Достапни линкови

Славниот Рено Гарсија Фонс во „Сите лица на басот“ на Филхармонија


„Сите лица на басот“ е насловен концертот што овој четврток, на 24 октомври, со Филхармонија ќе го одржи врвниот француски контрабасист Рено Гарсија Фонс. На програмата се и Суитите 1 и 2 од балетот „Дафнис и Клое“ од Морис Равел, а со оркестарот и по прв пат со класика ќе раководи Џијан Емин.

По цели 14 години од несекојдневниот настап со своето трио на „Скопски џез фестивал 2005“, во Македонија повторно ни доаѓа еден исклучителен француски инструменталист и композитор - Рено Гарсија Фонс. Тој овој четврток во редовниот термин на Филхармонија е гостин на концертот насловен како „Сите лица на басот“. На програмата се и Суитите 1 и 2 од балетот „Дафнис и Клое“ од Морис Равел, а со оркестарот и по прв пат со класичен репертоар ќе раководи маестро Џијан Емин.

Роден 1962 година, Рено Гарсија Фонс е без сомнение еден од најдобрите контрабасисти во светот. Тој е уметникот кој на инструментот му наметна поинаков статус. Кој му даде различен пристап на интерпретација. Зад него се околу 15 студиски албуми, претежно издадени за реномираната куќа „Енја рекордс“, соработки со врвни музичари особено од сферата на џез-музиката, настапи ширум светот со џез-анасамбли и симфониски оркестри.

Рено Гарсија Фонс

Контрабас почнал да учи на 16 години, иако пред тоа се образувал на пијано и класична гитара. Но, љубовта и љубопитноста кон контрабасот ќе го одведат на Конзерваториумот во Париз каде што негов ментор бил исклучителниот Франсоа Рабат кој му извршил силно влијание врз понатамошната кариера. И самиот вели дека репертоарот за контрабас, во споредба со делата создавани за други инструменти, е скуден. Токму затоа, Рено Гарсија Фонс одлучил да се занимава и со композиција, а преку неговите дела овој инструмент го зацврстува статусот на соло-инструмент. Неговите творби претежно се создадени за поголеми ансамбли за да придонесе, како што и самиот вели, за поголема афирмација на контрабасот и развој во оркестарската музика. Она по што Гарсија Фонс е препознатлив и се издвојува од другите, е звучењето на неговиот инструмент – во негови раце, како да слушаме гитара или лаута со разновидни бои. Вели дека неговиот интерес за т.н. „ворлд мјузик“ сцена всушност, му го наметнал и начинот на изведба, како и неговата потреба да ги истражува можностите на инструментот.

„Оригинално контрабасот бил создаден да ја интензивира басовата линија во оркестарот и бил чисто функционален инструмент. Потребни беа повеќе векови овој инструмент да излезе од овие рамки, благодарение на пионерските дела и истражувањата со кои почна да се развива техниката, репертоарот, прво романтичниот, а потоа и во џезот и современата музика. Поради тоа, навистина репертоарот за контрабас е лимитиран. Денеска, посебно преку мојата работа, контрабасот почнува да добива нов статус, на соло инструмент кој е рамноправен со останатите, преку репертоар кој главно е свртен кон т.н. ворлд мјузик, не само кон џезот и класичната музика“, знае да каже во своите интервјуа Фонс.

Џијан Емин

Од друга страна, пак, Џијан Емин во пресрет на овој концерт, на кој тој ќе го има своето огнено крштевање со класичен репертоар на матичната сцена со изведбите и на Суитите 1 и 2 од балетот „Дафнис и Клое“ од славниот Морис Равел, не го крие своето воодушевување од средбата со врвниот француски уметник.

„Музиката којашто ќе ја изведеме на концертот, музиката што ќе ја свири Рено Гарсија Фонс е негова авторска музика за којашто тој и самиот ги напиша оркестрациите. Тоа што е специфично за Фонс е тоа што тој во својот опус има многу различни стилови на свирење и многу често користи и ориентална музика и фламенко во неговите композиции. Така на овој концерт, на „Сите лица на басот“ ќе имаме некакви неправилни ритмови, нешто што е блиску и до нашето поднебје како ритам и како ритмичка фактура и структура. Јас лично многу се радувам што токму во Македонија ќе имаме прилика сите овие работи да ги споиме воедно и да направиме еден премиерен концерт со неговата музика“, вели Џијан Емин кој во саботата одржа прекрасен концерт со својот МАГИЧЕН ОРКЕСТАР на последното се уште свежо издание на Скопски џез фестивал .

И, кога сме веќе кај него само уште неколку збора како потсетување дека неговата девиза е оти „секој уметник кој се стреми да биде голем презема храбри чекори и одговара на предизвиците во уметноста, кои се круцијални за добивање нови форми, нов израз, нови начини кои носат воспоставување нови медиуми“. Ете токму и затоа тој токму тоа досега умешно го прави тежнеејќи да претстави една нова музичка перцепција, да наметне нова звучна естетика која се базира на неговото навистина огромно искуство како мултимедијален музичар - многу години како прв хорнист во Македонска филхармонија, клавијатурист, гитарист, композитор, аранжер, сега и диригент...

И ако си припомниме зад Џијан Емин се деновите со „Проект жлуст“, „Д.Н.О.“, Квартетот на Георги Шаревски, „Скопје конекшн“, проектите со „Архангел“, соработките со Бодан Арсовски, Тони Китановски, Кирил Џајковски, „Фолтин“ и Никола Коџабашија, бројните дискографски изданија, ангажманите со оркестарот за снимање филмска музика „Фејмс“...Неговата оркестрација на музиката на Мет Феди го одбележа најголемиот новогодишен огномет кој се случи во Дубаи, а тука се и релациите со Малколм Брн, продуцент кој работел и со „Ју ту“, Питер Габриел или Боб Дилан, потоа со Вилијам Паркер, Грег Хопкинс, Питер Херберт, Дамо Сузуки, Џовани Фалцоне, Френк Лондон, Боб Стјуарт, Џанлука Петрела, Лука Аквино, Ернст Рејсегер, Дерик Меј, Хуан Аткинс, Феми Кути... и на листата се чини и нема крај.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG