Достапни линкови

Законот за одбрана согласно стандардите на НАТО?


Измените и дополнувањата на Законот за одбрана се во собраниска процедура, но за нивно усвојување е потребно двотретинско мнозинство. Според власта, се работи на усогласување на армијата со НАТО стандардите. Опозицијата пак со спротивно мислење.

Двотретинско мнозинство е потребно за да се изгласаат измените и дополнувањата на Законот за одбрана со кој треба да се уредат обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО, односно преоѓањето од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана. Со законот се уредува и процедурата за учество во мисии и операции на НАТО, на каков начин може државата да побара помош од Алијансата, како и барањето за реакција на НАТО. Најголемата промена во законот се состои во тоа дека одлуката за учество во операции на НАТО ќе ја носи Владата, а секоја година ќе поднесува целосен извештај за учество во сите операции до Собранието. Во Законот се предвидуваат и можни учества во мисии, не само на припадници на Армијата, туку и на луѓе од целиот одбранбен сектор.

Со измените се прецизира и правичната етничка застапеност.

„Принципот на интероперативноста е еден од главните принципи за сите новопримени членки на Алијансата и во таа насока државата која се подготвува да стане членка или е веќе на прагот на НАТО, како што е случајот со Република Северна Македонија, е должна практично да се претвори во еден вид на голема работилница во повеќе домени, почнувајќи од политички, правни, економски, социјални, но пред се безбедносни домени. Секако, Алијансата има одредени стандарди кон кои треба да се придржува Република Северна Македонија. И во таа насока е разбирливо што законот мора да ги регулира бројните аспекти на нашето идно ангажирање во Алијансата“ вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.


Владејачкото мнозинство очекува пратениците од сите политички партии да покажат дека се за членство во НАТО и да го поддржат законот. Според власта, неодговорно е на последниот чекор пред НАТО да се тера партиска политика. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека во законот се вметнати одредби кои не се поврзани со стандардите на НАТО, без да прецизираат за кои одредби станува збор. За опозициската партија проблематично е и тоа што Армијата се преименува во Армија на Република Северна Македонија.

„Мислам дека сето тоа што се усвојува во рамките на безбедносната димензија, во рамките на Парламентот е направено во согласност стандардите на Алијансата и тоа во заедничка корелација со експертите на Алијансата и нашите експерти, а секако прилагодени на нашата реалност. Сега секогаш ќе најдете политички партии како дел од нашата демократија да не се согласуваат со одредени параметри“, вели Ружин.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана претходно доби зелено светло од собраниската Комисија за одбрана и безбедност, но без членовите од ВМРО-ДПМНЕ. Осум членови беа „за“, немаше против и воздржани. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија Комисијата на почетокот на седницата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG