Достапни линкови

Вести

Јовески: сите со докази за „Рекет“ да ги достават до обвинителството

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ги повика сите што имаат каков било доказ за „Рекет“ да го достават до обвинителството за да постапува. „Обвинителството уште еднаш нагласува дека не располагаме со други податоци, за други имиња инволвирани во ‘Рекет’. Доколку некој друг располага нека ги достави до обвинителството за да постапува. Ги имаме предвид сите написи, но доколку некој посочи конкретен доказ, документ, ние сето тоа ќе го прибавиме и ќе постапуваме. Предметот се води неселективно, вели Љубомир Јовески во изјава за Аласт. Јовески, исто така, ги отфрла како шпекулации и тврдењата дека Боки 13 барал да го спроведат кај него за да сподели доверливи информации, посочувајќи дека досега тој му се обратил со писмен допис само еднаш, во кој се жалел на лошата здравствена состојба.

види ги сите денешни вести

Арнаутовиќ суспендиран на наредниот натпревар поради навредите кон Алиоски

Арнаутовиќ го навредува Алиоски по постигнатиот гол

Австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ денеска е суспендиран на еден натпревар откако го навредуваше македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски на меѓусебниот натпревар на Европското првенство. Како што соопшти Европската фудбалска унија (УЕФА), Аранаутовиќ е обвинет за „навреда на друг играч“, според дисциплинскиот правилник.

Фудбалската федерација на Македонија во вторникот побара од УЕФА да го казни Арнаутовиќ, кој, како што се тврди, откако постигна гол, на српски јазик, на национална основа го навредил Алиоски, кој е етнички Албанец.

Таткото на Арнаутовиќ е Србин, а мајката Австријка.

Тој можеше да заработи суспензија на 10 натпревари, ако УЕФА утврдеше дека навредите биле изречени на расна и етничка основа.

Арнаутовиќ се извини и рече дека не е расист, туку дека некој зборови биле изговорени поради емотивен набој.

Тој ќе го пропушти мечот против Холандија во второто коло на Групата Ц, кој се игра в четврток во Амстердам.

Нови 15 случаи на ковид-19, нема починати, оздравени 14 пациенти

Илустрација.

Министерството за здравство соопшти дека нови 15 случаи на ковид-19 се регистрирани во последните 24 часа, 14 пациенти оздравеле, а починати нема.
Направени се 2.802 тестирања, а од новите случаи пет се во Кичево, 4 од Скопје, 3 од Тетово и по еден од Прилеп, Охрид и Делчево.

Досега во земјата се направени вкупно 841.125 тестирања на ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.583, бројката на оздравени пациенти е 149.690, на починати е 5.472, а бројот на активни случаи изнесува 421.

САД купиле уште 200 милиони дози на вакцини Модерна

Вакцината Модерна. Илустрација.

Модерна соопшти денеска дека американската влада купила уште 200 милиони дози од нејзината вакцина за ковид-19. САД досега нарачаа вкупно 500 милиони дози на вакцини Модерна, при што 110 милиони за испорака во четвртиот квартал и 90 милиони за испорака во првиот квартал на 2022 година.

Модерна, која од понеделникот достави 217 милиони дози во САД, соопшти дека дополнителните дози се купени за да се обезбеди континуирано снабдување до првиот квартал од следната година.

Повеќе од 129 милиони дози на вакцината „Модерна“ досега се администрирани во САД, покажуваат најновите податоци на Центрите за контрола и превенција на болести.

Путин се надева на продуктивна средба со Бајден

Средба на рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Џо Бајден во Женева.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека се надева оти средбата со американскиот претседател Џо Бајден во Женева ќе биде продуктивна.

„Господине претседател, би сакал да ви се заблагодарам за иницијативата да се сретнеме денес“, рече Путин, седејќи покрај Бајден и придружуван од министрите за надворешни работи на двете земји.

Бајден рече дека двајцата лидери ќе се обидат да утврдат области на соработка и заемен интерес.

„Секогаш е подобро да се сретнуваме лице в лице“, рече Бајден.

Путин и Бајден се среќаваат за прв пат откако Бајден стана претседател и во момент кога билатералните односи се на најниско ниво во последните неколку години. Агендата - освен конечните соопштенија- е потврдена во телефонски повик меѓу советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и советникот за надворешна политика на Путин Јуриј Ушаков.

„Самитот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден во Женева веројатно нема да донесе конкретни договори, но состанокот сепак ќе биде корисен“, изјави Ушаков, наведувајќи дека на дневен ред ќе бидат нуклеарната стабилност, климатските промени, сајбер безбедноста и судбината на американските и руските државјани кои се наоѓаат во затвор во едната или другата земја.

Заев: Ќе ја искористиме желбата за разговори со Бугарија

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев во пресрет на утрешната посета на Софија изјави дека
за македонскиот јазик и идентитет не се разговара и тоа воопшто не е на маса. Според него, се разговара за португалскиот предлог кој води грижа за македонски јазик и македонски идентитет и истовремено води грижа и за бугарските позиции. Тој додава и дека португалскиот предлог е навистина инвентивно и креативно решение за кое што вреди да се потрудат.

За утрешната посета на Софија тој кажа дека е должен прво на граѓаните да им ги каже своите лични очекувања, бидејќи не сака ниту за себе ниту за народот да ги зголемува очекувањата од тоа што е реално.

„Зошто е реално? Заради тоа што во Бугарија нема ниту Парламент, ниту има политичка влада. Фала богу има желба за разговор и затоа ќе ја искористиме таа желба за разговори од страна на бугарската влада и ние ќе ја направиме утре посетата Бугарија каде што ќе се видиме и со лидершипот на повеќе политички партии, најголемите… Се надевам тие ќе го прифатат тоа, а ќе се видиме со премиерот и со претседателот на државата и сите важни носители на одговорните функции“, рече Заев.

Според него, двете страни сметаат дека португалскиот предлог е добра основа за постигнување на решение.

„Ова треба да го искористиме. Ако се постигне решение супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање на решение веднаш штом ќе се формира политичката влада,“ оцени премиерот Заев.

Првата шанса за датум за меѓувладина конференција е на 22 јуни односно 24 и 25 јуни кога се одржува Европскиот совет. На 6 октомври, посочи Заев, е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија за време на словенечкото претседателство, што е следна шанса за земјата.

Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи на утре ќе остварат работна посета на Софија. Според соопштението на владината прес-служба, целта на посетата е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија.

Премиерот и владината делегација, според соопштението, ќе остварат работни средби со Претседателот на Бугарија, Румен Радев, со премиерот на Бугарија Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во земјата.

Вчера се аплицирани 5.611 вакцини

Вакцинација против ковид-19 во Спортски центар „Борис Трајковски“ во Скопје - 5 април 2021.

Министерството за здравство соопшти дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 263.083 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 3.606 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 5.611 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 458.131 дози вакцини, а ревакцинирани се 195.048 граѓани.

Со последните бројки, според соопштението, 48 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 36 проценти од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вакцинацијата, како што се наведува, се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 452.093 граѓани.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Во Москва задолжителна вакцинација за 60 проценти од вработените во услужниот сектор

Жена прима вакцина „Спутник В“ во Москва.

Московските власти донесоа одлука вакцинацијата против ковид-19 да ја направат задолжителна за 60 проценти од вработените во услужниот сектор, бидејќи новите случаи продолжуваат да го брануваат рускиот главен град.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека ситуацијата во градот драматично се развива и ги повика луѓето да се вакцинираат во обид да се намалат хоспитализациите и смртните случаи. Собјанин на 12 јуни објави неработна недела помеѓу 15-19 јуни како одговор на скокот на случаите на ковид-19.

Бројот на потврдени случаи во Москва порасна за 5.782 во изминатите 24 часа. Вкупно 75 жртви се регистрирани во главниот град во изминатите 24 часа, што е највисока бројка од 19 јануари. Вкупниот број на смртни случаи во Москва достигна 21.125, соопшти кризниот центар. Повеќе од 125.000 смртни случаи од коронавирус се регистрирани од страна на властите во Русија од почетокот на пандемијата.

Османи– Логар: Западен Балкан важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ

Министерот Бујар Османи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска имаше средба со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар на маргините на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2021“ во Братислава. Тој на средбата, според соопштението, добил уверување дека Западниот Балкан ќе биде многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ.

Логар, како што се наведува, потенцирал дека клучното прашање на неформалните и највисоките можни политички дискусии ќе биде Самитот за Западен Балкан, со што прашањето за земјите од Западен Балкан ќе биде на врвот на дневниот ред во ЕУ. Соговорниците заклучиле дека оваа тема е од стратешко значење за ЕУ, не само за Словенија, туку и за регионот.

„Во разговорот со словенечкиот соговорник, поради фактот што Словенија ќе го преземе кормилото со Советот на ЕУ наредниот месец, доминираше темата за приоритетите на словенечкото претседателство, особено проширувањето на ЕУ кое што е високо на нивната агенда“, се посочува во соопштението на МНР.

Како што информираат од МНР, на средбата се зборувало и за развојот и потенцијалите на билатералните односи, но доминираа темите поврзани со европската агенда на Северна Македонија, тековните дискусии за преговарачката рамка за земјата, како и за нашите очекувањата за одржување на првата Меѓувладина конференција во рамките на протугалското претседателство со Советот на ЕУ.

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи на утре ќе остварат работна посета на Софија.

С.Македонија, Србија и Албанија на листата на ЕУ за „безбедни држави“ од ковид-19

Илустрација

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ донесоа одлука Северна Македонија, Србија и Албанија да бидат ставени на листата на безбедни земји за ковид-19. Препораката би требало да биде усвоена во петок кога и официјално ќе стапи на сила и тоа ќе значи дека жителите на трите земји ќе можат слободно да патуваат во ЕУ.

ЕУ секои две недели расправа за епидемиолошката ситуација во секоја од таканаречените трети земји и се ажурира листата со оние држави за кои се смета дека се безбедни за нивните жители да патуваат во ЕУ. За да се добие статус на безбедна држава, мора да се евидентираат максимум 75 позитивни случаи на коронавирус на 100.000 жители во последните 14 дена во земјата.

Имено, претседателството на ЕУ, Португалија, состави список на земји чии податоци покажуваат можност за вклучување на овие земји во категоријата „безбедни земји“ во врска со пандемијата на ковид-19. Покрај трите земји од Западен Балкан, на списокот се и САД, Хонг Конг, Макао, Саудиска Арабија и Тајван.

Денешното гласање и претстојното во петок не е правно обврзувачко, меѓутоа со него формално се укинува забраната за патување од трети земји кои влегуваат во листата на безбедни држави. Патувањето за граѓаните на безбедната листа е слободно, но тоа не ја исклучува можноста земјите членки на ЕУ индивидуално да одлучуваат и да побараат мерки од патниците на овие земји како што се тестирање и карантин. Здравствените мерки се во надлежност на секоја земја членка на ЕУ, така што и правилата се одредуваат без координација на ниво на ЕУ. Но, од почетокот на пандемијата на ковид-19 за укинувањето на рестрикциите за патувањата на граѓани од трети земји се одлучуваше координирано.

Во мај, Советот на ЕУ формално ги укина ограничувањата за несуштински патувања за државјани на трети земји кои биле вакцинирани со сите дози на вакцината против ковид-19, која вклучува граѓани на Западен Балкан. Сепак, на граѓаните на оние земји кои не се на безбедната листа им е потребна согласност од земјата домаќин, додека дозвола не е потребна во случај да доаѓа од земја што се смета за безбедна. Прашањето за здравјето е во национална надлежност на секоја земја-членка, затоа, дури и во случај некои земји да бидат прогласени за безбедни, секоја земја на ЕУ има право да воведе мерки за борба против коронавирусот.

Заев, Димитров и Османи утре на средби во Софија

Никола Димитров, Бујар Османи и Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе остварат работна посета на Софија. Според соопштението на владината прес-служба, целта на посетата е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија.

Премиерот и владината делегација, според соопштението, ќе остварат работни средби со бугарскиот претседател и премиер, Румен Радев и Стефан Јанев, како и со претставници на поголемите политички партии во земјата.

Заев на НАТО Самитот 2021 во Брисел пред два дена оствари средба со Радев, на која во фокусот беше „перспективата за постигнување на реален исчекор во процесот на европската интеграција на Северна Македонија. На средбата беше договорена и посетата на Софија.

На 23 јуни треба да се одржи самит на ЕУ на кој ќе се разгледува можноста за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија, во услови кога членката на блокот Бугарија го блокира почнувањето на процесот со Северна Македонија.

Над 2600 апликации за туристички ваучери

Охрид

Министерството за економија соопшти дека на јавниот повик за издавање ваучер за организиран одмор на работници со ниски приходи досега се пристигнати над 2600 апликации. На јавниот повик кој се затвора денеска право на учество имаа работници чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари.

Ваучерите се со вредност од 12.000 денари и може да се користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во земјава кои претходно се пријавени во Министерство за економија. Предвидени се 15 милиони денари за вкупно 1.250 ваучери.

Оваа мерка, според министерството, има за цел да им овозможи на семејствата со ниски приходи, со поддршка на државата да го искористат правото на годишен одмор и истовремено, да им се даде поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, со што се стимулира развојот на домашниот туризам.

Ваучерот може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година. Потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот “прв дојден прв услужен“.

Потврдата за користење на средства за организиран одмор може да се користи само од работникот на кого му е издадена заедно со членовите на неговото потесно семејство кои се наведени во барањето.

Владата преку програмата на Министерството за економија, во 2017 година почна да ја спороведува мерката со цел да даде поддршка на домашниот туризам, но во исто време на семејствата со ниски месечни примања да користат одмор во туристичките центри во земјата.

Повредени гледачи на натпревар на ЕУРО 2020 од демонстрант со падобран

илустрација

Демонстрант од Гринпис, кој скокна со падобран на стадионот пред мечот на шампионатот на ЕУРО 2020 меѓу Франција и Германија во Минхен, повреди неколку лица кога удри во жици на висечки камери. Остатоци паднаа на теренот и на главната трибина кога падобранот се заплетка во каблите. „Неколку лица“ беа на третман во болницата поради повреди предизвикани од инцидентот, соопшти УЕФА, додавајќи дека „властите ќе преземат неопходни активности“ за, како што го нарече, ова „несовесно и опасно“ дело.

УЕФА ќе поведе истрага за наводните навреди на Арнаутовиќ спрема Алиоски

Гринпис на Твитер соопшти дека организацијата „никогаш немала намера да повреди никого или да ја наруши играта“, додавајќи дека се надева оти „никој не е сериозно повреден“.

Руски фонд: Спутник V е поефикасен против индискиот вид отколку другите вакцини

Руската вакцина Спутник V

Руската вакцина Спутник V е поефикасна во заштитата од индиски вид на коронавирус отколку вакцините од други производители, објави Рускиот инвестициски фонд (РДИФ). Кон крајот на април, раководителот на Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, кој ја разви вакцината, Александар Гинтсбург, рече дека Спутник V произведува доволно антитела за борба против индискиот вирус на корона. Русија беше прва во светот што регистрираше вакцина против коронавирусот на 11 август минатата година.

Пристигнаа 20.000 вакцини „Астра Зенека“ од Грција

Спутник V досега е одобрен во 60 земји. Во февруари, медицинското списание „Лансет“ објави студија која покажува дека руската вакцина е ефикасна 90 проценти. Сè уште не е одобрена за употреба од Европската агенција за лекови.

Унгарските законодавци гласаа да донираат државно земјиште за кинески универзитет

Едно лице држи играчка мечка Вини Пу со знаме додека учествува на протест против планираниот кампус на кинескиот универзитет Фудан во Будимпешта, Унгарија, 5 јуни 2021 година.

Унгарскиот парламент го одобри предлогот да се донира државно земјиште за изградба на контроверзен кинески универзитет во Будимпешта и покрај бурата од локални протести и критики дека владата станува премногу наклонета кон Пекинг. Пратениците на владејачката партија Фидес на премиерот Виктор Орбан на 15 јуни со огромно мнозинство гласаа за донирање на неколку парцели долж реката Дунав на Фондацијата на Универзитетот Фудан. Таа група ќе биде надлежна за кампусот, кој треба да биде изграден по цена од околу 1,8 милијарди американски долари на место каде претходно биле планирани поволни станови за унгарски студенти.

Референдум во Унгарија за кинескиот универзитет

Според законот, владата треба да ги претстави конечните планови на проектот до парламентот до крајот на 2022 година, по општите избори. Орбан минатата недела изјави дека проектот ќе биде ставен на референдум. Планот е непопуларен во Будимпешта и на национално ниво, со илјадници демонстранти кои излегоа на улиците на главниот град овој месец да протестираат против него.

ЕУ со нова стратегија кон Русија

шефот на европската дипломатија Жозеп Борел з

Европската комисија денеска ќе објави нов извештај за Русија по консултациите со американскиот претседател Џо Бајден, кој исто така денеска ќе се состане со неговиот руски колега Владимир Путин во Женева. Новата стратегија на Европската унија за нејзиниот полн однос со Русија ќе се заснова истовремено врз одвраќање, ограничување и ангажирање со Москва, изјави во шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за новата стратегија за која лидерите на ЕУ ќе разговараат во следната недела. ЕУ и Москва се длабоко во расчекор околу човековите права, Украина и Белорусија, безбедноста на Блискиот исток и сајбер нападите.

ЕУ ги повика руските власти да го ослободат активистот Пивоваров

Борел рече дека врските на ЕУ со Русија се „на најниско ниво“.
„Ќе биде тешко да се подобрат ... Изгледите не се светли дека работите ќе се подобрат наскоро“, додаде тој, наведувајќи дека ЕУ ќе биде подготвена да ги подобри врските со Русија доколку Кремљ ја смени својата политика.

РСЕ: ЕУ ќе ги прогласи С. Македонија, Србија, и Албанија за „безбедни држави“ од ковид-19

Северна Македонија, Србија и Албанија се земји во регионот кои имаат потенцијал да бидат прогласени за безбедни земји за слободно патување во Европската унија

Северна Македонија, Србија и Албанија се земји во регионот кои имаат потенцијал да бидат прогласени за безбедни земји за слободно патување во Европската унија, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори. Имено, претседателството на ЕУ, Португалија, состави список на земји чии податоци покажуваат можност за вклучување на овие земји во категоријата „безбедни земји“ во врска со пандемијата на ковид-19. Покрај трите земји од Западен Балкан, на списокот се и САД, Хонг Конг, Макао, Саудиска Арабија и Тајван.

Нема веќе полициски час, прославите може да бидат помасовни, ќе има концерти и забави

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ ќе разговараат за секоја од овие земји на денешниот состанок и ќе одлучат во согласност со епидемиолошката состојба во секоја земја поединечно. За да се добие статус на безбедна држава, мора да се евидентираат максимум 75 позитивни случаи на коронавирус на 100.000 жители во последните 14 дена во земјата.

Падна бројката на ковид пациенти, но расте на оние со пост-ковид последици

Во мај, Советот на ЕУ формално ги укина ограничувањата за несуштински патувања за државјани на трети земји кои биле вакцинирани со сите дози на вакцината против ковид-19, која вклучува граѓани на Западен Балкан. Сепак, на граѓаните на оние земји кои не се на безбедната листа им е потребна согласност од земјата домаќин, додека дозвола не е потребна во случај да доаѓа од земја што се смета за безбедна. Прашањето за здравјето е во национална надлежност на секоја земја-членка, затоа, дури и во случај некои земји да бидат прогласени за безбедни, секоја земја на ЕУ има право да воведе мерки за борба против коронавирусот.

Во Женева самит Бајден-Путин

Претседателите на Русија и на САД Владимир Путин и Џо Бајден

Претседателите на Русија и на САД Владимир Путин и Џо Бајден денеска во Женева ќе се сретнат за прв пат откако Бајден стана претседател и во момент кога билатералните односи се на најниско ниво во последните неколку години. Агендата - освен конечните соопштенија - е потврдена во телефонски повик меѓу советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и советникот за надворешна политика на Путин Јуриј Ушаков. „Самитот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден во Женева веројатно нема да донесе конкретни договори, но состанокот сепак ќе биде корисен“, изјави Ушаков, наведувајќи дека на дневен ред ќе бидат нуклеарната стабилност, климатските промени, сајбер безбедноста и судбината на американските и руските државјани кои се наоѓаат во затвор во едната или другата земја.

Пред средбата меѓу Бајден и Путин малкумина очекуваат напредок

За време на прес-конференцијата на 14 јуни во Брисел, Бајден беше запрашан за спецификите на агендата на самитот со Путин, но тој одби да даде какви било коментари или да процени каков ќе биде успехот на самитот. Тој посочи дека ќе бара области за договор со Путин.

Бајден сам ќе одржи прес конференција по средбата со Путин во Женева

„Ќе му објаснам на претседателот Путин дека има области каде што можеме да соработуваме“, рече Бајден, посочувајќи дека ќе остане претпазлив за какви било обврски што произлегуваат од нивниот состанок. Односите Русија-САД достигнаа најниско ниво по Студената војна по руската анексија на Украина во 2014 година. Вашингтон исто така ја обвини Москва за мешање во претседателските избори во 2016 година, воведувајќи санкции за руски компании и поединци.

Времето денеска: сончево со мала до умерена облачност

Ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде од 19 до 31 степен. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 28 степени.

Нема веќе полициски час, прославите може да бидат помасовни, ќе има концерти и забави

Полициски час како мерка против ширењето на коронавирусот, Скопје март 2021, архивска фотографија

Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и донесе одлука за целосно укинување на полицискиот час од утре. Се укинува и ограничувањето за максимум 100 гости на свадби и прослави. Се дозволува организација на настани, концерти и забави во клубовите и локалите само на отворено, со капацитет до максимум 50 отсто од објектот и не повеќе од 1000 лица.

Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.

Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби.

Одлуката за укинување на ковид ограничувањата доаѓа откако падна бројката на заразени и починати од ковид во земјава и откако се намали бројот на пациенти кои се лекуваат во ковид болниците.

Мицкоски - Со Софија преговараат за сè она за кое велат дека не преговараат

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека протестираат, веќе, петти ден, се со цел, да се дознае за што преговара двоецот Заев-Бучковски. Мицкоски, како што соопштува партијата, вели дека во јавноста има една општа конфузија за тоа што преговара овој двоец.

„Од информациите кои ги добиваме од дипломатски избори од Брисел, но и од официјална Софија, тие преговараат за сè она за кое велат дека не преговараат. А тоа се идентитетот, културата, посебноста, јазикот, наследството, антифашистичката борба, сето она за коешто велат дека не преговараат“, се наведува во соопштението од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека министерот за надворешни работи Бујар Османи нема да се премисли и дека утре ќе дојде во парламентот и пред пратениците отворено ќе зборува за тоа за што преговара.

ВМРО-ДПМНЕ привн три дена блокираше крстосници во Скопје и во уште неколку градови, а после протестите ги пресели пред зградата на МНР.

Мицотакис и Ердоган се согласиле да не се повторат тензиите од 2020 година

Реџеп Таип Ердоган

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на нивната вчерашна средба во Брисел се согласиле дека и покрај дијаметрално спротивните позиции на двете земји за различни теми, дека во 2021 година не треба да се повтори тензијата од 2020 година, соопшти портпаролката на грчката Влада Аристотелиа Пелони.

На редовниот брифинг со новинарите, Пелони објасни дека Мицотакис и Ердоган се согласиле дека е позитивен фактот што имаат директен контакт и што се активирани сите постоечки канали на комуникација.

Паралелно, тие изразиле задоволство за позитивната агенда што содржи 25 точки, а на кои работат замениците министри на двете земји.

„Кирјакос Мицотакис истакна дека се надева на почести контакти на сите нивоа, вклучително и на највисоко, за да се изградат мостови на доверба што ќе бидат во корист на двете земји. Несогласувањата, очигледно остануваат, и покрај позитивното расположение што беше констатирано. Останува да се види во пракса дали ова расположение ќе се покажа како суштински чекор во подобрувањето на односите“, рече Пелони.

Курти - Вучиќ одби три предлози, а за еден не се изјасни

Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти информира дека на денешната средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одржана во седиштето на ЕУ во Брисел, изнел четири предлози, од кои три биле одбиени, а за еден не добил одговор, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вучиќ претходно изјави дека апсолутно за ништо не се согласил со Курти, но дека дијалогот продолжува во јули.

Курти на средбата со Вучиќ изразил подготвеност за водење дијалог што ќе резултира со меѓусебно признавање на двете држави.

Единственото барање на кое не добил ниту потврден ниту одбивен договор, вели Курти, е она за промена на мандатот на ЦЕФТА, и преформулирање на таа организација во СЕФТА – Договор на Југоисточна Европа за слободна трговија, со кој шесте балкански земји ќе се организираат според моделот на ЕФТА-ЕЕА, односно договорот на Лихтенштајн, Норвешка и Исланд со ЕУ.

Српската страна на средбата во Брисел ги одбила предлозите:

„Косово и Србија веднаш да потпишат мировен договор со кој ќе се обврзат дека нема да се напаѓаат меѓу себе…;

Потоа по меѓусебното признавање, двете земји да имаат билатерален реципроцитет, вклучително малцинските прашања. Значи, Србите во Косово можат да имаат свој Национален совет, каков што имаат Албанците и Бошњаците во Србија;

Во однос на прашањето на исчезнатите од војната, да се исклучи од позицијата која ја има и да се повика на распит водачот на српската делегација, Вељко Одаловиќ, кој во периодот 1997-1999 година беше ‘начелник на Косовскиот округ‘ и раководеше со окупирано Косово, заедно со Зоран Анѓелковиќ“, пишува Курти.
Тој очекува по враќањето во Белград, српската страна да размисли повеќе за овие предложи, напиша Курти на официјалниот Фејсбук профил.

Одбивањето на предлозите, според Курти, значи дека не е постигнат договор за агендата на наредниот состанок со српските претставници, кој сепак, како што најави тој, ќе се одржи кон крајот на месец јули.

Мадрид сака Сеута и Мелија да станат дел од Шенген-зоната

Mадрид размислува да ги прогласи Сеута и Мелија за дел од Шенген-зоната, изјави денеска шпанската министерка за надворешни работи Аранча Гонзалес Лаја.

Мароканците од градовите кои ги опкружуваат тие две шпански енклави на африканскиот брег во моментов може да влезат таму без виза, но им треба виза за да влезат во континенталниот дел на Шпанија, пренесува Хина.

Шпанија и Мароко во моментов спорат за Западна Африка, регион окупиран од Мароко.

Околу 150 мигранти утринава се обидоа од Мароко да влезат во соседната шпанска енклава Мелија, а во судирот со стапови и камења беа полесно повредени деветмина полицајци.

Во средината на мај, другата шпанска енклава Сеута на северот на Мароко беше погодена од незапаметен мигрантски бран од скоро 10 илјади луѓе, вклучувајќи и многу малолетници, откако мароканските власти ги ублажија контролите.

Унгарија забрани „промовирање“ на хомосексуалност меѓу малолетници

Будимпешта 1 јуни

Унгарскиот парламент денеска изгласа закон со кој се забранува „промовирање“ на хомосексуалност меѓу малолетници, додека владата на Виктор Орбан воведува сè повеќе ограничувања за ЛГБТИ заедницата.

На гласањето кое беше пренесувано на телевизија, законот добие 157 гласови од пратениците од владејачката партија Фидеш и крајно десничарската опозициска партија Јобик.
Останатиот дел од опозицијата го бојкотираше гласањето.

„Порнографијата и содржините кои ја претставуваат сексуалноста или промовираат отстапување од родовиот идентитет, промена на полот и хомосексуалност не смеат да бидат достапни за помлади од 18 години“, пишува во документот во кој имала увид новинската агенција Франс прес, а чија цел е „заштита на правата на децата“.

Во пракса, веќе нема да бидат одобрувани образовни програми или реклами во знак на солидарност со сексуалните и родови малцинства, како што Кола-Кола во 2019 година имаше реклама со пар мажи што предизвика повици за бојкот на нејзините производи.

Истото ќе се однесува и за книги, но и за серии и филмови како „Пријатели“, „Бриџит Џонс“ или „Хари Потер“ во кои се споменува хомосексуалност, предупредуваат невладини организации.

Илјадници луѓе синоќа протестираа во Будимпешта поради „постојаната пропаганда“ на владата против ЛГБТИ заедницата.

ЗНМ го осудува односот на градоначалникот на Струга кон новинарите

Отстранување на платформи во Струга.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации и најостро го осудува недоличниот однос на градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко кон новинарката на Алфа ТВ и новинарите присутни на прес-конференцијата во текот на вчерашниот ден на тема дивоградбите во општина Струга.

Од ЗНМ, потенцираат дека јавните личности, особено избраните функционери се подложни на јавна критика и тоа треба да го прифатат како дел од нивната работа и треба да се воздржат од изјави кои што на кој било начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности. Таквите изјави може да стимулираат напади и закани врз новинарите од страна на партиските припадници, а тоа со себе може да повлече многу негативни последици.

Градоначалникот на Струга на прес -конференција вчера рече дека информациите дека во Струга има дивоградби се шпекулација, а за новинарката од Алфа телевизија рече дека не е писмена.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG