Достапни линкови

„Drim Short 2019“ со порака – Ве чекаме во длабокото!


Со повеќе од 40-на кратки приказни од светот, неколку значајни програмски новини и под мотото „Погледни под површината“, од 27 до 29 декември, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, ќе се одржи третото издание на Интернационалниот фестивал за краток филм „Drim Short“.

На урбана Струга и на македонската кинематографија, нешто порано од вообичаеното, од 27 до 29 декември, ќе им се случат новогодишните празници. Во оваа временска отсечка ќе се одржи третото издание на сега веќе Интернационалниот фестивал за краток филм „Drim Short“. На манифестацијата која водена од идејата дека треба да му се зададе силен удар на провинциското мртвило, генерално на мускули и со силни дози на ентузијазам, успеа за само три нецели години да израсне во случување со меѓународен предзнак кое бара не само засилено локално туку и понагласено препознавање на државно ниво. Рака на срце, не дека државата е глува и слепа за филмските зимски дејанија од Езерото и удолу по Дрим – впрочем Фестивалот е дел од пошироката акција на Министерството за култура - „Нов културен бран“, но сепак поинаквиот сеопшт третман дополнително би ги поттикнал потписниците да продолжат да сонуваат и да ги живеат и остваруваат соништата. Да бидат во своите убави филмови.

Актерот Сашко Коцев во „Налепница“ на Георги Унковски

А, годинава отворањето на „Drim Short“ ќе биде означено со изложбата на фотографии „Деца“ од Ханис Багашов во холот на Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, за да еден час подоцна со прикажувањето на „Налепница“ на Георги Унковски стартува и Националната програма. Во нејзини рамки истата вечер ќе бидат прикажани и „Јас не сум Игор“ од Сергеј Георгиев и „Скопје 2020“ на Радован Петровиќ.

Нешто по 20 часот, љубителите на филмот ќе можат да им се насладуваат на кандидатот за оскар за краток филм „Божиќен подарок“ од Романецот Богдан Мурешану, а потем и на „Авенија Патисон“ од Танасис Неофотистос од соседна Грција и на француско- белгискиот „Капиталисти“ на Пабло Муњоз Гомез. И, по ваквиот влез во интернационалната програма, следува првиот дел на студентската програма во чии рамки ќе одат „Можам сам“ на Никола Полиќ и „Бохемиски кристал“ од Исток Чаповски.

Конечно, од 22 часот е предвидено прикажувањето на делата од Гостинската програма, во случајов со најдоброто од берлинскиот фестивал „Интерфилм“ (последниот “филтер“ пред оскаровските награди за краток филм) во селекција на Хајнц Херман, па прашањата и одговори и на крајот одбрана музичка програма.

В сабота околу 16 часот фокусот повторно ќе биде на „Интерфилм“, за да потем се одржи и работилницата на тема „Како до фестивалска дистрибуција на вашиот краток филм?“ со гостинката Ингрид Бирбаум, новинарка, филмски критичар и селектор на документарната програма на фестивалот во Берлин.

Продолжувањето ќе биде со националните дела како „Амби“ на Марија Апчевска, „Неонски срца“ на Ана Јакимска и „Одлуки“ од Агим Абдула ...потоа и со „Без врска“ на Радован Петровиќ, филм од ревијалната програма, па интернационалните дела како „Ана“ на Декел Беренсон, „Кралство дојди“ од Британецот Шон Роберт Дан, ,,Маја“ на Марија Јанковиќ и алжирско - францускиот„Комбето“ од Ереник Беќири.

Конечно, некаде пред интеракцијата со публиката и во пресрет на „електро-диско треската“ ќе биде сторен уште еден поглед и на студентската програма... а во недела заокружувањето е планирано да се случи со ревијалната програма и експерименталните филмови во селекција на Иван Бакрач, гостинските „Докуникулци“ од МакеДокс, „Медени разговори“ со Тамара Котевска и Љубомир Стефанов – режисерите на кандидатот за Оскар - „Медена земја“, делата од Националната програма „Вера“ на Верица Недеска, „Магнолија“ на Ана Опачиќ и „Обид за среќна приказна“ од Лавинија Софрониевска.

Се разбира кругот ќе биде затворен со Интернационалната програма и „Тими“ на Љубо Јончев, „Последната слика на таткото“ од Стефан Ѓорѓевиќ и „Предметите кои тонат“ на Филип Перузовиќ, студентските „Другиот“ на Батухан Ибрахим и „13 Мај“ на Ирма Башеска ...и големата новина - со доделувањето на наградите во трите категории.

Третото издание на Фестивалот на краток филм „Drim Short“ ќе се одвива под мотото „Погледни под површината“.

„Под површината се крие магијата на филмот и цели нови универзуми, или корегирани рефлексии на светот во кој живееме. Таму филмските уметници кријат многу вистини за нашиот свет и преку филмското платно ја повикуваат публиката храбро да зачекори внатре. Од ,,под површината“ секој може да понесе со себе по малку вистински вредности и размисли кои со сигурност ќе ја разубават и реалноста. Под површината на струшкото еднолично и црно-бело постоење, се крие културниот портал кон магијата на филмот, „Drim Short 2019“, вели Јаков Попоски, еден од продуцентите на манифестацијата.

Тој и со дополна дека тие и натаму во организацијата на „Drim Short“ ќе се возат на брановите на ентузијазмот. Дека нема да запрат и покрај сознанието оти по само две изданија веќе со третото Фестивалот на краток филм ја оствари примарната цел и го продолжува континуитетот и станува традиција. Згора на ова ќе рече и тоа дека силниот исчекор го прават со тоа што Регионалната програма (за која патем се грижи нивниот соработник Иван Бакрач) ја издигнаа до степен на Интернационална и дека токму таа, заедно со националната и студентската категорија по прв пат ќе бидат со натпреварувачки карактер.

„Ако гледаме инфраструктурно и финансиски навистина стоиме многу слабо, меѓутоа желбата, ентузијазмот да направиме и да воспоставиме на некој начин една традиција и континуитет во овој наш роден град преовлада и еве не сега овде. Со тоа што воспоставуваме традиција се надеваме дека „Drim Short“ ќе продолжи ќе трае понатака. Постигнувањето на таа интернационалност на Фестивалот нас посебно ни значи, како и сите тие соработки што успеавме да ги оствариме. Впрочем, тие го надминуваат она што Струга како инфраструктура и како град ни го овозможува. Меѓутоа ќе дадеме се од себе сето тоа да прилега на потребното ниво за овие гости кои ќе дојдат и ќе го збогатат случувањето годинава“, смета Јаков.

Попоски, во свое и името на своите струшки филмски соборци и културни дејци, и со надеж дека догодина

Интернационалниот фестивал на краток филм „Drim Short“ ќе влезе во програмата за филмски фестивали на Агенцијата за филм.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG