Достапни линкови

Спасовски изгласан за технички премиер, ветува фер избори


Оливер Спасовски е избран за премиер на техничката влада.

Собранието избра техничка влада која ќе ја предводи државата до изборите кои треба да се одржат на 12 април. Премиер на новата влада е Оливер Спасовски. Во владата сега има и министри и дополнителни заменици министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Со 101 глас „ЗА“, без пратеници кои се воздржани и против, Собранието избра техничка влада, која во следните сто дена треба да ги организира предвремените парламентарни избори. За премиер е избран досегашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. Освен нов премиер, во преодната владата има нови министри и заменици министри, чија цел е спроведување на фер избори, кои треба да се одржат на 12 април. По предлог на најголемата опозициската партија, собранието го избра Наќе Чулев од Агенцијата за разузнавање за министер за внатрешни работи и докторот на науки Рашела Мизрахи за министерка за труд и социјална политика.

Техничката влада е според таканаречниот „Пржински модел“ кој првпат е применет за изборите во 2016 година, а кој уследи по кризата која настана, откако досегашниот премиер Зоран Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на нелегално прислушувани материјали, по што следеа предвремени избори.

Спасовски во експозето пред пратениците рече дека новата влада ќе ги преземе сите потребни мерки за да бидат обезбедени услови за спроведување на успешни предвремени парламентарни избори, а надлежните институции за спроведување на изборите ќе ја добијат целокупната поддршка.Тој очекува професионална соработка меѓу Владата и Собранието, но и со другите институции и организации задолжени за спроведување и набљудувањето на изборите.

„Имаме историска одговорност да продолжиме со организација на избори како што доликуваат на европска Македонија, која се стреми кон полноправно членство во ЕУ. Впрочем, преку организацијата на локалните избори во 2017, референдумот во 2018 и претседателските избори во 2019 поставивме стандарди кои не смеат да бидат нарушени и кои ќе бидат водилка и за организација на изборите закажани за 12 април оваа година“, рече Спасовски, образложувајќи ја програмата на новата влада.

Тој рече дека одговорноста за спроведување на беспрекорни избори сега е подеднакво и на опозиција.

„Сите сме дел од институциите кои ќе мора да функционираат и да испорачаат совршени, слободни, фер и демократски избори и ни милиметар помалку од тоа“, рече Спасовски.

Пратениците од владејачкото мнозинство Јован Митревски од СДСМ и Артан Груби од ДУИ од собраниската говорница ги набројуваа, како што рекоа, успесите на оваа влада. А пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски пак ги набројуваше ветувањата што власта ги дала и не ги исполнила.

Спасовски рече дека предводењето на Владата во ваков период, за него претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност. Освен организирање на слободни, фер и демократски избори, новата влада, според Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, како приоритети ги потврдува полноправно членство на државата во НАТО и успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ. Преодната влада ќе се насочи и кон развој на економијата, реформи во правосудството, намалување на аерозагадувањето, борба со организираниот криминал и корупцијата.

На предлог на ВМРО-ДПМНЕ беа избрани и тројца дополнителни заменици министри. Досегашната пратеничка Невенка Стаменковска Стојковски ќе биде заменик во Министерството за администрација, магистерот по економски науки Гордана Димитриеска Кочоска во ресорот финансии, а поранешниот пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски во Министерство за земјоделство. Ротација има и во владината структура, на местото на вицепремиерот Кочо Анѓушев доаѓа досегашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. Двете заменички министри во преодната влада ќе бидат Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријељ во министерството за труд и социјална политика.

Претходно Парламентот ја констатираше оставката на Зоран Заев од премиерското место. Тој од функцијата си замина по две години и седум месеци на власт. Потоа претседателот Стево Пендаровски му даде мандат на Оливер Спасовски да формира техничка влада.

Договорот за ваква влада го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, премиерот во оставка Зоран Заев кога беше опозиционер и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница во 2016 година.

Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања, инвестиции.

Оваа ќе биде втора техничка влада во Македонија. Првата се формираше пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер беше Емил Димитриев.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG