Достапни линкови

Оберхубер - Потребен е сеопфатен систем за справување со загадувањето


Оберхубер - Потребен е правосуден систем кој ќе соработува регионално
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:21 0:00

Оберхубер - Потребен е правосуден систем кој ќе соработува регионално

Од една страна треба да инвестираме во енергетската ефикасност, но исто така треба да погледнеме и во тоа што го користиме да добиеме енергија, вели директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), Давид Оберхубер, во неделното интервју на РСЕ.

Господине Оберхубер, внимание во јавноста предизвика назначувањето на Валтер Дефа за консултант за економски теми во земјава, нешто го најави германската Канцеларка Ангела Меркел. Тој е тука од февруари, каков е поточно неговиот ангажман?

Господинот Дефа започна со работа пред половина година врз основа на договорот меѓу премиерот Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел. Тој тесно соработува со нашите проектни тимови, но главно со советниците од кабинетот на премиерот: од една страна на зајакнување на имплементацијата на владините стратегии и иницијативи во процесот на поставување на централната набљудувачка единица, која е фокусирана на стратешки проекти и на напредокот на стратешките проекти и потоа на работа со министерствата за исполнување на целите на владините структури. Од друга страна, тој исто така внесува перспектива од европската интеграција со една специфична програма: стратегија за паметна специјализација, која е алатка на ЕУ во политиките за иновации со идеја за спојување на иновативни актери во општеството. Тука идејата е да се работи со министерствата на поставување систем за спроведување на оваа стратегија за паметна специјализација.

Ова вам ќе ви биде втора зима во Скопје, па и сами сте го почувствувале екстремно загадениот воздух. Знаејќи ги и добрите германски практики, што сметате дека може да се направи за подобрување на ситуацијата? Се прави ли доволно?

Да, аерозагадувањето очигледно е проблем во Скопје. Прашањето е повеќеслојно и од една страна треба да погледнеме во индустријата која треба да ги исполни националните стандарди, а во иднина исто така европските стандарди кои се уште повисоки. Од друга страна го имаме транспортот како извор на аерозагадувањето, каде исто така блиску соработуваме со Град Скопје за развој на стратегија за урбана мобилност која му дава предност на немоторизираниот транспорт. Тоа не значи дека ќе биде потешко да се биде мобилен во градот, идејата е да се добие систем со кој на граѓаните ќе им биде олеснето движењето, но без да бидат зависни од автомобилите. Третата област во која треба да погледнеме е во загревањето на домаќинствата, особено во зима. Од една страна треба да инвестираме во енергетската ефикасност, но исто така треба да погледнеме и во тоа што го користиме да добиеме енергија. Една од темите во која треба да погледнеме е енергетската сиромаштија, посебно на ранливите и маргинализираните групи во општеството кои едноставно не се во положба да одлучат кој начин на загревање ќе го употребуваат. Тука Владата треба да развие стратегии за да се направат промени во оваа насока. За тоа наскоро ќе донесеме експерт за енергетика и за квалитет на воздухот, да го советува Град Скопје да развие сеопфатен систем како да се справи со оваа тема.

Германија е земја која има сериозен пораст во искористувањето на обновливите извори на енергија. Дали Македонија може да се спореди со западно-европските земји кога се работи за ефикасно искористување на таквите извори?

Сметам дека земјата има многу добар потенцијал. Кога зборуваме за обновлива енергија, зборуваме за хидроенергија, енергија од ветер и соларна енергија. Со соларната енергија потенцијалот за развој очигледно е голем. Треба да погледнеме што точно е возможно. Нема да можете да покриете се со обновлива енергија, но има можности да се оди во таа насока. Четвртиот извор на енергија всушност е енергетската ефикасност, бидејќи само намалената употреба на енергија е еден од главните извори за енергетска транзиција и на тоа работиме со Владата. Исто така, како дел од евроинтеграцискиот процес Македонија треба да развие национален енергетски и климатски акциски план, кој треба да биде насочен кон потенцијалот на обновливата енергија, но исто така и во потенцијалот на енергетската ефикасност на земјата.

ГИЗ има проект и со обвинителството поврзан со откривање на сериозен криминал. Господине Оберхубер, како гледате на ситуацијата со владеење на правото во државава?

Важен проект кој го спроведуваме со средства од германската Влада и со европски средства, е како земјата да се бори со сериозен криминал. Ова е соработка на ГИЗ со италијанското Министерство за внатрешни работи и Центарот за меѓународна правна соработка од Холандија. Овде од една страна работиме со полицијата, тоа е задача на Италијанците, и од друга страна со јавните обвинителства на тоа како да се истражуваат специфични случаи. Главната иницијатива овде е како да се работи на одделни случаи кои се прекугранични, потоа соработка меѓу различните државни институции кои работат на истрага на криминал, но исто така и прекугранично меѓу земјите во организирање на заеднички тимови за истрага. Првата таква соработка беше меѓу Македонија и Србија, во еден голем случај наречен „Доктор“ каде им помогнавме на двете држави да го решат случајот и да го подготват за судење. Кога зборуваме за прекуграничен криминал, уште една тема на која работиме е нелегалните финансиски текови, или перење пари во обичен говор да кажам, каде повторно работиме со истражните органи и полицијата, а во овој случај исто така и со царината, на пример на формирање на оддел со кучиња кои намирисуваат пари кои се нелегално пренесувани од една земја во друга. Исто така работиме и со вас, новинарите, истражувачките новинари, на подобрување на нивните вештини во идентификување на финансиски криминал и соработка со колегите од другите земји во истражување на таквите случаи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG