Достапни линкови

Трамп – Ако Техеран нападне американски цели, САД ќе погодат 52 локации во Иран


Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Техеран дека САД „многу брзо и многу силно“ ќе погодат 52 локации во Иран ако Исламската Република нападне американски цели. Некои од тие локации се „многу важни за Иран и за иранската култура“, наведе доцна синоќа Трамп на Твитер.

„САД веќе не сакаат закани“, предупреди Трамп.

Во врска со 52-те идентификувани локации, Трамп потсети дека 52 Американци на крајот на 1979 година, за време на Исламската револуција, повеќе од една година беа заложници во Амбасадата на САД во Техеран.

Најавата на Трамп е одговор на заканите од иранското раководство по убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани во американски воздушен напад во Багдад. Трамп вели дека Солејмани ја нападнал американската амбасада во Багдад и оти подготвувал други напади на други локации.

Претставник на иранската револуционерна гарда претходно се закани дека има 35 американски цели за можен одмазднички напад.

Шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф го предупреди американскиот претседател дека нападите врз локалитети од иранската култура би претставувале воено злосторство.

Колин Кал, кој беше службеник за национална безбедност во администрацијата на претседателот Барак Обама, на Твитер напиша дека е тешко да се поверува дека Пентагон ќе му овозможи на Трамп опции за таргетирање кои ќе вклучат културни локалитети. Трамп можеби не се грижи за законите на војувањето, но планерите и адвокатите во Министерството за одбрана се грижат, затоа што тоа е воено злосторство, напиша тој.

XS
SM
MD
LG