Достапни линкови

Граѓаните бараат одговорно трошење на буџетските пари


илустрација

Додека трае собраниската расправа за буџетот за 2020, граѓаните ги прашавме на што најмногу треба да се трошат народните пари. Помодерно здравство, поквалитетно образование, повисоки плати, пензии и почист воздух. Овие според анкетираните се приоритетите за кои треба да се трошат парите од буџетот.

Најмногу пари за здравството и образованието, повеќе инвестиции во работни места и повеќе средства за борбата против загадениот воздух. Во овие неколку области граѓаните би ги распределиле парите од државната каса која за следната година е проектирана на помалку од 4 милијарди евра. Дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека е добро да има повеќе пари и за плати и за пензии, особено затоа што како што велат, животот станува поскап и невозможно е да се живее со истите примања како и досега.

„Реално најмногу пари треба да одат во инвестиции, во отворање на работни места за младите, да не бегаат младите надвор и да работат по другите држави, да ги мачат таму. Треба да отворат работни места овде, за сите граѓани, да си седиме и да си работиме овде“, вели младиот Муаз Рустеми од Скопје.

„На здравството најмногу пари му требаат, затоа што популацијата ни отиде. Останаа само возрасни луѓе. Потоа друг сектор е образованието, особено високото образование кое е запоставено. Третиот сектор е судството, за да биде такво какво што треба“, вели Момчило Когвачевски од Скопје.

„Првенствено пари треба да се трошат за хигиената на целата држава, папата требаше да дојде па ги поправија плочките, сега пак се искршени, клупи искршени, ѓубиште на сите страни, понатаму здравството, таму нема купатило чисто и се друго што му треба на болниот“, вели скопјанката Верица Чолаковска

Граѓаните со свои предлози за трошење на државниот буџет
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

„Основно е да се одвојат пари за заштита на животната средина, да се иницираат средства во општините со активна политика на општината, јас на пример приметувам пасивност кај општините за оваа тема која не засега нас граѓаните. Не повеќе прослави, повеќе бирократија и слатки зборови туку поактивен пристап за оваа тема која ги засега сите 2 милиони граѓани во државата“, вели Борче Бебиќ, жител на општина Ѓорче Петров.

„Најмногу пари треба за здравство и образованието и за пензионерите. Многу е се скапо, џабе илјада денари што ќе зголемат, повеќе треба“, вели една пензионерка која сакаше да остане анонимна.

„Треба на луѓето да им се помогне, на тие што имаат мали плати, да им се покачат пензиите, социјалната сфера, тоа треба, зошто со малку пари денеска не бидува, како ќе плаќаш сметки“, прашува скопјанецот Драги Шолиевски.

Повеќето од оние кои застанаа пред нашиот микрофон велат дека секоја власт голем дел од планираните средства ги троши неодговорно и на нерационални проекти, па оттука и слабата заинтересираност кај дел од граѓаните да зборуваат на оваа тема.

„За мене расправата за буџетот не е интересна, депласирана е, и не сум сигурен каде се трошат народните пари“...

„Не сум заинтересиран, не следам политика“...

„Сите се исти, фрлале пари во непотребни работи и продолжуваат да го прават тоа. Дај боже да се смени тоа“...

„Реална е проекцијата на буџетот, но би требало повеќе контрола од граѓаните како транспарентност и јавност во трошење на парите и фидбек од граѓаните и невладиниот сектор“...

„Парите не се користат рационално, како сакаат така прават“...

„Јас мислам дека парите одат по нивните џебови, на минатата и на секоја друга власт“, велат дел од анкетираните граѓани.

Инаку, за дополнителниот предлог буџет за 2020 година веќе тече расправа на пленарна седница, откако претходно Владата прифати 12 амандмани кои произлегоа од расправата за буџетот во собраниските комисии. Според предложениот текст, за наредната година е предвидено владата да собере 3,6 милијарди евра, а да потроши 3,9 милијарди евра. Дефицитот е намален за 160 милиони денари и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари. Се очекува раст на економијата од 3,8 проценти.

Според власта буџетот е развоен и со него се инвестира во човечкиот капитал. Две третини од проектираниот буџет ќе оди во секторите здравство, образование и социјала. Платите во здравството ќе се зголемат од 10 отсто за медицински сестри до 25 отсто за лекари специјалисти, во образованието за 10 отсто, а пензиите ќе пораснат за 850-900 денари.

Во најновите мерки и пресметки претставени во предлог буџетот за 2020 година, опозицијата пак гледа најлошо структурирана државна каса креирана од популистичките обиди на власта да ги поткупи гласачите за изборите догодина.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG