Достапни линкови

Ангеловски - Потребен нов закон за контрола на ОТА, со постоечкиот тоа не е можно


Зоран Ангеловски, директор на Оперативно техничката агенција (ОТА)

Директорот на Оперативно – техничката агенција (ОТА), Зоран Ангеловски, денеска апелираше да се донесе нов закон за контрола и надзор над безбедносните служби. Тој додава дека контролите што во моментот се прават не се функционални.

„На овој начин на кој е поставена контролата, контролните механизми, реално контрола во ОТА не може да се направи“, вели Ангеловски.

Тој вели дека службите се уште се држат до тоа дека следење на комуникации е следење на нечиј телефон, а тоа одамна не е така.

Ангеловски, денеска учествуваше на конференција „Реформите во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија: постигнувања, предизвици и приоритети“, организирана од ДЦАФ.

Тој вели дека за да може Собранието да ја преземе во свои раце надзорната функција врз разузнавачката заедница, потребен е закон со кој ќе им се даде многу поголеми овластувања на пратениците, кои со ангажирање на експерти ќе можат да направат реална контрола во безбедносните служби.

И директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, кој учествуваше на конференцијата, е согласен дека е потребно да се донесе нова законска регулатива, но, нагласи, веќе еднаш треба да се почне со имплементација на она што е донесено.

XS
SM
MD
LG