Достапни линкови

Избирачкиот список не е ни чепнат


Нема ни теоретска можност прочистувањето на избирачкиот список да заврши за да има кредибилни избори во јуни.

Експертите ја исклучуваат можноста од детално прочистување на избирачкиот список до 5 јуни и истовремено изразуваат невоздржан скептицизам и околу техничките можности да се одржат избори на тој датум.

Во ДИК очигледно мнозинството го сочинуваат членови кои припаѓаат на владејачката гарнитура, а досега таа не работеше во интерес на граѓаните.
Темелко Ристевски, универзитетски професор

Нема никаква причина да се наметнува јуни како датум за избори, затоа што актуелната политичка ситуација налага потреба меѓу другото и од максимално прочистен избирачки список, а тој е далеку од тоа, вели професор Темелко Ристевски. Тој посочува дека има основа за сомневање во избирачкиот список, затоа што податоците на МВР во врска со прочистувањето на избирачкиот список се доставени само со потпис на заменикот на министерот, а според законот, тој акт треба да го потпише и министерот.

„Тоа е основа за манипулации во сегашниов сплет на политички околности, а друго, има информации дека сè уште не се средени докрај работите во некои општини. Се споменуваат Кичево и други општини во Македонија. Не се средени работите за да се овозможи список во кој нема да има каков било сомнеж.

Проблем, според Ристевски, е и тоа што согласно мнозинството, ДИК нема алатки за бришење на гласачи.

„Во ДИК очигледно мнозинството го сочинуваат членови кои припаѓаат на владејачката гарнитура, а досега таа не работеше во интерес на граѓаните“, вели тој.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов истакнува дека нема политичка волја да се прочисти избирачкиот список и тоа укажува дека повторно може да се повторат пропустите од минатите изборни циклуси и да се кршат изборните правила. Според него, меѓу поголемите пречки е што постои силна опструкција во МВР да се прочисти избирачкиот список.

„Нема ниту теоретски можности, а не практични, да се прочисти избирачкиот список. Прво има силна опструкција, бидејќи службите внатре не сакаат да работат на прочистување на избирачкиот список затоа што се под силен притисок на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата. Тоа е клучно прашање“, вели тој.

Трајанов истакнува дека и натаму е голем бројот на спорни гласачи во избирачкиот список. Сите што беа пронајдени како ново креирани гласачи и натаму останаа, а тие се над 18 илјади, вели Трајанов.

„Втора работа, над 35 илјади со лични карти кои практично гласаат за оние кои се надвор од Македонија и од тие ниту еден не е отстранет од списокот. Исто така гласачите од Пустец и тие не се отстранети“, вели тој.

Последната реакција за ова неодамна дојде од ИФЕС. Според набљудувачот Џон Арон, детална проверка на списокот е невозможна до 5 јуни кога се закажани и изборите.

СДСМ останува на ставот дека до 5 јуни не може да има прочистен избирачки список и не може да има регуларни избори.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека на СДСМ нема да му успее последното сценарио со кое сака повторно да бара алиби за бегање од избори. И Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ја информира јавноста дека непотребното инсистирање да се достави избирачки список до Државната изборна комисија, со некомплетни податоци, неизвршени проверки и неспроведени управни постапки, е на штета на спроведување на фер и демократски избори со кредибилен и прочистен избирачки список.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG