Достапни линкови

Еден јазик, илјада свежи приказни на „Drim Short 2018“


По нецела година од декемвриското, патем тогаш „нулто“ издание чија промоција се стори со слоганот „Дајте ми добра приказна, а реалноста ќе ја следи“, на урбана Струга и македонската култура воопшто, од 12 до 14 октомври, ќе им се случи вториот Интернационалниот фестивал за краток филм „Drim Short“. А ползувајќи ја универзалноста на филмскиот јазик и комуникацијата со публиката, овојпат под мотото „Еден јазик, илјада приказни“, манифестацијата наново прави напори да ja доближи кратката филмска форма до публиката, со цел да се зајакне филмската култура и да придонесе градот да стане регионално јадро за филмските уметници од Македонија и од регионот.

Говорејќи за мотото на годинашното издание на „Drim Short“, Јаков Попоски, еден од продуцентите на Фестивалот, вели дека тоа всушност го крие филмскиот јазик зад себе како еден универзален јазик, јазик чија синтакса, морфологија...е во слики а не во зборови и кој во суштина е податлив да биде разбирлив за сите.

- Сето тоа го поврзуваме со нашиот град, со Струга, како една мултифункционална, да не се служам со клише зборови, мултикултурална средина во која живеат различни луѓе по етникум, по природа, вера, нација...но пред се* нашата намера е дека филмот може да ги поврзе и да ги собере на едно место затоа што филмот не ја бира публиката туку публиката го бира филмот, вели Попоски.

На вториот Интернационалниот фестивал за краток филм „Drim Short“ ќе бидат прикажани 12 кратки филмови од неколкумина национални филмски уметници. Така публиката ќе има можност да ги проследи „Доаѓаат од центарот на светот“ и „Без љубов“ на Дина Дума, „Мишко“ во режија на Ханис Багашов, тука се и „Долорес“ на Радован Петровиќ; „Почеток“ на Агим Абдула, „Црно и бело“ на Сандра Ѓоргиева, „Иднината е наша“ на Андреј Георгиев, „Црни криви“ чиј автор е Марко Џамбазовски, „Чевли“ на Бранко Костески, „Последните камбани“ на Николче Попоски, „Коливо“ зад кој стои Андреј Волкашин и „И(с)згубени“ на Антонио Вељаноски.

- Наша цел е да ги собереме на едно место кратките филмски форми кои се снимени во тековната година или година претходно од домашните, македонските режисери. Со тоа ја афирмираме кратката филмска форма навистина како филмско дело кое има еднакво значење со долгометражниот филм и ја прикажуваме пред публиката, а истовремено им овозможуваме на филмските уметници од Македонија да се претстават и во Струга, смета Попоски.

Од друга страна , следејќи ја изворната идеја промовирана на нултото издание - Фестивалот во иднина да прерасне во сериозна интернационална манифестација, веќе годинава се случува суштината на „Drim Short“ да почива и на регионалната програма. За неа, за селекцијата во случајов се погрижил младиот белградски режисер Иван Бакрач. Ова, пак, подразбира дека во рамките на оваа програмска целина ќе се завртат кратките филмски остварувања на автори од соседните Грција, Србија, Црна Гора... како Роксана Строе („O noapte in Tokoriki“), Дора Шустиќ („Pupanje"), Милица Томовиќ („Tranzicija“), Андреј Танасе („Prima Noapte“), Антоанета Аламат Кусијановиќ („Into the Blue“) и Јелена Гавриловиќ („Nikog Nema“).

Згора на тоа, шанса за своја промоција преку Студентската програма ќе добијат и студентите од филмските академии од Македонија. Во овие рамки ќе може да се проследат „Тишина“ на Батухан Ибрахим (ФДУ), „Red Ribbon“ на Џовани Рустанто (ФИОФА), „The Bar“ на Горан Томиќ (ФИОФА), „Rose“ на режисерката Јехона Бериша (ФИОФА), „Уште едно кафе“ на Ѓорѓи Лазов (УГД), „Заб“ на Ајдин Ислами (ФДУ), „Out of Order“ чиј автор е Трифун Ситниковски (ЕСРА), „Двајца со јајца“ на Бруно Велјановски (ЕСРА), „Услов“ од Даниел Шикоски (ДАСТА) и „Дневникот на генерација Z“ чиј потписник е Борјан Стојков (ФДУ).

Освен филмски проекции, на Drim Short Film Festival ќе се оддржат мастер класови со режисерот на „Исцелител“ Ѓорче Ставрески и со реномираната косовска актерка Аурита Агуши. Исто така, предвидена е Гостинска програма со МАКЕДОКС Докуникулци, како и студентски пичинг форум.

Организаторите од ИНКА велат дека „ниту еден филм не би бил возможен без иницијалната идеја“, па затоа на актуелното издание на манифестацијата ќе бидат избрани пет најдобри идеи на студенти од Македонија, кои ќе се натпреваруваат за симболична награда што ќе претставува мотив за нивната понатамошна работа во сферата филмот.

Конечно тука е и ОФФ програмата која во „Хангар“, во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, на присутните ќе им ги претстави ди-џеј сетовите на Томче Рут Бој и Мирко Попов (ПМГ), Hercel ( Hivern Discs, Uncanny Valey) и Оги ( BTKRSH, ААА музика).

Инаку, Интернационалниот фестивал на краток филм „Drim Short 2018“ е овозможен со поддршка на Министерство за култура на Република Македонија во рамките на проектот „Нов Културен Бран“ и Фондацијата Oтворено Oпштество Македонија (ФООМ).

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG