Достапни линкови

„Претседателите на ДЛУМ“ и натаму во битка за сопствена галерија


Со дела на дваесеттина врвни македонски уметници од вкупно 30-те досегашни први луѓе на Асоцијацијата, симболично во среда, на 13 ноември во 14 часот, во галеријата на Уметничкиот центар „Арт хаб“ во ГТЦ во Скопје ќе биде отворена изложбата „Претседателите на ДЛУМ“.

Друштвото на ликовните уметници на Македонија, една од најстарите асоцијации во земјава, во пресрет на својот јубилеј – 75-те години од основањето кој ќе биде одбележан догодина и во очекување на одговорот од институциите во државата околу конечното решавањето на прашањето за сопствена Галерија, се реши на разбирлив исчекор. Да склучи едногодишен договор за јавно-приватно партнерство со ЕКСИМА ДООЕЛ и нејзиниот сопственик Новица Новаковски и на тој начин барем за малку да излезе од т.н „лимбо“ позиција и очекувањето власта да го исполни ветувањето или „некој“ да им ги отвори вратите за планираните изложбени активности. Така сега ДЛУМ на крилјата на взаемно пожелуваната соработка влегува со организација на одреден тип на претставувања (по еден во текот на престојните 12 месеци) во определениот простор во Градски трговски центар за што нема да троши ни денар.

А, промоцијата и отворањето на Галеријата е предвидено да се случи во среда, на 13 ноември, на 75-годишнината од ослободувањето на градот Скопје, со изложбата „Претседателите на ДЛУМ“.

„На градот му требаат урбани простори, му требаат уметнички галерии, му требаат културни настани ... За жал во Градот се помалку ги има таквите настани и токму затоа го одбравме 13 ноември како Ден на град Скопје и затоа оваа Галерија ќе ја отвориме во 14 часот со изложба насловена како „Претседателите на ДЛУМ“. Ова подразбира дека ќе бидат изложени дела на Личеновски, Мартиновски, Коџоман, Чемерски, Масин, Тања Балаќ... некаде 20-на вкупно од 30 творци кои досега ја воделе Асоцијацијата. Нема да имаме од сите бидејќи немаме контакти со дел од семејствата на некои од нив“, вели Филип Фидановски.

Филип Фидановски, претседател на ДЛУМ

Актуелниот претседател и со информација дека наспроти ваквиот потег, тие како Друштво на ликовни уметници и тој како негов најистурен член и во периодов што следува ќе ја продолжат борбата да го добијат своето место во општеството и сопствена галерија во строгиот Центар на градот.

„Симболичка е оваа изложба за да им кажеме на тие што се челници на оваа држава дека еве ви ги тие 30 врвни уметници во коишто се крстите во Националната галерија и се крстите по светот како тие се осново положници на македонското сликарство и кои се бореле за еден сопствен галериски простор, а вие не сте им го дале како држава. Е, па сега треба да го дадете. Тоа нам ние е поентата...е сега дали тие тоа ќе го сфатат тоа е веќе нивно. Но за да немаме застој во ликовните активности ДЛУМ ја прифати пружената рака за јавно-приватно партнерство и заедно да дадеме мало освежување на сцената оти овој простор е сосема поинаков од сите други што сме навикнале да ги гледаме и располага со галериско светло, системи за закачување на делата и барем малку повеќе личи на галерија од сè останато што го знаеме“, појаснува Фидановски.

Во овој контекст а во изостанок на решавањето на горливото прашање за сопствена галерија откако Асоцијацијата своевремено ги изгубила просториите на старото скопско Сајмиште и потем оние што ги користела на ПУИГ, и натаму во позиција да се „задоволи“ само со канцеларијата во Домот на АРМ, политиката на изложувања на ДЛУМ како што ќе рече неговиот актуелен претседател е да ја ужива „привилегијата“ да се презентира онаму каде што ќе стаса и каде ќе најде место. Тој истакнува дека има манифестации со голема традиција како Зимски салон, Годишната изложба ... и дека ниту тој ниту било кој е „повикан да ја прекине таа традиција“.

„Ниту јас, ниту кој било може да ја прекине таа традиција и да каже еве таква е состојбата и нема да има повеќе изложби. Немаме простор, немаме галерија ....и толку. Нема ништо да правиме. Ние мора да продолжиме да функционираме. Знаете дека наскоро ќе се реновира галерискиот простор на Музеј на град Скопје и дека со тоа не само нам ни се стеснува кругот на изложбени сали кадешто уметниците можат да направат нешто. Остануваат само неколку галерии...просторите на Националната галерија, галеријата на Тутунска банка, оние на КИЦ и на МКЦ и толку. Музеј за современа уметност, за жал е затворен музеј за уметниците и ние како ДЛУМ немаме никаква соработка со нив. Пробавме таму да го вратиме Зимскиот салон бидејќи таа манифестација е поврзана со тој простор и таму се одржуваше до пред некое издание...првиот беше во Национална галерија, а потем другите до скоро во Музеј на современа уметност...но не добивме соодветен одговор на нашето барање“, ќе рече Фидановски.

Претседателот со најава дека во декември во галеријата на Уметничкиот центар „Арт хаб“ во ГТЦ во Скопје планираат да го претстават добитникот на наградата за сликарство „Нерешки мајстори“, а во јануари ќе стартуваат и со нов проект.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG