Достапни линкови

Мицкоски: однесувањето на амбасадорот Димитровски е недозволиво


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за советникот во неговиот кабинет Томислав Димитровски кој беше вмешан во инцидент рече дека ќе побара разрешување.

„Правдата не треба ние да ја земаме во свои раце. Има органи во државата кои што треба таа правда, нормално, да ја реализираат. И, доколку некој се чувствува нападна, навреден комотно може да се јави и да побара заштита од Министерството за внатрешни работи. Така што, и покрај тоа што станува за човек кој што го познавам од детството, човек кој што навистина има квалитети и човечки, но и дипломатски, но, ова кое што се случило е без никакво оправдување и веќе на следната седница на Извршниот Комитет, ќе побарам негово разрешување од таму каде што се наоѓа во моментов“, рече Мицкоски.

Деновиве Министерството за внатрешни работи соопшти дека поранешниот амбасадор во Љубљана, Димитровски репетирал пушка и ја вперил кон сосед, за време на расправија во зграда на улицата „Тодор Александров“ во Скопје. Случајот, според МВР, го пријавил неговиот сосед А.Д., а според пријавеното, по кратка вербална расправија, во ходникот на зградата Димитровски извадил автоматска пушка и ја репетирал кон него.

„Полициски службеници веднаш по добивање на пријавата излегле на местото на настанот. Во домот на Т.Д. се пронајдени повеќе парчиња оружје и муниција, кои се одземени. Т.Д. е повикан во полициска станица и со него е извршен службен разговор и се работи на расчистување на случајот“, информираат од МВР за овој случај.

Димитровски е и дел од кабинетот на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

XS
SM
MD
LG