Достапни линкови

Уредување на Преспа за повеќе туристи


Се уредуваат плажите, постојано се испитува квалитетот на водата, а мештаните се надеваат дека туризмот како некогаш ќе го заживее регионот.

Летната сезона започна, а плажата на површина од 500 м2 во Стење на Преспанското Езеро интензивно се уредува. Се носи автохтон песок, се градат пешачки патеки со канделабри, ресторански дел со простор за сервис услуги на туристите крај плажата и пулт во водата. Тениски, но и игралишта за кошарка и одбојка и можност за целосна анимација на посетителите од сите возрасти. Угостителите се надеваат дека со реализација на овој обемен проект ќе се привлечат што повеќе туристи.

Сега сметам дека ќе има малку повеќе, се надеваме, имаме група Холанѓани, сега и наредниот викенд има нова група и мислам дека ќе се подобри и квалитетот на животот.
Миле Наумоски, угостител од Стење.

„Сега сметам дека ќе има малку повеќе, се надеваме, имаме група Холанѓани, сега и наредниот викенд има нова група и мислам дека ќе се подобри и квалитетот на животот“, вели Миле Наумоски, угостител од Стење.

Уредувањето на оваа и уште една плажа на Преспанското Езеро, чини околу 7 милиони денари, обезбедениод Министерството за транспорт и врски. Целта е да се привлечат што повеќе туристи, т.е. да се развие оваа гранка, за која што се чини има и најголема база во Преспа. Во таа насока се преземаат мерки, па се испитува перманентно и квалитетот на водата во езерото. Во Стењенеодамна е отворен Мониторинг центар со лабораторија, во која се испитуваат низа параметри на езерската вода.

„Одиме кон подобрување на квалитетот на водата, се инвестира многу и се прават сите тие работи. Се она што е досега правено во соработка со Хидробиолошки завод во Охрид, сега го преземаме, ќе го правиме овде. Има подобрување, тренд на подобрување на квалитетот на водата“, вели Моника Радевска, хемичар во Мониторинг центарот во Стење.

Многуте мерки кои се преземени последниве години, во Ресен и Преспа, можам да кажам дека направивме многу на планот на заштита на Преспанското Езеро.
Ѓоко Стрезовски, градоначалник на Ресен.

Во рамки на проектот за заштита на езерото набавен и со донација на УНДП и Швајцарската агенција за развој, купен е т.н. еко брод со којшто од разни позиции и длабочини, се земаат мостри, кои потоа се испитуваат во лабораторијата.

„Многуте мерки кои се преземени последниве години, во Ресен и Преспа, можам да кажам дека направивме многу на планот на заштита на Преспанското Езеро, со изградба на системите за одведување на фекалните канализациони води, изградбата на компостарата каде целиот органски отпад кој создаваше голем притисок, врз загадувањето и беше голема опасност за животната средина во Преспа“, истакнува градоначалникот Ѓоко Стрезовски.

Сè на сè, годинава Преспанското Езеро нуди една нова летна разгледница, а мештаните се надеваат дека туризмот како некогаш ќе биде економска гранка, што ќе го заживее регионот.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG