Достапни линкови

Големите партии не се откажуваат од монополот на политичката сцена


Експертите се скептични дека ќе има промена на изборниот модел според кој Македонија ќе стане една изборна единица. Тие се сомневаат дека големите партии доброволно ќе се откажат од монополот на политичката сцена за да им дадат поголема шанса на помалите. Дополнително, противење веројатно ќе им и од партиите на Албанците, зашто со една изборна единица би им се намалил бројот на пратеници.

Ќе стане ли Македонија една изборна единица? Иницијаторите се оптимисти, експертите скептични дека големите партии доброволно ќе се откажат од монополот што го имаат на политичката сцена на сметка на помалите.

Пратеничката иницијатива за измени во Изборниот законик со кои Македонија ќе се дефинира како една изборна единица ја потпишаа 12 пратеници од 10 политички партии и еден независен пратеник. Велат дека тоа е 10 проценти од пратеничкиот состав, а имаат поддршка и од други колеги. Оптимизмот дека измените може да се усвојат им го зголемува и фактот што ова беше предизборно ветување на владејачката СДСМ.

Тие сметаат дека сегашниот изборен модел ги фаворизира големите партии, а ги принудува малите, чии гласови не се сконцентрирани во една изборна единица, да влегуваат во предизборни коалиции. Во изминатите изборни циклуси имало случаи кога партии освојувале по речиси 30 илјади гласови, а не освоиле ниту едно пратеничко место, поради лошиот распоред на гласовите, додека други со 15 илјади гласа добивале двајца пратеници.

Лилјана Поповска од ДОМ, која е една од потписничките на Иницијативата, вели дека СДСМ уште пред изборите им ветиле на сите коалициони партнери дека ќе го промени изборниот законик и Македонија ќе стане една изборна единица.

„Јас верувам дека ќе може да се убедиме, ќе може да аргументираме. Затоа, како Иницијатива за една изборна единица, ние бараме средби со лидерите на трите партии, на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, за да може заеднички на маса да аргументираме, да објасниме кои ни се идеите, да се слушнеме едни со други и да дојдеме до некое заедничко решение. Крајната цел ни е наши претставници на оваа Иницијатива да бидат дел од преговарачкиот процес за промена на Изборниот законик. На тој начин ќе може суштински да влијаеме за тоа каков ќе биде конечниот изборен модел“, вели Поповска.

Од друга страна, професор Ненад Марковиќ е скептичен дека без голем притисок, големите партии би се откажале од сегашниот монопол на политичката сцена и би дозволиле промена на изборниот модел. Дополнително, големите партии на Албанците веројатно би се спротивставиле на ваква промена на изборниот модел, затоа што, поради малата излезност во албанските средини, во една изборна единица би освоиле помалку пратеници.

На парламентарните избори во 2016 година, во првата изборна единица беа потребни над 9100 гласа за пратеник, во втората 8200, во третата над 9000, во четвртата скоро 9500, во петтата над 7300 и во шестата, со мнозинско албански население, нешто над 6500 гласови.

„Веројатно нема да им одговара и веројатно ќе има некаков отпор, којшто претпоставувам ќе се комбинира и со отпорот на двете најголеми македонски партии. Затоа и не сум некој оптимист дека ова ќе се случи. Ако се случи, ќе се случи веројатно под некаков голем притисок и под можноста да се формираат предизборни коалиции за да се неутрализира опасноста малите партии да земаат гласови, ама на албанските партии сигурно нема да им одговара. Не би лицитирале тие со помал број на пратеници во Собранието, така ја губат политичката моќ. Затоа не гледам дека ова со една изборна единица ќе се случи некогаш воопшто“, вели Марковиќ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара мнозински, а не пропорционален изборен систем, односно да има 120 изборни единици од кои ќе се бира по еден пратеник. Алијансата за Албанците предлага наместо сегашните шест, да има осум изборни единици, но тие да не носат подеднаков број на пратеници, туку бројот да пратеници да се определува согласно бројот на освоени гласови. Беса, пак, бара намалување на три изборни единици. ДУИ засега молчи, но претходно навестуваше дека нема потреба од промена на изборниот модел.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG