Достапни линкови

Заев не е премиер, нa ред е техничката влада


Архивска фотографија од изборот на Влада на чело со Зоран Заев.

До изборите на 12 април земјава ќе ја предводи техничка влада. Собранието денеска до полноќ се очекува да ја избере новата преодна влада, чиј премиер ќе биде Оливер Спасовски. Во преодната влада ВМРО-ДПМНЕ предлага министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика - Наќе Чулев и Рашела Мизрахи, како и дополнителни заменик-министри за финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство.

Претседателот Стево Пендаровски попладнево му го додели мандатот за формирање на преодна влада на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Спасовски во претседателската вила изјави дека задача на техниката влада ќе биде да направат сè државата да продолжи со напредокот, да има фер и демократски избори и институции да продолжат да работат со истата динамика како досега. Тој до Собранието треба да достави состав на новата техничка Влада и програма за работа.

Собранието претходно денеска ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, поднесена по договорот на политичките партии во пресрет на предвремените парламентарни избори на 12 април. Се очекува до полноќ Собранието да ја изгласа техничката Влада, која ќе ја предводи Оливер Спасовски и која од утре, па во следните сто дена треба да ги организира изборите.

Заев во документот доставен до Парламентот наведе дека ја поднесува по договорот на лидерите на партиите за избори на 12 април. Тој од функцијата си заминува по 2 години и седум месеци на власт.

Техничката влада се формира според таканаречниот „Пржински модел“ кој првпат е применет на изборите во 2016 година, а кој уследи по кризата која настана, откако Заев како лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори. Овој концепт, кој сега е и законска обврска го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, Зоран Заев кога беше опозиционер и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница во 2016 година.

Пржинска влада

Според Пржинскиот модел треба да биде избран технички премиер и техничка влада. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри во две министерства (за внатрешни работи и за труд и социјална политика) и тројца заменици министри (министерството за земјоделство, за финансии и за администрација и информатичко општество). Процедурата на избор треба да заврши до полноќ. Техничката Влада почнува да функционира од моментот кога ќе биде изгласана во парламентот и истата ќе функционира сто дена пред предвремените парламентарни избори, кои се најавени за 12-ти април.

Владејачката партија СДСМ го прифати предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање Наќе Чулев да биде технички министер за внатрешни работи. Претходниот предлог за министер, Драган Ковачки од АРМ, не беше прифатлив за СДСМ, бидејќи според Уставот, лице кое не било цивил во последните три години не може да раководи со МВР и со секторот одбрана, иако и претходно во Македонија имало преседани.

За министер за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ е предложена Рашела Мизрахи, доктор на науки по биохемија. За заменици-министри се предложени: во ресорот информатичко општество и администрација - актуелната пратеничка Невенка Стаменковска Стојковски, во финансии - Гордана Димитриеска Кочоска, магистер по економски науки, а во ресорот земјоделство - Цветан Трипуновски, поранешен пратеник и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Ротација има и во владината структура, на местото на вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој поднесе оставка, доаѓа досегашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска. Двете заменички министри во преодната влада ќе бидат Славјанка Петровска во МВР и Санела Шкријељ во министерството за труд и социјална политика.

Главна задача на техничката влада е да ги организира изборите. Во текот на нејзиното функционирање не може да има вработувања, унапредувања, инвестиции.

Инаку, според Законот за влада, техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, потоа хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до десет отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Според истиот закон за влада, предвидено е замениците министри да имаат право на вето само за прашањата поврзани со изборите, а изборен период ќе се смета од денот на распишување на изборите.

Министерот ќе може да разрешува и именува раководни кадри, а замениците ќе предлагаат нивни заменици кои треба да ги одобри министерот. Раководните кадри и нивните заменици ќе имаат врзан потпис од денот на стапување на законот во сила.

Оваа ќе биде втора техничка влада во Македонија. Првата се формираше пред предвремените избори во 2016 година, а технички премиер беше Емил Димитриев. СДСМ која тогаш беше во опозиција ги доби министерските места во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, односно министри станаа Оливер Спасовски и актуелната пратеничка и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG