Достапни линкови

На Камчев му барале осум милиони евра за да го снема предметот Империја, сведочи неговата сопруга


Ана Камчева пристигна во Кривичниот суд каде ќе сведочи за случајот „Рекет“

На бизнисменот Орце Камчев, обвинет во случајот „Империја“, му барале осум милиони евра за да го снема предметот, сведочеше денеска неговата сопруга, Ана Камчева, во Основниот суд Скопје, како сведок во случајот „Рекет“, во кој специјалната обвинителка Катица Јанева е обвинета за изнудување пари. Овој случај го пријави Камчев. Тој пријави дека го „рекетирале“ за да го снема случајот Империја, кој го покрена СЈО, а се однесува на перење пари.

Камчева пред Судот рече дека на нејзиниот сопруг му побарале пари за да го снема предметот Империја кога веќе бил пуштен во домашен притвор. Таа рече дека се плашела од моќта на тогашната специјална обвинителка Катица Јанева, која сега е второобвинета во „Рекет“. Камчева рече дека сега првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13 всушност бил специјалниот обвинител, оти, како што рече, знаел детали и работи од многу предмети, кои ги споделувал со неа.

Ана Камчева рече дека од прв момент сакала да го пријави случајот. Таа го информирала директорот на УБК Горан Николоски и му кажала дека е жртва на рекет и побарала совет кого да информира. Таа му кажала и дека во нејзино присуство Боки 13 разговарал со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со многу политичари, судии и обвинители. Камчева вели дека со директорот на УБК, Николовски двапати се сретнала. Камчева рече дека му дала 350 илјади евра на Боки 13 за да го пуштат Камчев од притвор, а сега веќе осудениот за Рекет, Зоран Милески,требало да им додаде уште 150 илјади евра.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева за „примање награда за противзаконито влијание“ и за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

XS
SM
MD
LG