Достапни линкови

Ракетниот систем „Панцир С“ пристигнува во Србија


илустрација

Русија во следните неколку месеци ќе го испорача на Србија ракетниот систем „Панцир С“, согласно потпишаниот договор, изјави денеска директорот на руската Агенција за увоз и извоз на одбранбени производи „Рособоронекспорт“ Александар Михејев. Тој потенцираше дека сè се одвива според планот и нема да има одложувања.

„Ракетните системи се составуваат, а српски специјалци се на обука“, изјави Михејев за руската агенција ТАСС.

Пред десетина дена, на воената вежба „Словенски штит 2019“ во Батајница беше претставен овој ракетен систем. Тој беше донесен како придружен на ракетниот систем С-400. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави дека ова оружје гарантира долготраен мир.

„Панцир С“ е топовско-ракетен систем, кој обединува ракети земја-воздух, два топа со калибар 30 мм, набљудувачки и нишански радар и електрооптички блок за надзор и управување со стрелба. Основна намена на системот е заштита на важни точки, како што се аеродроми, командни места, комуникациски центри и слично. Наменет е за одбрана од авиони, хеликоптери, крстосувачки ракети, беспилотни летала и наведувани бомби.

XS
SM
MD
LG