Достапни линкови

Медиуми - Траекторија, ОХИС и Macedonia the GReat


Одлуката на Судот дека е застарено делото на поранешниот премиер Никола Груевски во случајот Траекторија, инцидентот со депонијата во скопската фабрика ОХИС и загадувањето на воздухот се дел од темите кои ги третираат македонските медиуми.

„Груевски нема да одговара за „Траекторија“ зашто судот заклучи дека настанала апсолутна застареност за гонење на Никола Груевски за кинеските автопати со што државата ќе ги плати сите судски трошоци поврзани за оваа постапка против поранешниот премиер“ – пишуваат Нова Македонија и порталот ЦивилМедиа. СДК.МК истава информација ја објавува со наслов: „’Луѓето страдаат‘, вака четворица уставни судии побрзаа да ги спасат Груевски и неговите министри за злоупотреби со милионските тендери“. Порталот Либертас го пренесува мислењето под наслов: „Со кого си таков си“ токму за овој случај: „Ете тоа е Македонија која сака во Европа и на која, не македонскиот правен поредок, туку на која виновникот ѝ е Макрон. А всушност, целото наше судство топтан, онака топтан од портирот на основниот до првиот во врховниот е криминогено. Нема друга дефиниција освен дека целиот правен поредок е криминален“. Слободен печат објавува колумна која исто така се однесува на македонското судство, поточно на иницијативата на четворица уставни судии за укинување на чл. 353 ст.5 од Кривичниот законик, за која авторот вели дека оваа иницијатива „е опасност за случаите на СЈО, поголема од бегството на Груевски и ’Рекет‘ заедно“. „Скриена амнестија или јавна манипулација“ забележува авторот додавајќи: „Ако некој функционер ја злоупотреби својата положба – тогаш треба прво да биде сигурен дека нема шанси да се извлече без ниту еден ден затвор“.

„Досие ОХИС: Бизнисот пред здравјето - Пропаста почна со Груевски, продажбата завршува со Заев“ – објавува неделникот Фокус провокативен наслов на насловната со монтирана фотографија на премиерот Заев и на неговиот претходник Груевски во заштитни одела во кругот на проблематичната затворена фабрика. А во текстот со наслов „Досие ОХИС“, открива дека „бизнисменот Горјан Максимовски и офшор компанија од Дубаи го купија целиот имот на ОХИС за 7,1 милион евра, а компанијата што го чисти отпадот е на човек кој е во кумовска врска со екс шефот на тајната полиција Љупчо Андоновски“.

И другите печатени медиуми и портали ја обработуваат темата загаден воздух и околина. Вечер има наслов: „Земете воздух длабоко, за две години ќе дишете пак – Ново ветување: Макрадули допрва ќе го решава загадувањето со буџет колку за лубрикантите... според парите што Владата ги намени за решавање на загадувањето – таа смета дека загадување речиси и нема“. А за најавата на министерот Макрадули дека за две години загадувањето на воздухот во Скопје да се намали за 50 отсто, а во другите градови во државата помеѓу 30 и 50 проценти, и да не остане ниедно домаќинство што ќе се грее на јаглен, нафта или кокс вели дека е комична ако се знае дека во Македонија околу 100 илјади семејства се греат на јаглен, нафта и дрва. Порталот Курир објави дека вечерта на 13 ноември Тетово бил најзагаден град во земјава: „Воздухот е загаден 9 пати повеќе од дозволеното!“ – објавува порталот.

Порталот Република, пак, кој премиерот Зоран Заев го нарекува „премиер во заминување“, објавува неколку вести од престојот на премиерот Заев во Грција и средбата со грчкиот колега Мицотакис: „Грција е втор најголем трговски партнер на нашата земја“, потоа: „Премиерот во заминување тврди: Грција ќе помогне да добиеме датум за преговори со ЕУ“, па, „Мицотакис до премиерот во заминување Заев: Драг Зоран, името и угледот на нашата Македонија е наш приоритет“, и дека „Грците само што ја регистрираа ’Macedonia the GReat‘, трговска ознака за ’македонски производи‘, потенцираните букви GR се кратенка за Грција“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG