Достапни линкови

Анѓушев негира влијание врз одлуката за замрзнување на прогресивниот данок


Архивска фотографија- вицепремиерот Кочо Анѓушев

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес конференција одговорајќи на новинарски прашања негираше каква било вмешаност во одлуката на Владата да го замрзне прогресивното оданочување на пресоналниот данок на доход. Тој вели дека одлуката е на Министерството за финансии кое ги правело анализите кои, како што рече, тој ги видел на владината седница.

„Немав никакво влијание во носењето на оваа одлука“, тврди Анѓушев.

Вицепремиерот одби да ги коментира и критиките од поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски и неговиот советник додека беше министер Бранимир Јовановиќ во чие време се воведе прогресивното оданочување.

„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ. Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ“, напиша Тевдовски на Фејсбук.

Во петокот министерката за финансии Нина Ангеловска соопшти дека прогресивното оданочување се става во мирување во следните 36 месеци и се враќа старото од 10 проценти. Одлуката ја образложи со резултатите од направената анализа според која прогресивниот данок направил незначителен ефект врз подобрувањето на нееднаквоста, а некои од даночните обврзници одлучиле дел од доходот да го префрлат на други лица за да не го надминат прагот.

Вчера премиерот Зоран Заев рече дека прогресивниот данок не ги дал очекуваните резултати од причина што земјава е опкружена од земји каде што даноците се многу ниски и генерално имаат рамен данок.

XS
SM
MD
LG