Достапни линкови

Косово не е пречка за воспоставување на „Мини Шенген“


Рама, Вучиќ и Заев на првата средба за „Мини Шенген“.

Воспоставувањето на „мини Шенген“, според упатените е можно, бидејќи станува збор, пред се, за економска соработка и несогласувањата околу Косово не треба да влијаат на тоа. Лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија утре ќе имаат средба во Охрид за иницијативата.

Лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија, Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ викендов ќе се сретнат во Охрид да разговараат за остварување на идејата за воспоставување на „Мини Шенген“. На средбата, како што потврдуваат од Владата, биле поканети и претставници на БиХ, Косово и Црна Гора. Претседателот на Косово, Хашим Тачи, како што информираат од Владата немало да присуствува поради други обврски, а на средбата ќе учествуваат претставници од БиХ и Црна Гора. Aлбанскиот министер за надворешни работи Гент Цакај претходно изјави дека неговата земја ќе се повлече од иницијативата доколку Косово не биде вклучено во соработката.

И кога се формирала ЕУ имало проблеми меѓу одредени земји, но сепак иницијативата од тогаш до денес, обезбедува развој, мир и благосостојба за сите граѓани, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. Тој смета дека има основа за постигнување на договор и не очекува несогласувањата пред се околу Косово да претставуваат проблем за воспоставување на „Мини Шенген“.

„Може и да не се договорат во Охрид, но сепак се забележува дека има добра волја кај повеќето од земјите на Балканот за да ја туркаат напред оваа иницијатива. Ако не на сегашниот состанок, во наредниот период јас сум оптимист дека тој проект ќе успее затоа што другите алтернативи и изолирањето во внатрешните граници, не носело и нема да носи никаков бенефит за државите“, вели тој.


Професорот Лазар Лазаров вели дека Албанија не треба на иницијативата да гледа низ призма на Косово. Но, тој е против нејзиното воспоставување бидејќи тоа ќе значи дека земјите од Балканот ќе останат во дворот на ЕУ.

„Во секој случај економската соработка не им пречи на Македонија, Србија и Албанија и така тие имаат добри трговски, економски односи, како и со останатите соседи. Меѓутоа да се врзуваме ние сега во таа економска зона мислам дека ќе го забави процесот на преговорите и влезот на Македонија во ЕУ. Мислам дека повеќе е негативно од позитивно“, смета Лазаров.

Според Незири, станува збор за добра иницијатива, која ќе овозможи слободен проток на луѓе и стока, ќе придонесе за поголем економски развој и ќе направи еден вид на европеизација на Балканот.

„Ние знаеме дека тука на Балканот границите секогаш претставувале проблем и секогаш биле извор на конфликти така што иницијативата за мини шенген, односно сузбивање на тие граници и овозможување на слободна комуникација меѓу луѓето, меѓу бизнисот и итн ќе овозможи поголема интеграција на регионот и истовремено европеизација што би значело мир и прогрес“, додава Незири.

Ова ќе биде втора средба за иницијативата откако во Нови Сад беше потпишана декларацијата за воспоставување на „Мини Шенген“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG