Достапни линкови

Додека земјава ја тресе иселеничка треска, битолчани се враќаат во Мариово


Како претходно изгледал патот што води од Битола кон најодалечените села во Мариово.
Како претходно изгледал патот што води од Битола кон најодалечените села во Мариово.

Откако е асфалтиран патот од Битола до најодалечните села во Мариово, жители од Битола се интересираат да се преселат таму. Нема прецизна статистика, но се смета дека над дваесетина семејства од Битола се вратиле во мариовските села.

Додека другите региони во земјава се погодени од иселување, Мариово доживува обратен процес. Откако се асфалтираше патот до најоддалечените села Зовиќ, Груништа, Будимирци, Градешница и Старавина, жители од Битола се интересираат да се преселат таму, некои само преку лето, а други и во останатиот дел од годината.

„По 34 години работа во градот, со мажот ми се вративме во Мариово. Тука одгледуваме овци, кози. Патот сега е направен, асфалтиран е, носат на сабајле леб и други намирници. И што е најважно овде имаме природа и чист воздух што ги немавме во градот“, вели Аспасија Талевска.

„Се враќаат луѓето. Сега е поживо. Имаме асфалтен пат и идат повеќе од порано, некои градат и викендици“, вели Донка Цветова од село Старавина.

Како изгледа сега патот.
Како изгледа сега патот.

Нема прецизна статистика, но се смета дека над дваесетина семејства од Битола се вратиле во мариовските села. Меѓу нив има занаетчии, возачи, поранешни училишни служители, трговци.

„Во последните два месеца со тоа што го асфалтиравме патот од Рапеш до Старавина и сега Битола е поврзана со сите пет најоддалечени мариовски села со асфалтен пат, десетина семејства кои живеат во Битола, а се по потекло од тие мариовски села, се заинтересирани за враќање назад. Се интересираат дали има плацови или куќи за продавање таму“, рече градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.

Тој додава дека запрена е и миграцијата во општина Новаци, на чија територија се наоѓа дел од мариовскиот предел. Ова е една од најголемите општини во земјава, а со најмала густина на население поради иселеничкиот бран кој се случувал со децении наназад. Жителите денес се занимаваат со земјоделство, сточарство, производство на мед, а дел од населението работи и во РЕК „Битола“.

„Имаме обратна ситуација. Во последните три години иселувањето е ретко. На прсти можат да се набројат оние кои заминале, а тоа најчесто се луѓе кои имаат од нивната фамилија некого во странство, па ги повлекол и нив. Што се однесува до иселувањето тој тренд во последните години не само што се намали, туку и стагнира“, вели Кузманоски.

Годинава од регионалниот пат во Мариово беа асфалтирани три километри, а лани 9 километри со што асфалтен пат стигна и до најдалечните места во Мариово. Иронијата да биде поголема претходно некои од селата имаа асфалтирани улици, но немаа асфалтен пат до нив.

„Делот од Новаци за Битола и Мариовско завршивме оваа година, направивме патишта 50-60 години што нема направени, посветеноста е голема“, вели Зоран Китанов, директор на Агенцијата за државни патишта.

Од Битола до Старавина има 52 километри од кои само 37 беа асфалтирани, а останатиот земјен пат посипан со чакал со години го носеа дождот и снегот, па освен со џип тешко беше да се стигне во овој еколошки предел. Порано Мариово имаше 14 000 жители, а сега нешто повеќе од стотина.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG