Достапни линкови

Груби - Франција работи на нова методологија за проширувањето


Артан Груби

Потпретседателката на францускиот Сенат Елен Конве-Муре која е во посета на македонското Собрание пренела дека во Париз се работи на новата методологија за проширување која ќе биде понудена на земјите – членки на ЕУ. Таа тоа го кажала на средбата со претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби. Тој вели дека новите информации се охрабрувачки и дека на тој нов момент би можеле да се гради наративот во време на вакуум помеѓу недонесувањето на одлуката и новиот самит.

На средбата тие разговарале за политичката состојба во државата, но и во Европската унија. Разговарале и за Законот за јавно обвинителство, законот за опојни дроги кој е во собраниска процедура, како и за други реформски закони кои треба да бидат усвоени и имплементирани до следниот самит во Загреб.

Законот за опојни дроги, како што рече Груби, бил споменат во контекст на употребата на европското знаменце и скратената процедура и за тоа дека е потребна многу поголема дебата за тој закон.

„Како што знаете веќе Комисијата за европски прашања не е веќе матично тело за тој закон, туку е во Комисијата за здравство, која всушност не ја ни започна дебата за тој закон. Мислам дека можеме да дојдеме во ситуација Владата да го ревалуира текстот на предлог-законот“, рече Груби.

Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски по средбата со потпретседателката на францускиот Сенат Елен Конве-Муре изјави дека додека се чека на новата методологија за проширување Македонија треба да продолжи да работи на реформите.

„Тоа што беше истакнато е дека Македонија треба да продолжи да работи на реформите кои се значајни, а во овој контекст на условно речено предизборни активности да има и добри демократски избори и врз основа на сите стандарди на ОБСЕ и ЕУ, што би било уште еден поен плус во самиот имиџ на државата и да биде чекор поблиску до ЕУ“, рече Милошоски.

XS
SM
MD
LG