Достапни линкови

СДСМ побара Собранието да го толкува членот за помилувањето


Собрание на Македонија

Пратеничката група на СДСМ поднесе Барање за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување.

„Со овој чекор сакаме да ги спречиме најавите да се врати незаконската аболиција на Ѓорѓе Иванов, против која застанаа сите слободоумни граѓани, зад која застанавме и ние. Неказнивост на делата што ги направи режимот предводен од ВМРО-ДПМНЕ не смее да има и нема да има, ние тоа нема да го дозволиме“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник.

Тој вели дека одредени структури во правосудството упорно бараат начини да ја заобиколат правдата.

„Нова неуставна амнестија нема и не смее да има. Секој мора да одговара за делата и за злоупотребите што ги направил“, рече Костадинов.

Тој ги повика сите пратеници да застанат на страната на правдата и да го поддржат Барањето за автентичното толкување.

Претходно министерката за правда Рената Дескоска побара пратениците уште денеска да иницираат автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.

Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение велат дека Зоран Заев преку Уставниот суд создава можност, по поразот на следните предвремени парламентарни избори да биде амнестиран за сите коруптивни афери и зделки познати во јавноста.

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го примил барањето за автентично толкување на член 11 од Законот.Од Кабинетот на Џафери информираат дека барањето веднаш е проследено до пратениците и дека за тоа кога за него ќе расправа Законодавно правната комисија и Собранието ќе се знае по редовната понеделничка координација.

XS
SM
MD
LG