Достапни линкови

Министерството за здравство со реакција за инсулинскиот скандал


Уништивме сомнителен инсулин од паралелен увоз набавен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, тие да одговорат зошто си играле со здравјето на пациентите, гласи соопштението од министерството за здравство по обвинувањето од опозицијата дека е уништен инсулин кој бил со важечки рок за употреба. Во реакцијата од министерството е наведено дека уништениот инсулин е од стоковите резерви и станува збор за инсулин набавен со паралелен увоз во време на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото отстранување е направено со одлука на Владата.

„Нема да дозволиме нашите граѓани да користат сомнителен инсулин. Уништениот инсулин од паралелен увоз е вреден 330 илјади евра, а не еден ипол милион евра како што говорат во нивната прес-конференција. Еден од најголемите проблеми во здравството во владеењето на претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше набавката на лекови со паралелен увоз и сомнителен квалитет,“ стои во соопштението.

Во продолжение е наведено дека пациенти со дијабетес имаат оригинални инсулини со сертификат за квалитет, а не како порано и дека сега се воведени три нови типови на инсулини.

Претходно од опозициската партија обвинија за незаконско уништување на половина тон инсулин, чија што пазарна вредност може да достигне од 1.5 милиони евра е со валиден рок на употреба до месец јуни наредната година.

XS
SM
MD
LG