Достапни линкови

Вести

ЕК - Приоритет на Собранието треба да биде законот за обвинителство

Собрание на Република Северна Македонија

Собранието во Скопје, според Европската комисијата, се уште може да стори многу од денеска, па до неговото распуштање, со оглед дека има уште многу работи на дневен ред. Комисијата како главен приоритет на Собранието го смета усвојувањето на предлог законот за интеграцијата на СЈО во ОЈО. Предвремените парламентарни избори се планирани за 12 април следната година, а претходно Собранието треба да се распушти на 11 февруари.
Во Европскиот парламент во Стразбур се одржува дводневно заседание на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ. Европската комисија останува на својата препорака за старт на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата, бидејќи таа ги исполнува условите за тоа, но ваквиот став „не е статичка категорија и не може да се живее на стара слава“, порачаа претставниците на Еврокомисијата.

види ги сите денешни вести

Нови 1228 случаи на корона, починати 39, а оздравени 1078 лица

Клиника за инфективни болести во Скопје. Илустрација.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3349 тестирања, а регистрирани се 1288 нови случаи на Ковид-19. Од нив најмногу заразени има во Скопје, односно 570 лица. Институтот за јавно здравје денеска регистрира 1078 оздравени пациенти.

Починати се 39 лица, шеснаесет пациенти од Скопје, четири пациенти од Тетово, тројца од Прилеп, двајца од Куманово, Струга, Велес, Охрид и Кичево, а по еден пациент од Дебар, Штип, Берово, Демир Хисар, Струмица и Неготино.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 57451, бројката на оздравени пациенти е 34970, на починати е 1600, а бројот на активни случаи изнесува 20881.

Турција набавува 50 милиони дози вакцини против корона од Кина

Илустрација

Турскиот министер за здравство Фахретин Коџа изјави денеска дека властите потпишала договор со кинеската фармацевтска компанија „Синовак Биотек“ за набавка на 50 милиони дози вакцина против Ковид-19.

„За нас најважно е да почнеме да даваме вакцина која е проверено ефикасна и сигурна“, рече Коџа.

Според него, испораките на вакцините ќе бидат извршени наредниот месец и во јануари и февруари 2021 година.

Фудбалската легенда Марадона почина од срцев удар

Диего Марадона

Аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона денска почина од срцев удар на 60 годишна возраст, изјави неговиот адвокат. Марадона неодамна се бореше со здравствени проблеми и беше подложен на итна операција на хематом пред неколку недели.

Марадона ја предводеше Аргентина до победата на Светското првенство во Мексико во 1986 година. Во едниот натпревар од четвртфиналето, Марадона ги постигна двата гола во победата над Англија со 2: 1, која влезе во историјата на фудбалот од две спротивставени причини.

Неговиот прв погодок беше при несанкциониран фаул познат како „Божјата рака“ - фраза што Марадона ја користеше за да го опише погодокот, додека вториот погодок следеше по дриблинг од 60 метри над пет играчи на Англија, кој беше изгласан за „Гол на векот“ од гласањето на ФИФА во 2002 година.

Годините на злоупотреба на дрога, прејадување и алкохолизам ја прекинаа неговата ѕвездена кариера, а Марадона беше во опасност да го загуби животот во 2000 година од срцева слабост предизвикана од употреба на кокаин.

Заедно со бразилскиот легендарен играч Пеле, Марадона беше добитник на наградата ФИФА за играч на 20 век.

Историчарка од македонско- бугарската комисија ја осуди изјавата на Заев

Премиерот Зоран Заев

Љубица Спасковска кој е дел од македонскиот тим историчари во заедничката мултидисплинарна комисија со Бугарија се огради и ја осуди изјавата на премиерот Зоран Заев за бугарскиот медиум БГНЕС.

„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза. Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општо прифатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947“, напиша таа на Фејсбук.

Заев во интервјуто изјави дека Бугарија не е фашизам, туку пријател на Македонија. Тој порочи и дека имаме заедничка историја со Бугарија и дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореле за слободата на Македонија и Одринско.

Кинескиот претседател му честиташе на Бајден

Кинескиот претседател Си Џинпинг

Кинескиот претседател Си Џинпинг му честиташе на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден за победата на претседателските избори на 3 ноември. Кинеските медиуми објавија дека Џинпинг во својата порака до Бајден, изразил надеж дека односите меѓу двете земји „ќе се развиваат понатаму за да одговараат на интересите на двата народа и општите очекувања на меѓународната заедница“.

Пораката на Џинпинг за упатените честитки кон Бајден стигна откако Доналд Трамп започна да се придржува кон формалното пренесување на власта на новоизбраниот претседател Бајден.

Додека Трамп сè уште не го призна поразот на изборите, неговата администрација на 23 ноември официјално одобри транзиција кон администрацијата на Бајден.

Наспроти ова, Џинпинг му испрати честитки на Трамп еден ден откако беше прогласен за победник на изборите во 2016 година. Тој е еден од последните големи светски лидери што му честиташе на Бајден. Рускиот претседател Владимир Путин сè уште не го сторил тоа.

Азербејџанската војска навлезе во отстапената ерменска област

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев

Азербејџанските трупи навлегоа во областа Калбачар откако беше предадена од Ерменија како дел од договорот со кој завршија шестнеделните борби околу отцепената област Нагорно- Карабах.

Азербејџан ја изгуби контролата над Калбачар за време на војната со Ерменија на почетокот на 90-тите години за време на распадот на Советскиот сојуз.

Калбачар беше стратешка врска помеѓу меѓународно признаената граница на Ерменија и подрачјата под контрола на Ерменците во спорниот регион Нагорно-Карабах. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вети дека ќе ја обнови и заживее областа Калбачар.

Скоро 2.000 руски мировници се преселија во областа како дел од договорот за примирје, кој исто така ги обврза страните повторно да ги отворат своите граници за трговија, но не постави временска рамка за тоа.

Мицкоски: Заев ја негира антифашистичката борба на граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција изјави дека интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарскиот медиум БГНЕС претставува додворување кон бугарската јавност и подготовка за македонската јавност. Според него, Заев несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани.

„Заев во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство. Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени а не биле поробени во Втората светска војна“, рече Мицкоски.

Тој изрази загриженост дека интервју може да се толкува и како прв чекор кон откажување на македонското малцинство во Бугарија, како и кинење на сите пресуди кои што меѓународните судови до сега ги имаат изречено.

„Како што е Судот за човекови права во Стразбур, каде што јасно и недвосмислено стојат насоките кои што за жал, на неевропски и нецивилизиран начин нашиот источен сосед до сега ги игнорира и истите тие не ги применува. Морам да изразам сериозна загриженост за една тенденција за менување на карактер и улогата на македонските херои, што е упад и фалсификат на македонската историја“, додаде Мицкоски.

Тој порача и дека Владата не треба да си игра со македонскиот идентитет.

Заев во интервјуто изјави дека имаме заедничка историја со Бугарија и дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореле за слободата на Македонија и Одринско.

Во ковид-центрите се лекуваат 812 пациенти

Монтажна болница дел од Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта .

Министерството за здравство соопшти дека во изминатите 24 часа во ковид – центрите се лекуваат вкупно 812 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот. Според министерството, има околу 150 празни болнички кревети во ковид – центрите, а во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла.

Од министерството додаваат дека сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. И покрај големиот наплив на пациенти во изминативе десетина дена, како што се наведува во соопштението, Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Заев за БГНЕС: Имаме заедничка историја, Бугарија не е фашизам

Зоран Заев

Имаме заедничка историја. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореа за слободата на Македонија и Одринско. Југославија не разделуваше и ако не ги признаеме слабостите на историјата нема да можеме да ја градиме иднината, вели премиерот Зоран Заев во интервју за бугарската агенција БГНЕС објавено денеска.

Македонскиот премиер додава дека Бугарија не е фашизам, туку дека е наш пријател и дека „ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР публикации ширум светот, тој ќе сноси одговорност и дека државата не учествува во ова“.

Според Заев, имплементацијата на Договорот со Бугарија ќе биде закон, а т.н. „длабока држава“ останала во ВМРО-ДПМНЕ чии функционери „едно велат дома, а друго надвор“. Во врска со „бугарското негирање на македонскиот идентитет и јазик“, премиерот во интервјуто вели дека Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат и се бара да се утврди тој дел од историјата.

На прашањето за „фашистички окупатор“, Заев вели дека веќе се заменети 20-тина табли со таков натпис. Во интервјуто премиерот убедува дека Северна Македонија нема претензии кон Бугарија, ниту малцински претензии, а во врска со изјавата на претседателот Стево Пендароски за (Тодор) Живковистичка политика на Бугарија вели дека Пендаровски „не е толку искусен политичар како Заев и дека сите понекогаш не бираме правилни зборови, но дека Пендаровски е за пријателство со Бугарија.

Царовска: Првото полугодие ќе заврши на крајот на годинава

Мила Царовска

Првото полугодие на учебната 2020/2021 ќе заврши на крајот на годинава, а второто ќе почне на 21 јануари 2021. Предвремен зимски распуст не е потребно зашто во училиштата нема ширење на вирусот, рече министерката за образование и наука Мила Царовска, одговарајќи на прашање за предлогот од опозицијата распустот да почне порано.

Царовска рече дека не слушнала аргументи од опоцизијата со кои тој предлог би бил оправдан, наведувајќи дека бројот на заразени ученици и наставници во наставата со физичко просуство во целата држава е помал од 1 процент.

Османи: "Common" или "shared", Владата нема дилеми дека терминот е „заедничка историја“

Архивска фотогографија - Прес-конференција на Бујар Османи и Екатерина Захариева на самитот на Берлинскиот процес.

Владата и Министерството за надворешни работи (МНР) немаат никаква дилема дека во Договорот со Бугарија се работи за заедничка односно „common“ историја. Терминот „заедничка“ некогаш се преведува како common некогаш како shared, но, според секој толковник, се синоними иако имаат различна политичка или друга димензија. Но, Владата не бега од таа квалификација на историскиот контекст помеѓу Бугарија и Северна Македонија, но тоа се прашања кои подетално комисијата треба да ги надмине.

Ова е одговорот на министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на прашањето на Радио Слободна Европа на македонски јазик (РСЕ) за забелешките на бугарското МНР дека Скопје го нарушило Договорот за добрососедство, меѓу другото и со, употребата на поимот општа историја место заедничка. Бугарското МНР, поконкретно, како пример го посочува користењето на терминот „shared history“ во преводот на англиски јазик на договорот објавен на интернет страницата на македонското MНР наместо терминот „common history“ употребен во англиската верзија на Договорот што е депониран во Обединетите нации.

„Тој документ е на веб страната е од порано, пред да сум јас министер за надворешни работи, така да не можам да прејудицирам дали се работи за начин на превод. Но, можам да кажам дека МНР и Владата немаат никаква дилема по тоа дека во договорот се работи за заедничка или common“, нагласи денеска Османи.

Во врска со другите забелешки од Софија, дека има застој во работата на Меѓувладината комисија и дека Скопје поддржува „малцински претензии“ во Бугарија, Османи рече дека ниедна од тие две забелешки не е точна.

„Меѓувладината комисија е вториот инструмент. Првиот е т.н. историска комисија, а владината комисија, која е водена од министрите за надворешни работи се состанува еднаш годишно и прави пресек на сработеното. Лани имавме средба во Софија, годинава требаше во Скопје, но пред септември ние немавме Влада, имаше избори, пандемија, а потоа почнаа билатерални разговори Бугарија - Северна Македнија кои бараа некој исход кој требаше да го конкретизираме. Јас имам пратено покана дека сме спремни да ја свикаме таа владина комосија уште во демекмври, така што тука нема никаков спор“, одговори Османи на прашањето на РСЕ.

Според Османи, Северна Македонија нема ниту уставно право за „поддршка на македонско малцинство во Бугарија“.

„Ние имаме уставна обврска, која што уште повеќе е зацврстена со уставните измени по Преспанскиот договор, дека македонската држава нема и ништо нема да се интерпретира како мешање во внатрешните прашања на соседите, вклучително тука и Бугарија. Така да, ние немаме ниту уставно право, ниту право кое произлегува од Договорот за вмешување во внатрешните прашања на Бугарија“, одговори Османи.

Шефот на македонската дипломатија негира и дека македонската дипломатија, како што стои во забелешката од Бугарија, „место да го почитува Договорот, ја оцрнувала Бугарија пред членките на Европската унија“.

„Првата моја посета како министер беше во Софија, првата активност беше свикување на Комисијата, одржувавме комуникации во кои немаше трета страна... Ние одржувавме комуникација со нашите пријатели, ги информиравме за нашите ставови, бараме поддршка и не гледам никаков проблем во тоа, вклучително тука и Германија“, вели Османи.

Завчера Радио Слободна Европа ги објави забелешките на бугарското МНР и побара одговор од Министерството за надворешни работи во Скопје, но веднаш не доби одговор. Во меѓувреме, и записниците на заедничката комисија не се потпишани поради терминот македонски.

За 24 часа во Македонија 597 пријави за неносење маска за лице

Илустрација - Скопје, ноември 2020

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на Република Северна Македонија, по однос на мерката за носење лична заштита на лице, регистрирани се 597 прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид-19. Носењето заштитни маски за лице е задолжително и на отворени јавни места.

Автомобил со политички пораки удри во оградата од кабинетот на Меркел

Возачот е приведен и се утврдува дали намерно удрил во заштитната ограда од зградата каде е кабинетот на германската канцеларка.

Автомобил со слогани испишани на страните влета во портата на канцеларијата на канцеларката Ангела Меркел во Берлин.

„Утврдуваме дали возачот намерно влетал во „портата на канцеларијата“, објави денеска на твитер берлинската полиција и додаде дека возачот бил приведен. Снимките од инцидентот споделени на социјалните мрежи покажаа дека полицајци прегледуваат автомобил пред портата со натписи „Стоп за глобализациската политика“ од едната страна и „Вие проклети убијци на деца и стари лица“ од друга.

Не беше јасно дали Меркел била во зградата за време на инцидентот. Таа денеска треба да одржи видео-конференција со премиерите на 16-те покраини на Германија, на која ќе разговара за одговорот на нацијата кон пандемијата на коронавирусот.

Репортерот на германската новинска агенција ДПА на местото на настанот пријавил дека на едно повредено лице му се дава брза помош. Металната порта на канцеларката и возилото се чинеше дека се само малку оштетени.

Европа е во состојба на готовност откако осомничени исламистички милитанти во последните неколку недели убија осум лица во Франција и Австрија.

Кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ, 13 нови општински претседатели

Илустрација - Седиштето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје

Доцна синоќа Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донел одлука за избор на нови претседатели на општински комитети и за избор на ново претседателство на Унијата на ветерани, соопштија од партијата.

Според одлуката, нови претседатели на општински комитети се изберени во 13 општини. Овие кадровски промени беа најавени веднаш по парламентарните избори, а со цел, како што тогаш рече претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, „за јакнење на партискиот капацитет“.

На овој избор му претходеше јавен оглас од партијата за овие раководни позиции, а минатиот месец беше избрана и нова претседателка на Унијата на жени - Жаклина Пешевска.

Вакцинирањето против Ковид во ЕУ ќе почне пред крајот на годинава

Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, најави дека првите граѓани на Европа ќе бидат вакцинирани против Ковид-19 пред крајот на декември оваа година. Во својот говор пред Европскиот парламент, Лајен предупреди дека и покрај „светлото на крајот од тунелот“, не смее да има брзо олеснување на мерките воведени против ширење на вирусот.

“Ситуацијата со пандемијата и натаму е сериозна. Со речиси 3.000 смртни случаи на ден, Ковид-19 беше причина број еден за смрт во ЕУ минатата недела. Болниците се уште се под притисок, знам дека сопствениците на продавници и угостителите сакаат да се укинат ограничувањата, но не смееме да ги повторуваме истите грешки. Премногу брзо и премногу релаксирање ризикува трет бран по Божик”, рече Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека овој Божик во ЕУ ќе биде поинаков и потивок, но дека има и добри вести.

За 24 часа 39 нови пациенти во скопските ковид центри

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 39 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 486 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти денеска Министерството за здравство.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 15 приеми и тоа тројца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, петмина во ковид центарот на Клниката за Неврологија, тројца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, еден на Клиниката за гастроентерохепатологија, двајца пациенти на Клиниката за очни болести и еден на Клиниката за нефрологија.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 9 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 15 приеми во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 27 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Бектеши: Две турски компании во трка за изградба на магистралниот гасовод

Крешник Бектеши

Министерот за економија, Крешник Бектеши, соопшти дека две турски компании влегле во конкуренција за изградба на магистралниот гасовод во Северна Македонија - “Акса Догалгас Дагити А.С.“ и „Палмет Енерџи Аноним Ширкети“.

„Врз основа на извештајот на Министерството за економија, вчера Владата донесе одлука со која овие две компании ќе бидат поканети да учествуваат во втората фаза на конкурентен дијалог. Тоа значи дека овие две компании ќе учествуваат во тендерската постапка до третата фаза која значи конечен избор на компанија со која ќе се воспостави јавно- приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Северна Македонија“, објави Бектеши на својот Фејсбук.

Германија планира да дозволи 10 луѓе да слават заедно Божиќ

илустрација

Шеснаесетте сојузни германски сојузни држави планираат да дозволат собири на најмногу 10 лица за време на Божиќ и Нова година, нудејќи извесно релаксирање на ограничувањата на коронавирусот за да можат семејствата и пријателите да слават заедно. Премиерите на државите денеска треба да разговараат за своите планови со канцеларката Ангела Меркел. Градоначалникот на Берлин, Мајкл Мулер, за телевизијата АРД изјави дека е уверен оти мерките ќе бидат донесени.

Карантинот ја зауздува пандемијата во Европа, САД во расчекор

Премиерите исто така рекоа дека постои широк договор за продолжување на националното „затворање“ до 20 декември за да се забави ширењето на пандемијата на ковид-19. Германија ги затвори баровите, рестораните и местата за забава на 2 ноември за еден месец. Училиштата и продавниците остануваат отворени додека приватните собири се ограничени на најмногу 10 лица од две домаќинства. Според новите планови, приватните собири би биле ограничени на најмногу пет лица до Божиќниот период. Покрај тоа, огнометот би бил забранет на јавни места на новогодишната ноќ за да се избегне собирање голем број луѓе.

Русија спречила напади на Исламска држава во московскиот регион

илустрација

Руската Федерална служба за безбедност соопшти дека растурила ќелија на екстремистичката група Исламска држава која планирала „акти на саботажа и терор“ во московскиот регион. Безбедносните службеници приведоа член на ќелијата, опишан како „граѓанин на централноазиска земја“, во регионот Владимир, источно од Москва, се вели во соопштението. За време на истрагата е запленета и домашна бомба.

Предизвиците по враќањето на терористички борци од странските боишта

„Другите цели на ќелијата беа регрутирање на нови членови во редовите на Исламската држава и финансиски поддршка на тероризмот“, се наведува во соопштението. Рускиот Врховен суд ја означи групата ИД како терористичка и ја забрани во декември 2014 година.

ЕУ за новиот француски закон: Овозможете им на новинарите да работат слободно

илустрација

Европската унија по повод францускиот нацрт закон за безбедност соопшти дека на новинарите треба да им се дозволи слободно и целосно безбедно да си ја вршат работата. Портпарол на Европската комисија изјави дека членките на ЕУ, „при донесување закони од областа на безбедноста, мора да го почитуваат принципот на пропорционалност“ помеѓу безбедноста и граѓанските слободи, пренесува бриселскиот портал Политико. „Во време на криза, поважно е од кога и да е новинарите да можат слободно и целосно безбедно да си ја вршат својата работа. Европската комисија ќе го провери конечниот текст на законот за да провери дали е во согласност со европското законодавство“, рече портпаролот на ЕК.

СЗО: Можен е трет бран ако владите не го спречат ширењето на вирусот

Контроверзниот предлог-закон, што пратениците на долниот дом на францускиот парламент најверојатно ќе го усвојат денеска, го дефинира како кривично дело објавување фотографии или снимки на полицајци. Француската влада вели дека новиот закон има за цел да ги заштити полицајците од повиците за насилство преку интернет, додека противниците стравуваат дека новата одредба ќе ги загрози новинарите и другите граѓани кои снимаат полицајци на должност, особено за време на насилни демонстрации. Високиот комесаријат за човекови права на ОН ја предупреди Франција дека новиот закон „може да доведе до значително кршење на човековите права и основните слободи, особено на правото на приватност и слобода на изразување“, пренесува Политико. Доколку законот стапи на сила, сторителите можат да бидат осудени на максимум една година затвор и парична казна од 45.000 евра.

ЕУ денеска ќе потпише договор за 160 милиони дози вакцини против ковид-19

Европската унија постигна договор со американската биотехнолошка фирма Модерна за снабдување до 160 милиони дози на нејзиниот кандидат за вакцини против ковид-19, изјави вчера претседателката на Европската комисија. Договорот ќе биде официјално одобрен од извршната власт на ЕУ во среда, рече Урсула фон дер Лајен. „Според резултатите од клиничките испитувања, оваа вакцина може да биде многу ефикасна против ковид-19“, рече таа, додавајќи: „Штом вакцината навистина се докаже како безбедна и ефикасна, секоја земја-членка ќе ја прими во исто време пропорционално“.


Вакцинација со Спутник V ќе чини помалку од 20 долари

Деталите за договорот, вклучително и сите опции за набавка во рамките на 160 милиони можни вкупни дози, ќе бидат објавени кога ќе биде потпишан во среда. Брисел претходно потпиша договори за стотици милиони дози на можни идни вакцини од „Џонсон и Џонсон“, „Санофи-ГСК“, „АстраЗенека“, „Фајзер-БионНТех“ и „КуреВак“.

Запленети 372.000 растенија канабис во Шпанија

илустрација

Шпанската цивилна гарда објави дека откривајќи мрежа на шверцери со дрога, запленила 372 000 растенија канабис, што е скоро третина од вообичаените годишни заплени во земјата. Акцијата, спроведена во текот на октомври и ноември, доведе до откривање на професионална мрежа за одгледување, собирање и продажба на канабис. Истрагата започната во мај годинава откри 52 насади со марихуана во Мадрид и други области со вкупно 372.000 растенија.

Полицијата пронашла мини лабораторија и стебла канабис во Визбегово, приведени три лица

Според Министерството за внатрешни работи, полицијата заплени скоро милион растенија канабис во просек секоја година, чие незаконско одгледување цвета во последно време, до степен Шпанија да стане главен производител во Европската унија. Уапсени се тројца членови на шверцерската мрежа, а тие се обвинети за изнајмување земјоделско земјиште и вработување на сопственици на тие имоти, уверувајќи ги дека станува збор за канабис за медицински цели.

Бајден: САД се подготвени да го водат светот, а не да се повлечат од него

Избраниот претседател Џо Бајден ја отстранува маската за лице при претставувањето на своите наименувани за клучните позии во национална безбедност

Соединетите држави се „подготвени да го водат светот“, рече избраниот американски претседател ЏоБајден денес во Вилмингтон, претставувајќи го дел од тимот на неговата идна влада. „Тоа е тим што го одразува фактот дека Америка се врати, подготвена да го води светот и да не се повлекува од него“, рече Бајден, алудирајќи на пресврт во надворешната политика. Тој ја повтори својата решеност да се бори против климатските промени воведувајќи го својот иден специјален пратеник за ова прашање Џон Кери.

Џон Кери го предводи тимот на Бајден во борбата против климатските промени

„Сакам да бидам јасен. Ниту за секунда не ги потценив тешкотиите во исполнувањето на моите смели обврски кон борбата против климатските промени. Но, во исто време, никој не треба да ја потценува за секунда мојата решеност да го сторам тоа", рече Бајден. Кери ја повика меѓународната заедница да биде поамбициозна во борбата против климатските промени, што е еден од приоритетите на Бајден.

Блинкен најверојатно нов државен секретар на САД

Идниот министер за надворешни работи Ентони Блинкен рече дека ќе се залага за меѓународна соработка во решавањето на светските проблеми. „Не можеме да ги решиме проблемите во светот сами, мора да работиме со други земји“, рече тој. Пред присутните се обрати и идната американска амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, која рече дека мултилатерализмот се врати во САД.

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање

Влада на Република Северна Македонија

Владата го утврди текстот на Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање. Како што соопшти владината прес-служба, целта на Законот за Агенција за разузнавање е да се направи јасна дистинкција меѓу АНБ чија надлежност се поклопува со надлежноста на Агенција за разузнавање, согласно постојниот закон. Во новиот закон за Агенцијата за разузнавање, јасно е дефинирана надлежноста на Агенцијата да собира, обработува, анализира, разменува, чува и штити податоци и информации од странство, кои се од значење за безбедноста, одбраната, надворешно – политичките интереси на Република Северна Македонија, стои во соопштението.

Мухамед Зекири е нов генерален секретар на Владата

На оваа седница, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за отпочнување процес на кодификација на правото во земјава и го задолжи Генералниот секретаријат на Владата да спроведе постапка за јавна набавка на софтвер и софтверско решение со кој што ќе се изврши кодификација на правото во земјава.

Времето денеска: сончево со локална облачност

Наутро ќе биде студено и понекаде во котлините со појава на магла. Преку денот сончево со мала локална облачност и со слаб претежно северен ветер. Дневната температура ќе биде од 11 до 16 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде до 9 степени.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG