Достапни линкови

Заев пристигна во Србија на состанок со Вучиќ и Рама


Архивска фотографија- средба на македонскиот премиер Зоран Заев со српскиот претседател Александар Вучиќ, Белград, 2017 година

Премиерот Зоран Заев попладнето пристигна во Србија, а на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ го пречека српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ. Утре во Нови Сад тој ќе учествува на трилатерален состанок со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама.

Како што најавија од Кабинетот на српскиот претседател, по завршување на состанокот, кој треба да започне во 9 часот, тројцата лидери на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе се обратат на медиумите.

Иницијативата за овој состанок на Вучиќ, Заев и Рама потекна од нивната средба на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, кон крајот на минатиот месец. Состанокот, како што беше најавено, е посветен на отстранување на царинските бариери.

Покрај бројните изјави на српските министри за т.н. „мал шенген“, српскиот претседател објаснувајќи ја темата на средбата изјави дека ќе се разговара за идејата за создавање на еден вид „Цефта плус-плус“, додека во најавата за утрешната трилатерална средба, белградските медиуми ја цитираа изјавата на Вучиќ, кој оцени дека станува збор за „епохална идеја“ која добила „целосен консензус“ од премиерите на Северна Македонија и Албанија.

XS
SM
MD
LG