Достапни линкови

Колективниот договор „заглавен“ - културните работници ќе штрајкуваат


Доколку во најкус можен рок не се финализираат преговорите за Колективен договор и не биде потпишан со обврска за негово целосно спроведување од 1 јануари наредната година, Синдикатот на културата на Република Македонија ќе ги повика своите членови да го почнат веќе најавениот штрајк.

Поради ненадејното и за нас, неоправдано прекинување на работата на работната група за изготвување на Предлог колективен договор, сакаме да ја информираме јавноста и вработените во културата дека Советот на СКРМ најавува штрајк од 16-ти декември.

Ова стои во денешното соопштение до медиумите потпишано од Советот на Синдикатот на култура, кое доаѓа на нецели два месеца од октомврискиот Марш со кој културните работници јасно и гласно побараа „Колективен сега!“.

И, во дополна уште ќе биде забележано дека - „причината за активирање на штрајкот е заради ненадејното и за нив, неоправдано прекинување на работата на работната група за изготвување на Предлог колективен договор“.

А, како појаснување и тоа дека во „последниве 10 дена работната група за колективен договор во Министерството за култура не е активна, односно работата е неосновано прекината од страна на Министерството“.

Гоце Павловски, секретар на СКРМ, истакнува дека најавата за штрајкот се должи на неажурниот однос на Министерството за култура, односно на кабинетот на Министерот Исмаили и заменикот-министер Лазовски. Тој и со појаснување дека до пред десетина дена работната група составена од претставници на Министерството, СКРМ и СОНК работела на финализирање на Предлог колективниот договор, при што има посебна подгрупа која го дефинира финансискиот дел во однос на потребниот буџет за платите. Истакнува дека работата прекинала без образложение од страна на Министерството кое го координира процесот.

„Ние испративме електронски писма до кабинетот на Министерот, Заменик министерот и други официјални лица, но одговор сè уште нема. Времето истекува, 1 јануари е за само еден месец, а нас сè уште ни остануваат недефинирани суштински елементи на колективниот договор како компонентите на основната плата, работната успешност, додатоците на плата и надоместоците на трошоци поврзани со работата. Тоа што предизвикува револт е ноншалантноста и игнорирачкиот однос на Министерството, па така во состојба на неизвесност кога Предлог буџетот за 2020 година е веќе на Собраниска расправа, нас ни останува само да најавиме штрајк поради неисполнетите ветувања, кој ќе започне од 16 декември“, вели Павловски.

Во дописот од Советот на СКРМ ќе биде забележано и тоа дека „Министерството за култура е сервис на вработените во уметничките и културните институции, а притоа и најодговорен управен орган за сите проблеми што произлегуваат од работниот однос“ и дека токму поради тоа тие бараат јавно на сите вработени во културата да им одговорат на следните прашања:

Зошто работата на работната група за колективниот договор е прекината без никакво образложение?

Зошто и покрај сите апели за нејзино продолжување, работната група не се активира?

Дали може Министерството јасно и недвосмислено да каже дека сè уште е на ставот за потпишување на колективен договор со спроведување од 01 јануари 2020 година?

Вработените во културата преку својот Синдикат и со потсетување дека тие не бараат покачување, туку уредување на платите и правична валоризција на трудот по основ на Колективен договор кој Министерството, а со тоа и државата, им го должат цели 15 години. Не сакаат да веруваат дека ваквиот „традиционален“ однос на Министерството е тактизирање со цел продолжување на оваа агонија уште една година или како што покажува праксата, можеби уште една деценија.

Затоа и ги повикуваат сите одговорни лица во Министерството за култура, на чело со Министерот и неговиот заменик да се фокусираат со сите капацитети за итно решавање на проблемот и да не помислуваат да се запишат во редот на личности од неуспешната историја на Министерството кои проблемите ги „туркаат под тепих“. Велат дека овој пат вработените стојат цврсто на барањата за остварување на своите „згазени“ права и дека ќе ги искористат сите можни форми на социјална борба.

„Штрајкот ќе подразбира прекин на работата во сите институции и различни форми на протест преку излегување на улица, медиумски притисок и притисок преку социјалните мрежи преку кои јавноста ќе дознае за децениската трулост на државниот систем во културата и газењето на работничките права од управниот орган кој треба да ја спроведува „социјалната држава“, дефинирана со Уставот, смета Павловски.

Инаку, не многу по ваквото соопштение се огласи и Министерството за култура. во Нивниот допис се вели:

„Не е точно дека е прекината работата на работната група за потпишување на колективниот договор, туку во изминатите денови подгрупите работат на детална анализа и финансиската пресметка на средствата кои се потребни за потпишување и примена на колективниот договор. Министерството за култура како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК ќе работи на унапредување на условите во културата.“

Преговорите за колективниот договор продолжуваат веќе во понеделник во 13 часот за кога ќе биде закажан состанок со работната група.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG