Достапни линкови

До техничката влада и по неа


Седница на Владата на Република Македонија

Новата техничка влада треба да биде избрана најдоцна до 3 јануари на полноќ. Премиерот Зоран Заев треба да си поднесе оставка, да биде избран технички премиер и техничка влада. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри во две министерства и тројца заменици министри.

На 3 јануари, односно в петок, треба да се заврши целата процедура за избор на техничка влада, а од кога тоа ќе се случи, повеќе не е можно одложување на изборите. Според процедурите, до Собранието треба да пристигне предлог составот за техничката Влада, за да може на 3-ти јануари да биде закажана седница за гласање на новата Влада.

Техничката Влада почнува да функционира од моментот кога ќе биде изгласана во парламентот, а пред тоа, премиерот Зоран Заев ќе си даде оставка. Тоа, според најавите треба да се случи истиот ден, на 3 јануари 2020 година. Формирањето на преодната влада е предвидено со Пржинскиот договор и истата ќе функционира сто дена пред предвремените парламентарни избори, кои се закажани за 12-ти април следната година.

Собранискиот спикер Талат Џафери деновиве прецизираше дека ако се оди според тоа што го договорија лидерите, процедурата предвидува најдоцна на трети јануари до полноќ да е избран составот на техничката влада со тоа што го предвидува Законот за влада, во односот на елементите што треба да се променат односно персоналните решенија што треба да се променат во духот на Пржинскиот договор.

Законот со кој се предвидува ваква влада пред избори е дел од таканаречениот Пржински договор кој го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Зоран Заев кога беше опозиционер и претставници на другите партии со помош на Меѓународната заедница во 2016 година. Според Пржинскиот договор, Владата ќе добие технички премиер по предлог на партијата што има најголемо мнозинство во собранието, во овој случај СДСМ, а двајца министри (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) по предлог на најголемата опозициска партија, односно ВМРО-ДПМНЕ кои ќе добијат и заменици министри во три министерства, министерството за земјоделство, за финансии и за администрација и информатичко општество.

Техничка влада со мандат до изборите

Техничката влада ќе има мандат до одржувањето на предвремените парламентарни избори, односно избраните министри и заменици-министри ќе останат на таа функција до конечното објавување на изборните резултати од страна на Државната изборна комисија (ДИК). Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања, инвестиции.

Инаку, според Законот за влада, техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, потоа хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до десет отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Според истиот закон за влада, предвидено е замениците министри да имаат право на вето само за прашањата поврзани со изборите, а изборен период ќе се смета од денот на распишување на изборите.

Министерот ќе може да разрешува и именува раководни кадри, а замениците ќе предлагаат нивни заменици кои треба да ги одобри министерот. Раководните кадри и нивните заменици ќе имаат врзан потпис од денот на стапување на законот во сила.

Оваа ќе биде втора техничка влада во Македонија. Првата се формираше пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер беше Емил Димитриев. СДСМ која тогаш беше во опозиција ги доби министерските места во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, односно министри станаа Оливер Спасовски и актуелната пратеничка и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски.

Со Пржинскиот договор почна да се решева политичката криза до која дојде откако тогаш опозициската СДСМ почна со објавување на таканаречените бомби во кои се откриваа нерегуларностите што ги правела владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие предвремени парламентарни избори беа договорени на лидерска средба на 20 октомври кај претседателот Стево Пендаровски.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG