контрола, а некои мерки ќе бидат засилени со цел да се зачува постигнатиот напредок, е објавено од Даунинг стрит.

Карантинот ја зауздува пандемијата во Европа, САД во расчекор

Промените во ограничувањата сè уште не се јасни, но познато е дека затворањето на пабовите и рестораните во 22 часот ќе биде продолжено. Од Џонсон се очекува да каже дека луѓето, иако можеби ги имаат последните нарачки во 22 часот, ќе добијат дополнителен час за да ја завршат вечерата и да се напијат нешто. Целосните детали за таканаречениот „зимски план“ се очекуваат денеска. Портпарол на премиерот рече дека напорите за време на сегашните национални ограничувања помогнаа да се стави под контрола ширењето на вирусот и да се намалат притисоците врз здравјето.

Двајца мртви во напад со нож во црква во Сан Хозе, Калифорнија

илустрација

Две лица загинаа, а неколкумина се тешко повредени во напад со нож синоќа во црква во Калифорнија, објави полицијата во американскиот град Сан Хозе. Нападот се случил во Баптистичката црква во центарот на Сан Хозе.
Градоначалникот на Сан Хозе, Сем Ликардо најпрвин во поракана Твитер напиша дека осомничениот е уапсен, но подоцна ја избриша таа порака на Твитер и изјави дека полицијата подоцна ќе објави до каде е истрагата за инцидентот.

Напаѓачот во Ница, 21-годишен туниски мигрант

Според полицијата, во моментот на нападот со нож, во црквата не се одржувала никаква служба, туку во неа имало бездомници за да се засолнат од студот.

Блинкен најверојатно нов државен секретар на САД

Ентони Блинкен

Џо Бајден ќе го избере дипломатот Ентони Блинкен за државен секретар на САД, изјави лице блиско до тимот на избраниот претседател, додавајќи дека најавата е веројатно во вторник. Блинкен е долгогодишен човек од доверба на Бајден, кој служеше како број 2 во Стејт департментот и како заменик советник за национална безбедност во администрацијата на претседателот Барак Обама, во која Бајден беше потпретседател. Преодниот тим на Бајден одби да даде коментар и Блинкен не одговори на барањето за коментар.

Фон дер Лајен – Се надевам дека ангажманот на САД со новиот претседател ќе се промени

58-годишниот Блинкен долго време го изнесува ставот дека САД треба да преземат активна лидерска улога во светот и да соработуваат со сојузниците. Луѓето запознаени со неговиот стил на управување го опишуваат Блинкен како „дипломатски дипломат“, добро упатен во надворешната политика. Откако кандидатот за претседател на Демократската партија, Хилари Клинтон ги загуби изборите во 2016 година од претседателот Доналд Трамп, Блинкен стана еден од основачите на „Советниците на Вест Ексекс“, консултантска компанија во Вашингтон, која ги советува корпорациите за геополитички ризици.

Грчката армија поставува шатори пред болниците за ковид-19 во Солун

илустрација

Грчката армија започна со поставување шатори пред воената болница во Солун, градот кој е најмногу погоден во таа земја во вториот бран на епидемијата на коронавирусот. Во шаторите ќе може да се сместат околу 50 болнички кревети, објави Генералштабот на грчката армија. Покрај тоа, две приватни клиники примаат пациенти заразени со коронавирусот во Солун, град со околу милион жители. Грчката опозиција ги обвини властите дека не го зголемиле доволно бројот на болнички персонал во последните месеци и дека не презеле мерки против епидемијата на коронавирус во преполниот јавен превоз.

Мицотакис – Враќање во нормала кога ќе се намали притисокот врз здравството

Премиерот Кирјакос Мицотакис призна дека го потценил опсегот на вториот бран на епидемијата на коронавирус, особено во Солун, каде што претходно требаше да бидат преземени соодветни мерки. Бројот на заразени и мртви од почетокот на ноември започна да расте во Грција, каде што карантинот е во сила од 7 ноември. Во таа земја, од почетокот на епидемијата, починале 1.630 лица, а 91,61 биле заразени

Г20 вети еднаков пристап до вакцината за коронавирус

Проекција на „Семејна фотографија“ за годишниот Самит на лидерите на Г-20 на палатата Салва во Ат-Турајф, едно од местата на Светско наследство на УНЕСКО во Саудиска Арабија, 20 ноември 2020 година.

Лидерите на Групата 20 најразвиени земји во светот и земјите во развој на вчерашниот виртуелен самит ветија дека ќе сторат сè за да обезбедат „еднаков“ пристап до вакцината за коронавирус. „Нема да се откажеме од нашите напори да им обезбедиме на сите еднаков пристап (вакцини, тестови и терапија)“, стои во завршната декларација на дводневниот виртуелен самит организиран од Саудиска Арабија. Лидерите на Г20 изјавија дека „целосно ги поддржуваат“ механизмите воспоставени од Светската здравствена организација во борбата против епидемијата на коронавирус, што значи дека вакцината нема да биде достапна само за најбогатите земји.

ОН: Богатите да им помогнат на сиромашните земји во борбата со Ковид-19

Во завршната декларација, Г20 вети дека ќе ја спроведе претходно донесената иницијатива за одложување на отплатата на долгот на сиромашните земји. Лидерите рекоа дека трговијата е „поважна од кога било за поддршка на мултилатерален систем за трговија“ и за обезбедување „еднакви услови за игра“. Во Г20 најразвиени земји во светот и земјите во развој се 19 земји и Европската унија, вклучувајќи ги Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Турција, Велика Британија и САД.

Илјадници Белоруси демонстрираа против Лукашенко, неколку стотици се уапсени

Минск, 22.11.2020.

Илјадници Белоруси организираа нови демонстрации против Александар Лукашенко, барајќи негова оставка. Групата за заштита на човековите права Вјасна соопшти дека полицијата уапсила повеќе стотици демонстранти и дека тие претепале многу други учесници на протестот. Демонстрантите првично вчера се собраа во различни делови на Минск за да ја отежнат работата на полицијата, но се соочија со репресија кога се обидоа да се обединат во центарот на главниот град. Полицијата употреби шок бомби за да ги растера демонстрантите и започна да апси.

Македонија се придружува на санкциите на ЕУ кон Белорусија


Демонстрантите извикуваа „Да живее Белорусија“ и вееа црвено-бели знамиња на опозицијата. Голем број полицајци се распоредени на улиците во Минск, со оклопни возила и водени топови. Белорусите на социјалните мрежи пишуваат дека повторно имало судири меѓу граѓаните и полицијата во дворовите на зградите. Лидерот на опозицијата Свјатлана Циханускаја, која се засолни во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, го поздрави вчерашниот протест како нов чекор кон „слободна и праведна Белорусија“.

Илјадници луѓе се збогуваа со убиениот белоруски антивладин активист

Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати на гласањето, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле украдени. И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите со апсење и потиснување на демонстрантите и активистите, масовните протести не стивнуваат дури и по три и пол месеци. Од почетокот на демонстрациите во август, најмалку четири лица починаа или во знак на протест или по апсењето. Повеќе од 19.000 демонстранти беа уапсени, од кои илјадници беа претепани. 66 годишниот Лукашенко кој управува со Белорусија со цврста рака од јули 1994 година, со репресија на опозицијата и независните медиуми, ги обвинува западните земји за поттикнување протести.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG